Министерството за образование и наука информира дека на eлектронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик изминатите два дена пристигнале 10-тина пораки. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки – соопштија од МОН.

Училиштата, се подвлекува во соопштението, мора да бидат безбедна средина каде ќе се одвива воспитно-образовниот процес. Затоа, Министерството за образование и наука ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.

Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.

Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите. За да успееме во активностите за заштита и правилен развој на нашата младина, ги повикуваме и родителите да земат активно учество, воспитувајќи ги своите деца на толеранција, ненасилство како и почитување и разбирање за различните од себе. Само со заеднички напори на сите чинители во воспитувањето и образувањето на децата можеме да се избориме за здрава младина и безбедни училишта – соопштија од Министерство за образование и наука.

ИЗВОРНова Македонија
претходниот член,Од утре повторна промена на временските услови и пад на температурите
Следната статијаКлиматолозите предвидуваат нови рекорди на температурите во 2023 година на глобално ниво

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде