На локалитетот „Косто бачило“, во Националниот парк „Галичица“, на површина од околу 90 хектари се наоѓа репродуктивниот центар за европски елен.

Во моментот таму живеат 100-тина единки, а дел од стадото деновиве ќе биде пуштено надвор од оградениот простор, сами да продолжат во природата. Ќе претставуваат атракција за љубителите на планината и ќе привлечат поголем број посетители во НП „Галичица“.

Две ипол метарската жичена ограда ги штити од дивиот и за нив суров свет. Тоа го покажуваат и честите посети на волци околу оградата, а имало и случај кога мечка ја срушила заштитната ограда во обид да влезе во стадото.

Склад за храна, хранилки, голема локва, односно поилиште за вода се дел од сликата меѓу разиграното стадо. Поголемиот дел се подготвени сами да егзистираат во дивината, но во стадото има и мали, кои ќе продолжат да растат во хумани услови и човечка грижа.