Ако не си член на десничарска партија на која зборот македонштина и е лосион за плакнење уста, ако не се залагаш за очувување на пагански обичаи што ги толкуваш како христијанство, ако не правиш ефтина забава за дијаспората доживувајќи се како политички фактор и ако немаш знаме од Кутлеш дома, тогаш дефинитивно не си патриот.

Ако татко(вината) ти е примарно надворешно обележје, ама имаш амбивалентен однос со татко ти, ако не си направил ништо за твојот народ освен што си го напуштил, ако имаш неколку лажни профили од кои жустро коментираш на се што ти се чини не-патриотско, тогаш си реален патриот.

Патриотите во Македонија се залагаат за традиционални вредности и зачувување на националните симболи и историјата. Тоа значи, да се пие ракија, наместо узо, да се јаде македонска салата наместо грчка, да се зборува за некое време кое е подобро само затоа што одминало иако немаме поима каков бил животот во него, да се знае химната на Македонија (но само делумно) и секако да се честита денот на македонските просветители, задолжително на латиница.

Ако не си поборник на таа традиција и историја, ама на пример, знаеш историја на филозофија, историја на уметност, ги знаеш културните наследства на територијата на Македонија, ги познаваш стандардите на литературниот јазик, си го читал Конески, знаеш да ги цитираш браќата Миладиновци, тогаш си ИЗРОД, новокомпонирана багра, образованието те расипало, поготвен си да ја продадеш државата во која тие кои те напаѓаат и одамна не живеат.

Понекогаш да си патриот во Македонија значи и да имаш бугарски пасош, а да ги мрзиш Бугарите поради спорот, да одиш на одмор во Грција и да ти тресе во гаќите да кажеш дека си од Македонија, да ги мрзиш сите соседи, ама со нив да пиеш кафе и да правиш зделки, обавезно да причаш српски ако има барем еден кумановец во твое друштво.

Да си патриот во Македонија значи и да не знаеш како се вика селската црква во која одиш само за Велигден, ама да го постиш секој празник строго на ракија и посна салата. Од кинематографија на Македонија да знаеш само „Битка на Неретва“, да имаш отидено еднаш на театар да гледаш комедија, да читаш само странски автори, да пиеш само „Хајникен“ наместо „Скопско“, да плукаш по другите бидејќи они се јадрото и лицето на „македонска работа“.

Автоперцепцијата за еден патриот во Македонија е и да го покажеш својот патриотизам со тоа што ќе ги мрзиш сите (без посебна причина), наместо да покажеш колку го сакаш својот народ и држава. Во Македонија патриоти се тие кои дебело го наплаќаат својот патриотизам, со раскошен говор на омраза кон другите.

Не е патриот оној кој цел свој живот предавал македонски јазик и литература и описменувал генерации и генерации македонски деца, ама патриот е оној што на дијлект неразбирлив дури ниту за оние од соседното село, за професорот по македонски јазик ќе напише дека е GOVEDO APASKO.

Ни случајно не е патриот оној што на поетски собири ќе донесе 200 луѓе публика од целиот свет во Македонија и ќе ги запознае со македонското културно богатство, ама патриот е оној што не може ни 20 души да собере на политички протест.

Патриотизмот, лингвистички гледано е само една именка, која на Македонците им создава многу проблеми, таква ни е по се изгледа судбината, не смеам да кажам кармата, да не ме спалат на плоштад како не – Македонка. Ние отсекогаш имаме проблем со имињата, со јазикот, со обележјата, со идентитетот.

И да не велам дека во нас е проблемот, таман работа, се ни е тоа, црна магија, оваај лоша намера од другите, најчесто од соседите.

Во Македонија секој патриотизам многу чини, ако си патриот, ги чиниш многу оние кои те плаќаат, ако не си патриот, чиниш многу за оние кои благодарение на тебе наплаќаат.

Автор: Магдалена Стојмановиќ