Во организација на НВО „Гласен Текстилец“ на 5,6 и 7 Октомври во Штип ќе се реализира настан посветен на уапредување на работничките права. Овој настан е поддржан од неколку меѓународни и домашни невладини организации, а програмата опфаќа широк спектар на теми, од таргетирање и посочување на главните проблеми и негативни појави во однос на кршење и повреда на работничките права, до споделување на идеи и искуства за нивно унапредување и методи на заштита. 

Покрај дискусии, опсервации и коментари, во рамките на програмата може да се сретнат и голем број уметнички содржини и изрази кои се насочени кон промоција на здрави вредности и навики, како и развивање на идеалите за работничките право. НВО „Гласен Текстилец“ својата дејност ја фокусира на работничките права и подобрување на условите за работа во текстилната индустрија, но досега забележува низа успешни активности и во подрачјето на работничките права воопшто особено во приватниот сектор.

Според Кристина Ампева, претседателката на „Гласен Текстилец“, целта на овој настан е создавање на мрежа од контакти со цел полесен институционален и правен пристап при забележана повреда на работничките права, поради што на настанот ќе присуствуваат и говорат голем број на претставници не само од граѓанскиот сектор, туку и од медиумите, наддлежните граѓански институции, како и политички фактори.

Настанот има меѓународен карактер и претставува отворена можност штипјани и посетителите да дознаат повеќе за главните проблеми, но и позитивните политики и практики во однос на надминување на главните проблеми во рамките на трудовото право.