Подолго време сликарот Борис Петров (роден 1935 во Гевгелија) е активно присутен во македонскиот ликовен живот. Тоа докажува дека овој уметник постојано одржува контакт со ликовната, чисто сликарската работа. Во ликовната перцепција кај Петров може да се забележи една мелодиска сликарска авантура и егзалтација во која, белата површина е израз на едно ирационално внатрешно чувство со кое ги комбинира и гради своите сложени соодноси и композиции.

Таквата лирска медитација е особено воочлива во циклусот масла на платно кои носат наслов „Импресии”,  со кои тој го потврдува своето визуелно мислење во однос на неговото сликарство. Напоеноста на целата слика е јасен показ дека уметникот го креира својот имагинарен свет со развој на својата смисла за боја и композиција, со фактура медитативно расчленета и со посебна емотивна исполнетост и страст.

Основен мотив за создавање на поглем дел од неговите слики се импресиите од природата и пејзажите на Дојранското езеро, во кои ја покажува моќта на својата естетска перцепција и искусните сликарски потези. Планинските пејзажи, јасните испрлепетени бои и структури укажуваат на издвоеност од чистата апстракција.

Белината, попрсканите пруги и преоди, траги од едно вкрстување, сенки и фини хармонични потези со четката во прв план, Борис Петров ги изведува на полетен начин, така што делото истовремено навестува мир и пејзажна заокруженост која го опфаќа моментот на времето. Неговите творби може да се дефинираат како спонтани слики кои се создадени од сегментот на моментален кадар забележан во природата што е стилски близок на лирскиот експресионизам, уметнички правец кој најповеќе одговара на карактерот и ликовниот јазик на овој сликар.

Апликацијата на бојата е чисто експресионистичка која ја контролира со стилизирана контура. Сината, жолтата, црвената и зелената, претставуваат елементи на универзалност што овој автор настојува да ја постави во насликаното дело. Всушност, кога ги набљудуваме неговите дела не се напрегаме нешто да сфатиме, т.е. неговите слики се дел од необјаснив инстиктивен потег, или продолжение на раката што завлегува во подлабоки сфери на креативен механизам и процес кај уметникот.

Посебно место овде и се дава на играта, иманентна на човековата природа, сфатена како потреба за поставување на објектите и боените структури во најразновидни односи што се повторно елемент на еден креативен процес. Оттука, преовладувачки тон и атмосфера во овој циклус на слики имаат романтичното и поетичното на неговата интима со интерес за доловување на извесна материјалност на предметите.

Борис Петров во сопствениот сликарски ракопис без некакви пречки го следи својот творечки импулс, кој е изразито спонтан и медитативен. Впрочем, од ваквото креирање произлегуваат флуидноста, чистиот сјај, музикалноста и свежината што го нуди неговиот интензивен колорит. Овие т.н. разлеани тонски или колористички партии градат една сликарска арабеска, ракопис кој се препознава.

Неговото развиено чувство за рафинман на бојата и грижливиот однос кон композициско решение, како немир и барање, единствено може да доведе до позитивен резултат.

Автор: Марија Стојческа