Дел од православните христијани денеска, на 25 декември, го празнуваат Христовото раѓање – Божиќ, следејќи го Грегоријанскиот, односно реформирниот јулијански календар. Станува збор за помесни православни цркви кои во текот на 20 век го прифатиле овој календар за фиксните празници, со што датумот на Божиќ се совпаднал со оној што го користи и Римокатоличката црква.
Меѓу православните цркви што го празнуваат Божиќ на 25 декември се црквите под духовно водство на Вселенска патријаршија, како и Грчката, Романската, Бугарската, Кипарската, Албанската, Антиохиската и Финската православна црква. Овие цркви го користат т.н. нов јулијански календар, кој за фиксните празници целосно се поклопува со Грегоријанскиот календар.
Од друга страна, значителен дел од православниот свет и натаму се придржува до стариот Јулијански календар, според кој Божиќ се празнува на 7 јануари. Така, Божиќ во јануари го слават верниците на Српска православна црква, Руска православна црква, Македонска православна црква – ОА, Грузиската православна црква и Ерусалимската патријаршија.
Разликата меѓу 25 декември и 7 јануари произлегува исклучиво од календарското сметање на времето. Јулијанскиот календар, воведен во времето на Јулиј Цезар, со векови акумулирал астрономска грешка, поради што во 16 век бил заменет со попрецизниот Грегоријански календар. Дел од православните цркви ја прифатиле реформата, додека други, од пастирски и традиционални причини, останале на стариот календар.
Од православно-канонски аспект, не постои „погрешен“ или „неисправен“ календар. И Јулијанскиот и реформирниот јулијански (Грегоријански) календар се прифатени во Православната црква, а разликата е административна, а не догматска. Суштината на празникот – Христовото раѓање – е иста за сите православни христијани, без оглед на датумот на кој се слави.


















