-Дојдов да ја видам мојата петгодишна ќерка, но сега ми кажаа од социјално дека мајката не ја донела на средба.

Вака ја започнува својата исповед татко кој вчера беше присутен на мирниот собир на родители пред Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Скопје, а организиран од Здружението „Наши“ и граѓанското здружение „Децата пред сè“. Како што вели овој родител, не е редок и изолиран случај ваквото постапување на мајката. Според него таа не го почитува решението за модел на видување, го попречува остварувањето на неговото родителско право а за тоа никогаш не се соочила со санкција.

Благодарение на сомнителните извештаи на матичните лекари, го оправдувала непочитувањето на решението. Тие оправдувања, пак, се издаваат без никаков лабораториски или токсиколошки наод, а понекогаш и само врз база на усна изјава на родителот се пишува оправдување дека детето е болно.

Засега покрај дозволен увид во медицинската документација, родителите не гледаат начин, како да повикаат на зголемено внимание од злоупотреба на медицинските извештаи дадени од матичните лекари кои го попречуваат остварувањето на нивното родителско право. Всушност, лекарскиот извештај е единствениот начин да се оправда непочитувањето на решението од страна на родителот – старател со кого детето живее, бидејќи Законот за семејство во таков случај не предвидува никаква одговорност за родителот кој не го испочитувал решението од надлежниот центар.
Случајните минувачи пред Центарот во текот на вчерашниот ден можеа да забележат тажна слика која ја создадоа неколку родители кои со години се соочуваат со отуѓување на нивните деца и кои очајно се борат да го остваруваат своето родителско право. Мотивот на овие луѓе не е ниту финансиска подршка од фондации како „Отворено општество“, ниту проект кој го работат во рамки на некоја НВО мрежа, туку нивната семејна мака.

Групата доминантно составена од татковци веќе со години се бори за праведна и половична алокација на родителските обврски права, што по Закон за семејство е загарантирано. Имено, наведениот закон предвидува родителите да имаат поделени права и обврски околу децата, но во пракса се случува само едниот родител, оној на кого му е доделено старателството при развод на бракот да ги ужива родителските права и да живее со детето, додека за родителот кој не е старател е предвидена делумна издршка која се уплаќа во пари на сметка на другиот родител.

Од Здруженијата „Наши“ и „Децата пред се“ велат дека дури и во случаи кога родителите сакаат да имаат 50-50 поделба на родителските обврски законот не дозволува родителот кој не е старател да биде ослободен од обврската да плаќа издршка. Затоа, тие се залагаат за целосно укинување на плаќање на издршка од страна на родителот кој не е старател и промени во законот кој ќе предвидат можност за поделено старателство врз децата. Ова ставка од законот би важела со исклучок за екстремни случаи во кои родителите кои имаат пороци или психијатриски заболувања ќе се соочат со ограничување на родителското право, но во тој случај ќе остане обврската родителот со ослабнати родителски капацитети да плаќа издршка која другиот родител задолжително ќе мора да ја оправдува со материјална евиденција, сметки од купени намирници за потребите на детето и сл. Исто така тие сметаат дека е потребно да се предвидат поголеми казни за несовесните родители, односно родителите кои грубо ги занемаруваат своите деца.

Злоупотреби на издршка

Иако моменталниот Закон за семејство предвидува задолжително плаќање на издршка од страна на родителот кој не е старател за малолетното дете, родителите се жалат на чести злоупотреби на издршката од страна на родителот старател. Издршката претставува начин на кој родителот кој не живее со детето, ќе ги остварува родителските обврски. Проблемот настанува кога и покрај почитување на родителската обврска, родителот кој не е старател нема гаранција дека може да го остварува родителското право.

Родителите кои редовно плаќаат издршка сметаат дека нивните пари не се користат само за потребите на децата, туку за профитирање на другиот родител. Тие велат дека се соочиле со уцени и закани од страна на родителот старател дека доколку не се покачи висината на алиментацијата и не добиваат повеќе пари за тоа што си го чуваат сопственото дете, нема да дозволат родителот кој не е старател да остварува контакти или да го гледа детето.

Сашо Панговски од Здружението „Наши“ вели дека младите се обесхрабрени да склучуваат бракови, бидејќи на бракот се гледа како на „стапица“.

Со сегашниот закон и сегашната работа на институциите имаме ситуација во која едниот родител механички се отстранува од животот на детето без никаква посебна причина. Ако односите меѓу родителите се нарушени, тоа не значи дека исто такви се односите и меѓу децата, истакнува тој.

Сашо Панговски, здружение „Наши“

Законот за семејство предвидува право, но и обврска родителите да остваруваат непосреден контакт со нивните деца без разлика на тоа дали живеат со децата и во какви односи се со родителот кој е законски старател на детето.

