Непријавената работа или “работата на црно” е еден од најактуелните проблеми во македонската економија. Одредени фирми, обидувајќи се да ги избегнат даноците и плаќањето на придонеси за вработените, истите ги држат во илегала.

Дел од вработените пак, мислејќи дека тоа им е единствена опција во борбата за опстанок, се решаваат да работат непријавени. Тие не го земаат во предвид тоа дека непријавената работа значи и дека немаат пристап до социјално осигурување и дека не им тече стаж кој е потребен за да се оствари правото на пензија.

Редакцијата на порталот „Работник“ дозна кај колку работодавачи била констатирана непријавена работа во 2021 и 2022 година.

Од ДИТ посочија дека во 2021 година, непријавена работа била констатирана кај вкупно 105 работодавачи. Решенија биле издадени за 194 вработени кои немале регулиран работен однос.

Во 2022 година, заклучно со месец јули, работа на црно била констатирана кај 80 работодавачи, а кај 113 лица бил откриен нерегулуран работен однос.