Девојчињата често добиваат повисоки оценки од момчињата со исти академски способности, покажа ново истражување.

Италијанските научници спроведоа анализа на работата на десетици илјади ученици и учители, односно наставници, и сфатија дека се работи за проблем внатре во системот.

Резултатите од студијата, објавени во списанието „Британски журнал за социологија и образование“ (British Journal of Sociology of Education), укажуваат на тоа дека наставниците веројатно потсвесно ги наградуваат оние ученици со однесување кое традиционално се припишува на женскиот род, како тишина и уредност.

Втора можност е тоа дека подобри оценки по математика им се даваат на девојчињата за да ги охрабрат затоа што, инаку, тие се доживувани како полоши по тој предмет, пишува „Скај њус“.

Оваа пристрасност при подучувањето кон момчињата може да значи разлика меѓу преминување или пад на таа година и да има лоши последици при запишување на факултет, избор на работа и висината на заработката, предупредуваат стручњаците.

Постои силна корелација меѓу повисоките оценки и пожелниот исход од образованието, како што е упис на добри факултети, вели едукациоскиот психолог Иларија Леворе.

Разликата меѓу резултатите од тестирањето

Научниците од Универзитетот Тренто почнале со истражување поради резултатите од тестирањето кои покажале несогласување меѓу оценките на стандардизираниот национален испит и оние кои ги доделуваат наставниците.

При националниот испит, девојчињата вообичаено биле подобри од момчињата во хуманистичките науки, како јазици и читање, додека момчињата биле подобри во математика. Но, кога наставниците сами оценуваат, ученичките се подобри во сите предмети.

Стручњаците ги споредиле резултатите кои 38.957 ученици во втора година од средното училиште, кои ги добиле на стандардизираните национални тествои по италијански јазик и математика, со оценките кои ги постигнале на испит во класот. Стандардизираните тестови се изведуваат на национлано ниво и се оценуваат анонимно.

Во согласност со претходните истражувања, девојчињата биле подобри од момчињата во стандардизираните тестови по јазик, додека момчињата предничеле во математика.

Но, при полагање на класичните испити кои ги составиле наставниците, девојчињата биле подобри по двата предмета. Анализата, исто така, покажала дека во случај ученикот или ученичката да имаат еднакви способности по некој предмет, девојчињата обично добиваат повисока оценка.

Кои фактори може да влијаат на разликата во оценките?

За да истражат што може да стои зад оваа разлика во резултатите, научниците зеле во предвид повеќе фактори, од видот на училиштето до големината на класот.

Исто така, ги проучувале карактеристиките на наставниците, како и нивното искуство и нивниот пол.

Единствен фактор што можел да има некакво влијание, се покажало кај математичките предмети. Утврдено е дека родниот јаз во оценките е поголем, кога во класот има повеќе ученици, како и дека девојчињата предничат во техничките и академските школи.

Ни еден од останатите фактори немал значително влијание на намалување на јазот во оценувањето меѓу половите, што ги навело истражувачите да предупредат на проблем внатре во системот, односно на можната пристрасност на наставниците.