Во индивидуалистичките општества, нарцисоидноста е честа појава. Некои психолози и тренери по личен развој нарцисоидноста дури ја третираат и како тип на дисфунцкионалност бидејќи нарцисоидната личност има потешкотии да остварува стабилни социјални односи и недостасува емпатија, чувство на лична одговорност, а личностите со нарцисоидна дисфунцкионалност може да ги кршат норимите на заедница. 

Сепак нарцисоидните личности имаат голема потреба да им се допаднат на другите па така не им недостига шарм, харизма и допадливост бидејќи за нив сликата што ја создаваат за себе кај другите има многу поголема вредност и тежина од нивното реално селф. Нарцисоидните личности имаат силна потреба другите да им се воодушевуваат, да им делат комплименти, да им обрнуваат внимание, а ако тоа не можат да го постигнат на „фин начин“ ќе го воспостават таквиот однос преку контрола и влевање на страв.

Кога зборуваме за нарцисоидна личнност, често мислиме на личност која во нашите животи ја има улогата на партнер. Кога се говори за врска со нарцистична личност, обично прво помислуваме на емотивна и љубовна односна партнерска врска и за манифестациите на нарцистичност говориме преку односот на нарцистичната личност кон неговиот емотивен партнер. Но и покрај тоа што за возрасните партнерските односи се централните односи во нивниот живот, сепак нарцисоидна личност може да биде и во својство на родител, дете, пријател, член на семејството, менаџер или колега.

Еден од најспецифичните односи на нарцизам е токму односот на нарцисоиден родител кон неговото дете. Како нарцисоиден родител се однесува со своето дете и како да го препознаете:

Нарцистичниот родител не дава поддршка на своето дете, се појавува само кога треба да ја покаже својата вредност пред другите 

Децата или возрасните кои имаат нарцистични родители, никогаш не можат да сметаат на нивна искрена поддршка и помош. Нарцистичниот родител во животот на детето е присутен само ако треба да ја покаже својата величина пред другите. Нарцистичниот родител од настаните во животот на своето дете, прави сцена на која тој ќе биде во центарот на вниманието.

Доколку имате некој важен настан во животот нарцистичниот родител ќе смета дека тој бил најубав на вашиот роденден, дека бил најважен, највесел и сите другите епитети во суперлатив кој треба да го издвојат од другите и да му дадат предност. Иако нарцисоидните родител себе се перципираат како претерано важни во животот на своите деца, за жал тие се најмалку важни затоа што децата кои живееле со нарцисоидни родители воопшто немаат потреба од нив, научиле сами да се снаоѓаат во животот без поддршка на родителите и за нив улогата на родителот во животот воопшто не е значајна и е само перформативна.

Секогаш перфидно провлекува што не е добро направено  и никогаш не говори за одличните резултати на детето

Дури и кога нарцистичниот родител навидум му дава поддршка и признание на своето дете, тоа секогаш има за цел само да го нагласи недостатокот на детето, затоа што нарцистичниот родител е убеден дека може да ја разниша самодовербата на своето дете. Затоа кога нарцистичниот родител навидум ви упатува пофалби тоа секогаш гласи вака: „Добро ја направи питата, АМА и недостатува шеќер“…

Впрочем тоа ама, или само што, што секогаш следува после привидната пофалба има за цел да го сврти вниманието кон лошата страна на она што сте го напрпавиле, а не кон тоа што добро сте го направиле. Среќа е што децата кои растеле со нарцистични родители или родител, не направиле емотивна конекција со нив и не ги гледаат како свои авторитети или идоли. Затоа и нивното мислење им е сосема неважно, па така нарцистичниот родител нема можност да влијае на своето дете и да успее во намерата да му ја разниша самодовербата.

Се што некогаш направил за своето дете го смета за кредит кој треба да му се врати

Од нарцисоиден родител често ќе ја слушнете реченицата: Јас се направив за тебе, а ти сега… Просто нарцистичниот родител, одлуката да се роди неговото дете не ја сфаќа како одговорност туку како откажување од слобода и пожртвуваност, што треба на некој начин да му се врати во некоја иднина. Таквите родители своите деца ги користат исклучиво да ги задоволат наметнатите очекувања на околината да имаат потомство, или на децата гледаат како на некој извор на поддршка во нивната старост.

Затоа се што нарцистичниот родител ќе направи а има врска со неговото дете го смета како некој вид на кредит кој детето треба да му го врати. Нарцистичниот родител никогаш не му дава искрена поддршка на детето и секогаш гордо се фали наоколу што се направил за своите деца, како да се единствените кои воопшто некогаш биле родители и како нивниот статус да бара поинаков третман и привилегија.

Ако детето не игра по нивни правила привлекува критики, озборувања и оградувања од него пред околината

Нарцистичниот родител има потреба пред околината да се пере за своите постапки. За него е многу поважно што сметаат другите за неговото родителство, одошто каков однос навистина има со своето дете. Затоа нарцистичниот родител често има потреба да го критикува своето дете во јавност, пред другите да му дели совети или да ги користи другите со цел да влијае на своето дете.

Нарцисоидниот родител често го споредува своето дете со некој друг, лукаво провлекува што некој друг направил имплицитно кажувајќи му дека не е доволно добар и не ги задоволува неговите очекувања.

Доколку детето не игра по правилата на нарцисоидниот родител, тогаш ќе се соочи со критики, бес, анксиозност на родителот, а тогаш кога ќе воспостави силни граници во нивниот однос нарцисоидниот родител ќе се потруди сите да им вгради лошо мислење на другите за нивното дете, како би можело преку евентуална изолација да го контролира неговото дете. Сепак и овие стратегии на нарцисоидниот родител не му успеваат затоа што децата кои растеле со нарцисоидни родители имаат изградено претерано силни механизми за самоодржување и преживување. Тие се силни и независни индивидуи на кои не им е важно мислењето на околината.