Поставување на фотонапонски панели на земјоделско земјиште од класа пет до класа осум се предвидува со измените на Законот за земјоделско земјиште, кои се во завршна процедура.

Според изработувачите Законот се заснова на истите цели – рационално користење на земјоделското земјиште, заштита на земјоделското земјиште, обезбедување на правна сигурност на корисниците на земјоделското земјиште во државна сопственост под закуп.

Целта на предлог е измена и дополнување заради доуредување на постојните законски одредби и воведување на нови законски решенија кои се однесуваат на рационално користење на земјоделското земјиште, неговата заштита како и воведување на нови поими и доуредување на одредни постапки.

Со измените всушност се создава можност за искористување на земјоделското земјиште во производството на електрична енергија. Имено во членот 51-а став 1 по зборовите „обработка на земјоделски производи“ се додаваат зборовите „фотонапонски панели“.

Ставот се менува и гласи:

Кон барањето за издавање на одобрение за изградба на градбите од ставовите 2 и 3 на овој член се поднесува: уверение за државјанство за физичко лице, односно извод од централен регистар за правно лице, доказ за сопственост или договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост или договор за користење на пасиште во државна сопственост, копие од катастарски план за катастарската парцела на која треба да се гради објектот, оранжеријата или фотонапонските панели, основен проект за објектот, оранжеријата или фотонапонските панели на кој е извршена ревизија, согласност од Министерството за градење на објектот, оранжеријата или фотонапонските панели на кој е извршена ревизија, доказ за решени имотно-правни работи доколку со основниот проект се предвидува поставување на придружни објекти на фотонапонски панели (подземни и надземни електрични водови и помошни инсталации) на земјоделско земјиште кое не е предмет на договорот за закуп или кое не е во сопственост на инвеститорот (само за изградба на фотонапонски панели), геодетски елаборат изработен од страна на трговец поединец-овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи, со кој се определени катастарските податоци со точни мери и граници на земјоделското земјиште на кое се предвидува изградбата на фотонапонски панели (само за изградба на фотонапонски панели) и овластување издадено од надлежен орган, доколку согласно прописите за енергетика е предвидено овластување за изградба на фотонапонски панели(само за изградба на фотонапонски панели).