Голем број од архетиповите во однос на херменевтичките наративи се занимаваат со прашањето за погледот кон минатото или кон иднината. Идејата за патување со временска машина, секогаш тргнува од една точка, а тоа е сегашноста кон која се прави осврт доколку се патува кон иднината или кон минатото. Во суштина, секој поглед кон минатото или поглед кон иднината е всушност желба што поеклатантно да се претстави сегашноста. Феноменолошките концепти за времето, тврдат дека центарот на кружницата наречена време, е секогаш сегашноста. Дури и кога ја замислуваме иднината или се навраќаме кон спомените, секогаш тоа го правиме СЕГА, во овој актуелен момент, од позиција на сегашност. 

И додека минатото е тоа што се декодира преку археолошкото сведоштво, материјални и цивилизациски траги, интерпретативи на историските науки, иднината може да биде достапна само низ уметноста и низ мисловната гимнастика, наречена филозофија. Уметноста и филозофијата нудат слобода во поглед на правила на изведување заклучоци, употреба на техники за утврдување на вистината, епиризмот и позитивизмот се надвор од филозофската методологија и од уметноста, па затоа и футуризмот како системски пристап кон иднината е врзан за филозофијата и уметноста.

Иднината отсекогаш била предизвик за човекот, а многу наративи го испитуваат токму сценариото како би било кога човек од иднината ќе сварати со временска машина до сегашноста и од перспектива на човек од иднината ќе не погледне нас? Такво сценарио ретко говори нешто за човекот од иднината и скоро секогаш е есеј за детекртирање на главните состојби кои го засегаат современиот човек. Но, од денешна перспектива да се говори за иднината, значи значително да се застапи улогата на вештачката интелигенција и нејзината улога во животот на човекот. Во две различни сценарија, ВИ се појавува како позитивна и / или како негативна појава за човечкото општество. Во позитивната варијанта, ВИ значително ќе го олесни животот на човекот, преземајќи ги и олеснувајќи ги сите трудови дејности со кои моментално се занимава човекот, кој инаку треба да има доволно слободно време што ќе го троши на уметност, филозофија и наука. Ова сценарио за ВИ влече корени од замислата на Карл Маркс за улогата на машините во производството.

Второто сценарио се однесува на целосна замена на улогите на ВИ и човекот, при што човекот е пасивен чинител кој се објективизира во заедницата со ВИ, додека ВИ е таа која се занимава со уметност, произведува филозофски мисли, може да поставува научни хипотези, да спроведува научни истражувања и тестира резултати. Човекот би се занимавал со сервисирање на деловите потребни за ВИ да биде способна да ги работи сите горенаведени дејности, односно човекот би се ставил во служба да и овозможува услови за опстанок на ВИ како лидер на полето на прогресот. Претставниците на Франкфуртската школа оваа појава ја нарекуваат „реификација“ или постварување на човекот во однос на производството, опстанокот на човечката заедница и ставање на човекот во служба која му носи статус на робство.

Идејата за постварување на човекот, ставање на човекот во служба на машините, роботите, сега и ВИ не е воопшто нова идеја. Од постанокот на орудјето како главна специфична одредба на човекот, владее дилемата дали човекот ќе го употреби или злоупотреби орудјето, дали орудјето ќе му служи на човекот или тоа постои само затоа што човекот го користи и одржува. Точката на субјектот зависи од интерпретацијата, или како што ќе заклучи Борхес во неговиот есеј „Паскаловиот круг“ од 1951 година

Историјата на светот е смена на интонација на истите метафори

 

Затоа и прашањето за тоа која ќе биде улогата на ВИ можеме да го гледаме низ дијалектиката на оптимистот и песимистот, низ призма на навиваштво или низ призма на целосен скептицизам кој во трка за автентичност секогаш прокламира враќање кон природата. Што и да се каже за ВИ единствено извесно е дека е прашање на избор кој правец ќе го фатите, односно што ќе одлучите да застапувате. Она што засега е познато за ВИ на никој начин не е гараница во кој правец ќе се етаблира ВИ во човечката заедница.

На крајот, секој говор за иднина е само пророштво. Кога зборувате за знаење кое е затворено во науката како најсилниот авторитет на знаење, тоа секогаш мора да се заснова на емпирија. Емпиријата не се изведува од нешто што не се случило, а тоа што допрва треба да се случи. Иако одредени мислители, како Карл Манхајм тврдат дека социологијата како наука може да предвиди одредени појави и со тоа има поголема креативност во однос на сите други науки. Но предвидувањето, сепак не е метода која науката како заедница великодушно ја прифаќа. Ако се занимавате со предвидување вашите зборови имаат еднаква тежина како пророштвата на делфиската пророчица Питија во критиките на академската заедница. Затоа говорот за ВИ денеска треба да го гледаме како борба на ставови помеѓу групи кои ги застапуваат во јавниот дискурс, а не како референца која има значајна основа во знаењето.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов