Крвната плазма земена од оздравени пациенти не треба да се користи во третманот на луѓе заболени со ковид-19, а кои имаат лесна или умерена болест, соопшти Светската здравствена организација. Плазмата покажа рано ветување кога се даваше интравенски на заболените од ковид-19.

Но, СЗО сега вели дека тековните докази покажуваат дека тоа не ги подобрува изгледите за преживување, ниту ја намалува потребата за механичка вентилација, како и дека е скапа, а одзема време да се администрира.

Се дава силна препорака против употребата на крвна плазма кај луѓе кои немаат сериозни симптоми на ковид-19, но дури и за пациенти со тешка и критична болест, третманот треба да се дава само како дел од клиничко испитување.

Реконвалесцентната плазма е течниот дел од крвта од пациент кој прележал ковид-19, кој содржи антитела произведени од телото откако бил заразен. Тоа беше еден од низата потенцијални третмани испитани на почетокот на пандемијата, но покажа ограничена корист во клиничките испитувања.

СЗО соопшти дека нејзините последни препораки се засновани на докази од 16 испитувања во кои биле вклучени 16.236 пациенти со нетешка, тешка и критична инфекција со ковид-19.