На 20ти Ноември во 1954 година на Генералното Собрание на Обединетите Нации донесена е одлука овој датум да биде обележуван како светски ден на детето и со цел поттикнување разни активности и иницијативи за унапредување на правата на детето.

Но и покрај тоа што се донесени Конвенцијата за заштита на правото на детето и други меѓународни правни акти со кои се одредуваат правата на детето, но и гарантираат, секој член на општеството и потесната заедница има обврска да се занимава со детето и да ги открие правилните начини да му пристапи на детето.

Оваа одговорност особено ја имаат педагозите, или членовите на општеството и институциите делегирани да ја извршуваат педагошката работа, но и родителите како првиот и непосреден агенс на социјализација вклучен во животот на детето уште од почетокот на неговиот живот. По повод Светскиот ден на детето, ви издвојуваме неколку важни лекции кои треба да ги совладаме со цел да го почитува спроведувањето на детските права, но и да оформиме правилен педагошки пристап кога се во прашање децата.

  • Детето има своја индивидуалност и личност 

Без разлика на тоа што детето нема заокружена личност и не е довршена развојна целина, детето има личност и кон него треба да се однесуваме со должна почит. Тоа значи да ги уважуваме неговите желби, да ги исполнуваме доколку располагаме со капацитети да одговориме на желбите, да објасниме зошто некои желби се нереални, но и да ги оставиме децата да направат избор и по тој избор да понесат одговорност.

Децата уште од најмала возраст треба да согледаат дека со своите одлуки и постапки предизвикуваат некои настани, случки и појави за кои треба да прифатат одговорност. На тој начин ќе превенираме да дојде до неразумни одлуки, но и детето од најмала возраст ќе научи дека постои детерминизам и каузалитет. Детето има моќ да предизвика промени во реалноста, а поттикнување на свест за контрола на својата моќ и правилно насочување треба да започне со педагошко насочување од најмала возраст кога тоа ќе развие свест за сопствено „јас“.

  • Повредата на интегритетот на детето произведува пасивни и послушни возрасни единки

Доколку го почитуваме интегритетот на детето од најмала возраст, физичкиот како и личносниот, ќе му помогнеме на детето да се бори за себе и за своите права како возрасна единка. Доколку постојано му ја газиме волјата, индиректно му испраќаме порака дека околностите треба да ги прифати субмисивно онакви какви што се, наместо да се труди да ги промени и да обезбеди пополезна средина за себе.

Со прекршување на интегритетот на детето, наместо проактивни поединци со критичка свест, создаваме пасивни послушници, кои наместо да се борат за својата добробит, ќе бидат добра алатка за туѓа злоупотреба.

  • Слободата е најважна 

Секое дете ужива во слободата. Слободата е давање можност детето да ги научи самостојно најважните животни лекции и да изгради стабилна личност.

Доколку родителот или педагогот е премногу авторитарен, му ја ускратува на детето слободата да има своја личност. За жал голем број од родителите или педагозите градат патолошка врска со децата, па наместо како независни индивидуи на нив гледаат како на своја алатка или своја продолжена рака.

Важно е да запомниме дека децата се индивидуи за себе, а нашата улога е да бидеме медиум во пренесување само на знаењата, вештините и искуствата во кои сме навистина сигурни.

Не дозволувајте да го „давите“ детето со разни проповеди, недокажани вистини, традициски раскажувања и сопствени верувања кои немаат никаква врска со гаранцијата во правилен психо-физички развој. Оставете го да одбере во што ќе верува и што низ животот ќе го докажува и потврдува како факт.

  • Ограничувања само кога е неопходно

Наместо детето да расте со долга листа на ограничувања на тоа што не треба или треба да го прави, потрудете се да му поставите ограничувања само кога е неопходно, кога е животозагрозувачка ситуација или настан кој се коси со социјалните норми и ги прекршува правата и слободите на другите.

Некои педагози и родители буквално ги воспитуваат и растат децата на „не“ и секој нивен одговор е однапред предвиден бидејќи со поставување на ограничувања важно е да си го потврдат својот авторитет, наместо да произведат полезна педагошка ситуација од која детето може да согледа и научи.

Можеби и најголемата вештина во воспитување на децата е точно да знаете кога и на кој начин да поставите граници, во кои вашето дете ќе ужива слобода, но сепак ќе има простор и да учи дека надвор од тие граници движењето е недозволено од оправедани причини.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија

 

Можеби ќе ве интересира: