Киро Ристов е македонски археолог, автор и научник кој во својата досегашна работа учествуваше во спроведување на клучните археолошки теренски истражувања низ Македонија, а својата практична дејност ја примени и во унапредувањето на археолошките теории и научно-истражувачка работа во подрачјето на археологијата. 
Киро Ристов, македонски археолог, истражувач и автор

 

Неодамна ја објави својата нова авторска книга „Смоквица, населба, население и генеалогија“ која е резултат на долгогодишно истражување со примена на методолошките постапки, кои на располагање ги дава археологијата со цел да ги открие културните специфики, општествениот контекст и колективните белези на населението во Смоквица.

Во интервју за „Мој збор“ Киро Ристов открива како археологијата се применува во откривање, прикажување и толкување на општествената слика на едно подрачје, кои се спецификите на Смоквица поради кои се определил своето истражување да го фокусира токму на овој реон, но и што е тоа што може да се дознае за семејствата, па и поединците кои денеска живеат на територијата на Смоквица преку семејната генеалогија.

Промоција на книгата „Смоквица – населба, население и генеалогија“

1. Што се родословите на едно географско подрачје и што се сознава преку нивна методолошка примена во научно-истражувачка работа?

Киро Ристов: Изработка на родословните стебла не е нешто ново во животот на едно населено место. Ако се смета Библијата за најстара книга во историја на човештвото тогаш сѐ започнало од нејзе, со запишување на родословните стебла на Адам и неговите наследници. Изработката на родословните стебла особено започнала поинтензивно да се применува во средниот век и тоа на кралски семејства, кнезови, великодостојници и други видни и богати семејства, секако по пример на библијата, кога во исто време започнале да се изработуваат и првите грбови на нивните штитови. По овие први импулси, ќе се востанови нова научна гранка „хералдика“ која ќе се занимава со опис и изработка на грбовите.

Кај нас, но и на целото балканско подрачје, постоел обичај секое семејство да си ги запишува умрените, најпрво да не се заборават од наредните генерации, но најмногу заради споменување при посета на нивниот гроб во деновите кога се одбележува денот на мртвите.

Овој обичај започнал да се применува уште во средните векови, но поинтензивно за време на османлиското владеење. Секако овој обичај го поттикнале парохијските свештеници, кога многу од семејствата почнале да ги забораваат своите умрени. Умрените се запишувале во тефтерчиња кои се нарекувале „книгички“, а биле чувани како свети реликвии од најстарите жени во семејствата, поставени до светата икона во нивниот дом.

За среќа, во Смоквица долго време уредно биле водени такви книгички во секое семејство, а за да не се изгубат тие белешки, двајца парохијски свештеници од Смоквица сите ги запишале во една книга која е зачувана до денес. Книгата е наречена „Мртви имиња“ а пишувана е во 1893 година, за секое семејство посебно. Бидејќи јас потекнувам од Смоквица, моето семејство повеќе векови опстојува во оваа средина, па во основа тоа ме поттикна да започнам да се занимавам со оваа проблематика. Најголемо влијание и појдовна основа ми беше оваа ракописна книга, која ми послужи да ги дополнам родословните стебла, поединечно на секое семејство, особено за оние членови на семејствата кои живееле во XVIII и XIX век.

Секако не беше лесно. Од првиот мој пројавен интерес до излегување од печат на книгата поминаа долги триесет години. Се разбира, моите професионални обврски не ми дозволуваа секогаш и во било кое време да се навратам на истражување и испитување на постари живи членови на семејствата од Смоквица, но секоја можност ја користев за тоа, но и за подредување на многубројните податоци.

Од друга страна, секој оној кој се занимава со оваа проблематика знае дека, методолошката постапка на генеалошкиот концепт за изработка на родословните стебла е мошне едноставна. Тој се базира на машкиот наследен фактор, како носител на семејното наследство, по што се формираат и изработуваат семејните стебла. Кога се работи за мало населено место како Смоквица, во кое семејните врски се познати поголем период, одлучив да изработам родослови на сите семејства од Смоквица, со вклучување и на жената, како сопруга, мајка и ќерка, со што се создаде целосна и комплетна слика за секој член од семејството што се обработува.

2. Зошто се определивте токму за Смоквица и истражување на спецификите на населбата и населението на Смоквица? Што е толку специфично за оваа подрачје?

Киро Ристов: Смоквица воопшто не некое специфично место и воопшто не се разликува од другите помали населени места во гевгелискиот крај, или во Македонија. Како и другите, ги има сите потребни услови за живеење и задоволување на секојдневните потреби на населението (асфалтирани патишта и комуникација со другите населени места и градови, продавница, училиште, црква, и др.).

Жителите се обични луѓе, кои, како и во другите населени места си ги извршуваат секојдневните обрски на работните места и семејството. Но, од друга страна би рекол дека секое населено место е специфично и посебно, со свои карактеристики и своја приказна што се раскажувала од колено на колено, особено ако го имаме предвид фактот што секое населено место па и Смоквица, се настанати по родовска основа, а сите жители имаат ист родословен корен, а со тек на време разгранет. Ако се следи историјата на тие приказни, ќе дојдеме до заклучок дека секоја од нив е различна и специфична, а најчесто се однесува за настанокот на населеното место, или за некој настан кој побудил радост, среќа, несреќа, жалост и др.

Специфичноста е и во тоа што, во секое населено место па и во Смоквица, тие приказни се прераскажувале само во рамките на населбата, меѓу самите жители, тие не се запишувале, а при прераскажувањето најчесто биле видоизменети, или биле надополнувани.

Во поновиот период најчесто се среќаваме со прераскажување, запишување или презентирање на приказни од настани за поновите историски периоди кои се однесуваат за крајот на XIX и XX век, додека постарата културна историја воопшто не се познава, таа е подзаборавена, а единствено што ги врзува за нејзе се нивните топоними.

Па, токму од имињата на топонимите и малкуте приказни за населбата, кои ги слушав уште како дете, успеав да ја прераскажам приказната за Смоквица, а за тоа секако ми помогна мојата наобразба како археолог. Токму локациите на постарите населби ја претставуваат долгата културна историја на жителите од едно населено место, на кои им биле дадени соодветни имиња според формата на ридот на кој е лоцирана (Градиште, Чука, Туфка, Тумба, Тумул, Кула Исар и др.), или според „археолошките“ остатоци што се исфрлуваат и наоѓаат на површината при нивна земјоделска или друга обработка (Селиште, Црквиште, Керамидница, Манастир, Мрамор и др.). Секако, за да дојдам до конечната вистина поминав многубројни часови на истражување за населбата и неговото население.

3. Како археолог што добивате како знаење од увидот на материјалните остатоци од времето во еден населен простор и колку населението во едно место може да се третира како „споменик“ на културните белези на средината?

Киро Ристов: Секој археолог, ако добро си ја познава работата, преку применување на пропишаните методолошки постапки може да дојде до конечната вистина, која се однесува на културната историја на едено населено место. Обично таа се однесува на поширок регион, но ако се забележат само оние локации на постари населби кои гравитираат во рамките на атарот на едно населено место, навистина може да се дојде до мошне интересни податоци кои се однесуваат на културната историја за сегашната населба.

Тоа е така бидејќи сите постари населби што гравитираат во атарот на денешните населби се сметаат за нивни претходници. Оваа историја од културолошки аспект може да биде мошне индикативна, заради големиот историски континуитет на периодите, односно заради фактот што тие можат да се однесуваат на период од неколку илјади години. Но, од друга страна, токму верувањето дека тие постари населби се сметаат за претходни населби на сегашната, се зачувани спомените за нив.

Ваквите спомени за постарите населби се всадени во меморијата на жителите, кои не само што ги почитуваат, туку со тек на време, некои од нив ги прогласиле за свети, или вакавски (црковни) места, со посебен пристап при определени празнични обреди. Вака обележаните стари населби ја претставуваат целокупната културна историја на еден микро регион, која за секој археолог претставува појдовна основа за разрешување на континуитетот на живеење, преку определување на хронолошките рамки на секоја постара населба, а потоа целосно и за атарот што го зазема тоа населено место.

4. Кога говорите за генеалогијата на населението во Смоквица до каде најдалеку историски се протегаат информациите за првите жители на оваа место?

Киро Ристов: Кога се зборува за микро регион како Смоквица, тешко можат да се соберат податоци за поголем историски период за сите семејства. И покрај тоа што речиси имаме потполни податоци во книгата „Мртви имиња“, за претходни три века од периодот на нејзиното пишување во 1893 година, но, за жал во нејзе се запишани само починати членови од семејствата, без да се наведат податоци за нивните потесни здружени врски.

