Романот „Далечен брег“ е најновата книга на Катерина Серафимовска, позната како авторка на книгите „Забранет поглед“, „Насмевка со цимет“, „Поглед полн синило“, „Небото над реката Чарлс“, „Блесок на пролетта“, „Брезите што шумеа покрај Темза“ и „Линија помеѓу двете неба“. Серафимовска е долгогодишен член на Друштвото на писатели на Македонија и една од најпродуктивните и најпрепознаените писателки на романи. 

Новиот роман е приказна за една кармичка љубов која ги надминува границите на разумот. Далечен брег е современ роман со интригантна структура, раскажан преку вештонасликаните портрети на три љубовни парови што живеат во Европа во временски распон од четири календарски години.

Романот „Далечен брег“ е посветен на љубовта во сите нејзини димензии, од нејзино овоземско поимање до поимање со религиски ноти и возвишен карактер.

Серафимовска посебно се осврнува на движечката сила на љубовта, гледана од својот карнален аспект на меѓучовечките односи, но и од порелигиозен и повозвишен аспект на нејзиното севкупно поимање и чување. Накратко може да се каже дека новиот роман Серафимовска го посветува токму на љубовта како суштинска човечка емоција, одлика и онтолошка основа.

Книгата „Далечен брег“ е издание на издавачката куќа „Култура“ и може да се најде низ книжарниците на Култура.