Како најчесто евидентираните опасности од злоупотреба на правата кои бракот им ги обезбедува на брачните партнери се финансико експлоатирање на еден од брачните партнери или како начин преку децата да се прават разни финансиски злоупотреби или емотивни казни за другиот родител, дури и во случај кога не дошло до развод на брак.

Во последно време, зачестени се и пријавите за т.н. „економско насилство“ кое во пракса често се меша со профитирање или начин да се извлечат повеќе пари од другиот родител под изговор дека тоа е во интерес на детето. Имено економското насилство е дефинирано како насилно спречување да се располага со сопствените средства, а не како одбивање на другиот родител да плаќа поголема издршка за детето од предвиденото.

Најдобриот примерен опис на дистинкцијата помеѓу економско насилство и профитерство е следен. Доколку брачниот партнер, поранешниот брачен партнер или друго лице од семејството или од непосредната близина насилно ви ги одзема вашите дебитни картички на кои примате плата, или ве ограничува на друг начин во тоа како да ги прераспределите средствата од сопствената заработувачка, станува збор за школкси пример на економско насилство. Но доколку доколку родителот старател пријави економско насилство поради тоа што се соочил со одбивање од другиот родител да ја покачи висината на издршката за детето, тука не станува збор за економско насилство туку обид да се профитира на сметка на родителството и во ниту еден случај не станува збор за интерес на детето.

Многу често издршката наместо да се разбере како средства кои се потребни за детето, се разбира како „плата“ која едниот од родителите треба да ја добие затоа што си го одгледува и издржува сопственото дете и си ги остварува родителските обврски.

 


Пријави за семејно насилство како начин на ограничување на родителското право

За сторителите на семејно насилство е предвидена кривична одговорност. Казните за сторителите на семејно насилство во Кривичниот закон се засилени, доколку при вршење на семејно насилство настапила смрт или тешка телесна повреда. Сторителите на семејно насилство се гонат од страна на обвинителството по службена должност како сторители на тешки кривични дела. Семејното насилство предвидува проширување на размерите во определување на санкцијата за кривично дело со смртен исход или тешки телесни повреди како последици. Во случај кога настапуваат „телесни повреди“ обвинителството го гони сторителот само со согласност на жртвата. Праксата покажува дека во овие случаи, жртвите често се откажуваат од кривично гонење, со што сторителите остануваат неказнети.

Со донесување на новиот Закон за превенција и заштита на жртвите од родово-базирано и семејно насилство во 2021 година, предвидена е поголема институционална заштита на жените жртви на семејно насилство. При тоа листата на видови и форми на семејно насилство од физичко, прерасна и во психолошко, емотивно и економско насилство. Овие форми на семејно насилство се фокусираат главно на субјективните чувства на потенцијалната жртва и практично доволно е жртвата само да изрази чувство или сомнеж дека е жртва на психолошко насилство и институциите веќе да ги активираат своите механизми за превенција и заштита.

Во пракса се забележани чести злоупотреби на овој закон, со зачестени пријави за психолошко насилство кое се бележат само како „вознемиреност, анксиозност или страв“. При примена на психолошките постапки може да се утврди директен каузалитет помеѓу постапките на сторителот и предизвиканото чувство на страв. Но, доколку контекстот се релативизира, согледливо е дека оној што ја предизвикува траумата кај другиот, не е сторител на прекшочно или кривично дело и со самото тоа не може да се соочи со санкција, но со мерки за превенција кон кои ќе треба да се придржува.

Несомнено е дека пријавителот/пријавителката се чувствува навредено, повредено или уплашено од некои постапки на потенцијалниот сторител, но не значи дека конкретните постапки имплицираат постоење на намера за заплашување и вознемирување. Затоа психолошкото насилство е тешко да се утврди, а моменталниот закон предвидува систем на превенција. Доколку пријавителката се посомнева во психичко насилство, по направена пријава институциите може да изречат мерки за редуцирање на контакт со потенцијалниот сторител или ограничување на потенцијалниот сторител физички да се приближи до жртвата. Со забрана за стапување во контакт или физичко приближување до жртвата се елиминираат можностите за продолжување на психичкото насилство.

Сепак и покрај тоа што законот предвидува такви форми на заштита, мажите пријавители на психичко насилство остануваат помалку забележливи од институциите. Законот за превенција и заштита на родово-базирано и семејно насилство ја става во секундарна позиција ургенцијата на мажите, со што се кршат уставно предвидените категории на еднаков третман и право на недискриминиран пристап до институционална заштита. Затоа е и чудно што овој закон донесен во 2021 година се уште скоро две години од донесувањето се одржува на стаклени нозе и не е оспорен од Уставниот суд.