И покрај тоа што ни беше единствениот податок на располагање, подоцна потврдуван и од најстарите членови на семејствата од Смоквица, со макотрпна работа, полека започна да се формира градацијата на родословните стебла, кај некои семејства со поголем, додека кај некои со помал број податоци. Така преку овие податоци се дојде до конечните резултати кои ги сочинува последните 170-200 години, додека кај некои таа достигнува и повеќе од триста години. Ако на овие бројки се додаде и дваесеттиот век за кој имаме потполни податоци тогаш имаме период кој не е за потценување. Инаку првите податоци за семејствата од Смоквица ги наоѓаме во пописните дефтери на османлиската власт од 1570 година. Во нив се запишани 25 семејства, како и за сите други населени места од Македонија за време на османлиската власт.

Иако макотрпна, оваа благородна работа ме исполнуваше до последниот атом, знаејќи дека ќе се создаде и обликува нешто што ќе остане засекогаш запишано во историјата на семејната историја на Смоквица. Секако, како и кај секоја работа и во оваа можат да се најдат одредени грешки, но, со ваква почетна основа секое семејство може да продолжи да ја запишува, гради или корегира сопствената семејна историја.

Од друга страна, се надевам дека овие почетни импулси во запишување на семејната историја на Смоквица, ќе побудат потреба за истражување и запишување на семејната историја и на другите помали населени места од гевгелискиот, па и во другите региони од Македонија. Пишувањето на семејната историја, во основа ја потврдува сопствената биографија, без оглед на тоа за колкав период има податоци. Ако ја познаваме сопствената семејна историја, во голема мера ќе ја запознаеме историјата и животот на нашите предци, а со тоа и потврда на припадност на нашиот интегритет. Не велам дека ние тоа мораме да го направиме по секоја цена, но доколку не ја познаваме сопствената семејна историја го губиме континуитетот во современиот историски контекст, а со тоа го забораваме минатото, и секако се оддалечуваме од сопствениот идентитет. Секоја единка, секој човек во одреден период од животот сака да ја запознае сопствената припадност, а со непочитување на смејните традиции, може да се доведеме во состојба во која наредните генерации ќе не осудат за негрижа кон семејството и сопствениот народ.

5. Колку современите луѓе се градба на своите историски и средински корени? Дали осознавањето на самиот себе треба да почне со учење за сопствената припадност и потекло во рамки колективитет?

Киро Ристов: Токму тоа е и поентата за креирање, изработка и запишување на родословните стебла во нашата современа средина. Во прв ред тоа е припадноста во семејството како заедница што опстојува во едно помало населено место, а потоа како припадници на народ, во нашиот случај македонскиот.

Со други зборови, секоја индивидуа, без оглед на тоа во кој крај од Светот се наоѓа, се чувствува сигурно на својот животен пат кога ја познава својата припадност на народ, кој има сопствен идентитет со генеза, односно развиток и историја што сам ја креира. Од овие чувства на припадност не отстапуваат ниту жителите од помалите населени места како Смоквица. Тие, како и сите други во рамките на целокупниот колективитет на сопствениот народ го даваат својот придонес, како носители но и како градители на сопствениот и севкупен културолошки идентитет, и покрај многубројните репресии во коишто се нашол македонскиот народ низ вековите. Тоа во основа претставува вроден инстинкт на секоја индивидуа за креирање, но и одбрана на сопствениот интегритет во средината во која живее и твори.

Почетните импулси и осознавање на тој инстинкт најпрво се стекнуваат во семејството и односите во него. Затоа, од посебна важност е секое семејство да создава и развива здрави односи помеѓу неговите членови, но и да ја познава сопствената историја преку креирање на семејните родословни стебла. Сите ние ги почитуваме нашите предци, а споменот на нив го буди чувството на сигурност во креирање на животните преокупации и ја развива нашата индивидуалност. Овие согледби воопшто не ги чувствувам како празна симболика, туку како нешто што е вродено и постои во секој човек. Можеби некои членови од семејството, тоа не можат да го почуствуваат во одреден период од својот живот, но, верувам дека во догледен период и со тек на време тоа чувство ќе се пробуди, особено во време кога ќе изгубиме некој близок.

Од друга страна ме радува фактот што денешните помлади генерации, не само што се интересираат за своите предци, туку вложуваат и дополнителни напори за истражување и креирање на своите родослови. Дури ќе го кажам и тоа дека, во текот на последните децении меѓу помладата генерација се востанови тренд за осознавање на преците. За жал, како што и погоре напоменав, податоците за семејствата и нивните постари членови се доста ограничени, тие се запаметени само во меморијата на некои постари живи членови од семејството, но најчесто подзаборавени со ограничени сеќавања.

Разговорот со археологот и автор Киро Ристов го водеше Магдалена Стојмановиќ – Константинов