Комуникацијата е една од најзначајните човекови дејности и област која го интригира интересот на голем број научници. И покрај тоа што луѓето секојдневно комуницираат, сите имаме впечаток дека не секогаш успеваме да ја постигнеме комуникациската цел и да испратиме недвосмислена порака. Понекогаш имаме чувство дека сме неискажани, дека премногу сме споделиле во комуникацијата или дека можеби сме протолкувани погрешно.

Најчесто луѓето ја толкуваат комуникацијата и прават анализа на тоа што е содржината на комуникацијата, нејзината граница, што тие кажале, а што им било кажано при водење на некоја расправа или конфликт. Во такви случаи луѓето се водени од афективно расположение, па филтерот за комуницирање често пропушта и содржини кои не сме ги слушнале надвор од конфликтното комуницирање. Во рамките на расправите, што обично ги водиме со блиски луѓе понекогаш паѓаат и „тешки зборови“ и тоа никому не му оди во прилог.

Со цел да го зачуваме достоинството во водењето расправи и да не ја злоупотребуваме комуникацијата, кажувајќи зборови кои не можеме да ги вратиме или повлечеме, ви споделуваме неколку совети за „мудро водење комуникација“ во напнати ситуации и конфликтни односи:

  • Обидете се да се објасните, но не се наметнувајте 

Доколку дојде до некоја несогласица и луѓето погрешно ја протолкувале некоја ваша изјава или ваш гест, обидете се да ја образложите својата намера. Образложувањето ќе даде резултати доколку личноста на која и се обраќате e разумна и разбирлива. Но доколку некој одбива да ве разбере и упорно се обидува да се претставува како оштетена страна од вашите зборови или дела, без да ја земе предвид вашата намера да се извините или објасните со цел да ја ублажите штетата, тогаш не бидете наметливи.

Повлечете се и оставете ги луѓето да ве толкуваат како сакаат. Едноставно некогаш не вреди да се троши време на секого, особено ако сте свесни дека поентата на вашиот соговорник не е ниту малку добронамерна и имате впечаток дека некој ја злоупотребува комуникацијата со вас. Замолчете и фокусирајте се на нешто друго.

  • Подобро е да не реагирате, одошто да се докажете 

На зрелите луѓе не им е важно да се во право и да ја докажат сопствената теза. Нивната мудрост лежи во тоа што тие точно знаат да ги дозираат своите реакции. Реагираат кога треба, но не и на секој обид за комуникација и провокација.

Ако некогаш се двоумите дали треба нешто да одговорите поради небулозноста на туѓите интенции во комуникацијата, подобро е да не одговорите ништо, одошто да дадете реакција, која можеби некој ја сака, изискува или очекува од вас.

  • Не покажувајте емоции

Кога водите дијалог кој има за цел да произведе некои заклучоци, не покажувајте емоции. Емоциите ви се непријатели ако комуницирате со луѓе за кои сте свесни дека не ви се пријателски наклонети. Останете што е можно поладни и обидете се да не ги доживувате лично работите што ви ги кажуваат.

Од таа дистанца ќе успеете да видите со што се луѓето се служат само да ја добијат вашата реакција и да го афирмираат своето постоење. Сетете се дека некои луѓе можат да преживеат со негативни одговори, навреди или искажани отфрлања, но тие никогаш нема да можат да го преживеат вашето игнорирање!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

Можеби ќе ве интересира:

ВИ, апсолутниот морален закон и правосудниот систем