Според адвокатот Милан Ивановски злоупотреби со правење на неосновани пријави за психолошко насилство не би требало и не би смеело да се прават, особено затоа што по пријавата се ангажираат капацитетите на повеќе институции како што се Центарот за социјална работа, МВР, обвинителство, суд, па и областите на здравствената заштита. Тој исто така апелира на одговорност за пријавителите на неоснованите или лажните пријави на семејно или родово-базирано насилство.

Милан Ивановски, адвокат

Со подигање на капацитетите на институциите во насока на заштита на жртвите од семејно и родово-базирано насилство се повлекува и преиспитување на родителкските капацитети, вршење на родителски надзор, а понекогаш пријавите за семејно насилство може да повлечат и ограничување на родителското право особено додека не се утврди дали пријавата е основана или неоснована.

Пријавите за семејно и родовобазирано насилство тенденциозно се користат да се ограничат родителските права на родителот со кого детето не живее со што се става во неповолна позиција и оштетениот родител, но и детето.

Затоа правниците повикуваат на зголемување на одговорноста на пријавителите на случаи на семејно насилство во услови кога ќе се утврди дека пријавата е неоснована или лажна. Засега само лажното пријавување на кривично дело претставува кривична одговорност, а во одредени случаи лажната пријава може да имплицира и санкција согласно Закон за прекршоци по јавен ред и мир.

Типологија на насилство врз мажите

Со носење на нови закони и политики, во јавниот дискурс се помалку се зборува за мажи жртви на семејно насилство. Постојат разни форми на кои се манифестира насилството врз мажите, што ниту општеството, а ниту институциите го препознаваат. Напротив мажите во македонското општество се стигматизирани доколку пријават насилство, бидејќи погрешно се претпоставува дека тие не може да бидат жртви на насилство особено ако сторителот е „припадничка на послаб пол“.

Новинарот Бобан Јовановиќ и основачот на фондација „Мост“ посочи дека при неговото децениско истражување на овој проблем увидел дека институциите имаат потсмев кога мажите пријавуваат семејно насилство. Во неговата новинарска работа и спроведените разговори со мажи кои се жртви на семејно насилство, тој посочува дека покрај физичкото насилство, мажите најчесто се жртви на финансиско и емотивно насилство.

Финансиското насилство најчесто се манифестира со тоа што заработувачката на мажот се третира како семеен буџет, а заработувачката на жената како ексклузивно нејзин личен приход.

Емотивното насилство, според Јовановиќ се манифестира на тој начин што насилничките во семејството предизвикале кризни ситуации со што го довеле мажот до крајно нарушени односи со неговото примарно семејство.

Бобан Јовановиќ, новинар и основач на фондација „Мост“

Сум се сретнал со мажи кои со години не зборуваат со своите родители или избегнуваат средба со своите браќа-сестри бидејќи нивната сопруга секогаш прави сцени и создава вештачка криза. На тој начин го отуѓува од неговото семејство, но не ретко и од неговите деца, вели Јовановиќ.

Јовановиќ вели дека мајките кои не работат или работат со пократко работно време, поминуваат повеќе време со децата и создаваат поголема емоционална блискост. Истата ја користат доколку дојде до конфликт со нивниот татко за емоционални уцени со детето или манипулации со детето дека таткото е ладен бидејќи не поминува доволно време со семејството. Во суштина тој работи прекувремено за да си го прехрани семејството.

Според него овие форми на насилство врз мажите мора да бидат препознаени од институциите и да постојат повеќе законски регулативи кои ќе ги штитат мажите од сите форми на семејно насилство.

Еданквост или привилегија за едниот пол

Иако уставот гарантира еднаквост и недискриминираност по родова и полова основа, дел од законите кои се наменети за заштита на жените создаваат сериозно разорување на уставните темели и вредности. Овие закони наместо да гарантираат еднаквост, со зголемување на капацитетите на инсистуциите и нивно ангажирање на заштита на жените од потенцијално насилство ги привилегираат и повластуваат жените.

Со ратификување на „Истанбулската конвенција“ во Македонија, но и носење на голем број други меѓународни конвенции или регулативи жените се издвојуваат во законот како посебна категорија и се штитат како редок вид. Тоа имплицира и допрва ќе имплицира дискриминација на мажите, нивно ослабнување и обесправување. Доколку не се поттикне свеста на машката популација и не се говори повеќе за овие теми јавно, ваквите фаворизации на едниот пол наспроти другиот допрва ќе прават штета како по мажите, така и по целата заедница.

Автор на текстот: Магдалена Стојмановиќ