Анде Јанков е еден од оние современи македонски писатели кои доследно и трпеливо го градат својот книжевен свет, без брзање и без компромис со сопствените вредности.
Како автор на прозни дела што припаѓаат на трилер и крими жанрот, тој успева да создаде веродостојни приказни цврсто вкотвени во македонскиот контекст, а истовремено да отвори универзални прашања за моралот, правдата, вистината и човековата природа.
Во разговорот што следи, Јанков искрено зборува за писателството како професија, за предизвиците на издавањето, за жанровските предрасуди, но и за дисциплината и духовната димензија што стојат зад секое сериозно книжевно творештво.
Често ве прашуваат дали сте автор или писател. Како вие лично ја доживувате оваа поделба и каде се позиционирате меѓу овие два поима?
-Сѐ почесто го добивам ова како прашање од страна на новинарите, и сѐ повеќе мислам дека не може човек да направи јасна разлика помеѓу двата термини. Зошто? Бидејќи ова што јас го пишувам веќе десет години припаѓа под палката на прозно творештво, што е неминовно дел од писателството како професија.
Од друга страна пак, со самото тоа што човек влегува во креативен процес при било која уметност се јавува како автор на сопствените дела. Така што, честопати наоѓам една златна средина па кажувам дека сум романсиер или прозаист, и на тој начин ја избегнувам таа недефинирана дихотомија помеѓу поимите автор и писател.
Пишувањето романи го нарекувате ваша секундарна професија. Колку е тешко денес да се опстои како писател во Македонија и дали љубовта кон пишаниот збор е доволна?
-Пишувањето на романи е секако моја секундарна професија. Со самото тоа што се зафатив да пишувам еден подолг серијал на книги, неминовен беше моментот на впуштање во континуиран процес на творење на приказни.
Е сега, прашањето за тоа дали од оваа професија може да се опстојува во нашата држава е горчливото апче кое што секој еден писател мора да го проголта доколку сака да продолжи со љубовта кон пишаниот збор.
Колкава е улогата на самиот писател во промоцијата и маркетингот на книгите, особено ако се спореди самостојното издавање со издавањето преку издавачка куќа?
-Ова најмногу би зависело од тоа со каков тип на издавање се занимава одреден писател. Доколку реши сам да ги издава своите книги (без поддршка од издавач), тогаш одговорот би бил апсолутно да.
Доколку пак, се оди по постандардната линија на издавање преку издавач, тогаш сепак обврските се разводнети на повеќе чинители, но сепак писателот е тој кој што во голем број од случаите е задолжен за маркетиншкото присуство на пазарот доколку сака да е актуелен и читан.
Зошто токму трилерот и крими жанрот се ваш избор и дали сметате дека тие се „машки“ жанрови?
-Уф, не верувам дека родовата поделба налага да мажите се позастапени како творци во овој жанр.
Дури мислам и дека во моментов во Македонија има повеќе женски писатели отколку машки кои се активни во овој жанр.
Тоа што мене ме натера да го изберам трилерот и крими жанрот како носечки во кои ќе творам се две причини: прво, предизвикот да се создаде веродостојна приказна која што ќе ги исполнува тропите на жанрот, а ќе биде типична за едно наше поднебје, преку сместување на дејството претежно во Македонија и секако претставување на домашни ликови.
Втората, можеби, потсвесна желба, беше да се одбере тип на приказни, кои би овозможиле преку наративот да се зборува за вредности кои што во принцип се содржат кога се твори во овие жанрови: моралност, правда, вистина и слично.
Колку се оправдани предрасудите кон жанровската литература?
–Кога станува збор за литературата, постојат секакви предрасуди. Тука, несомнено се вбројува и жанровската литература како еден од трите видови на дизајн на наративот. Тоа што е важно, според мене, без разлика дали станува збор за писател или писателка, е човекот позади перото подеднакво добро да ги владее двата елементи на предизвикување на емоции кај читателот – делот на размислување и делот на (со)чувствување.
Одредени жанрови (кои само колоквијално можеме да ги наречеме феминистички) секогаш ќе му даваат предност на чувствувањето (на пример романса и драма), додека една друга група на жанрови би припаѓале на другата дихотомија на размислување и потрага по вистината (мистерија, трилер, крими). Па, сепак, како што спомнав, највредните литературни дела мораат да го содржат и едното и другото во одредена мера, за раскажувачот да допре до што е можно повеќе емоции кај читателот.
Каде ја гледате моќта во односите меѓу луѓето и во чинот на прошката и како тоа е прикажано во вашите дела, бидејќи меѓу другото се занимавате и со простувањето и другите етички дилеми и парадокси?
-Секогаш моќта се наоѓа на страната кај оној на кого му се обраќаат или го бараат. Тоа е таа класична поделба на вниманието за која што зборува Џозеф Кембел во повеќе од неговите дела.
Кога станува збор за прошката пак како концепт, верувам дека моќта можеби лежи на страната на оној од кој што се бара прошка, а propos тоа што веќе го кажав во претходната реченица; меѓутоа, близината до Бога и вистинскиот душевен мир секогаш ќе биде на страната на оној кој што побарал прошка.
Со што би се занимавале доколку не бевте писател?
-Доколку не бев писател, сигурно ќе се занимавав со нешто што е блиску до самата книжевност (превод, новинарство и сл.). Иако, тоа што ми е се уште неостварена желба како професионало занимање е учителството, за кое доколку човек размисли добро, има многу допирни точки со пишувањето како професија, од аспект на тоа дека и на двете места човек настапува како поседувач на некакво знаење, кое преку интеракцијата помеѓу автор и читател или наставник и ученик ќе биде споделено со поширока група на луѓе.
Што е клучно за опстојување во писателската професија?
-Талентот да се умее со зборови и разбирањето за човековата психа меѓу другото се разбира дека е појдовната точка за човек воопшто да се осмели да се нурне во овие води. Меѓутоа, тоа е само иницијална каписла на ова што ние го работиме.
Потоа доаѓа потребата за нешто вредно да се сподели со останатите, да се дојде до некоја поголема вистина за светот околу нас, која што честопати и самиот автор не ја поседува во моментот на создавање на приказната во неговата глава.
Дури и желбата не е клучниот чекор за опстојување во ваква една професија. Најважна е дисциплината, односно стекнувањето на континуитет и наоѓањето љубов во секојдневно пишување, бришење, коригирање, уредување и живеење со имагинарни ликови во сопствената глава. Ете, тука лежи зајакот.
Како ја оценувате современата македонска книжевност и нејзиниот потенцијал?
-Ваквото прашање би го поврзал и самите разно-разни жанрови кои постојат уште од дамнешни времиња. Секој еден жанр во себе инхеретно содржи одредени теми и вредности кои мора да се третираат доколку се твори во него. Земајќи го тоа во предвид, мислам дека во нашата современа литература, полека но сигурно, доаѓаме до сѐ поголем замав во портретирањето на теми за кои порано немало начин како да се зборува, бидејќи и самата наша книжевност била во своевиден зародиш, преку секојдневното излегување на нови автори кои се осмелуваат да творат во најразни жанрови, или истите да ги комбинираат и на тој начин да создадат нешто уникатно и свое.
Преку таквиот настап, и самите тие ќе станат претставници на нашата современа книжевност дома, а преку можноста за превод и стигнување до поширока регионална, европска и светска публика и пред целиот свет. За таа цел мене посебно ме радуваат се повеќе автори кои творат во жанровите на научна фантастика и фантазија, и од тоа што го имам прочитано мислам дека тие можат да се носат рамо до рамо со нивните современици од останатите книжевности низ светот.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов





















