Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера го осудија отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид кое го сметаат за провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава.

Според Ковачевски, реакцијата за ова терба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се вели, македонски граѓани.

Ако треба некому да реагираме, тоа е на македонските граѓани што живеат во нашата држава и кои треба да имаат чувство за граѓаните коишто имаат резерва кон тоа име и кон таа личност. И тоа не се однесува само на овој клуб, туку и на претходни клубови што се отворени – рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето дали Владата реагирала кај бугарските власти да не се отвораат клубови во земјава со имиња како „Цар Борис Трети“ вчера во Охрид и претходно „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Како премиер и претседател на СДСМ, потсети Ковачевски, го осудуваат и го сметаат за провокација од мала група луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Република Бугарија.

Во однос на правните аспекти нашата држава, рече премиерот, има премногу либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија и затоа пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации.

Тие тоа го работат, меѓутоа ги повикувам и сите пратенички групи да учествуваат во тоа. И не само пратеничките групи, туку и Еврејската заедница – порача премиерот Ковачевски.

Министерот за надворешни работи Османи, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост.

Оттука сметам дека е провокација. Ова оди на штета на интересите на бугарската заедница во државава и тоа во момент кога таа заедница добива можност повеќе да се здружува, да ја изразува својата посебност и преку Протоколот и обврските од Протоколот и дебатата за промена на Уставот. Кој тоа им го руши имиџот и овде пред граѓаните и пред меѓународната заедница преку имиња кои што се широко прифатени како спротивни на вредностите кои ги споделуваме, не можам да кажам– рече вчера министерот Османи на новинарско прашање на редовниот брифинг со новинарите.

За изјавите на неговиот бугарски колега Николај Милков кој не гледа проблем во однос на името на клубот во Охрид, Османи рече дека тоа е недозволиво мешање во внатрешните прашања на Република Северна Македонија. Се надевал дека тоа ќе му го кажел во Прага каде се одржа првиот состанок на Европската политичка заеница, но поради сплет на околности не се виделе, а ставот, најави дека ќе му го пренесе на претстојната средба во Берлин на 21 октомври.

Шефот на дипломатијата во однос на превенирање на регистрирарањето вакви здруженија со имиња кои провоцираат, вели дека МНР нема никаква надлежност туку дека тоа е во доменот на Министерството за правда кое веќе има формирано советодавно тело кое ќе ги разгледува имињата на клубови и здруженија кои ќе се регистрираат во земјава, а што е времено решение додека не се направат измени на Законот за здруженија. Тој посочи дека ова е чувствително прашање и укажа на искуството со здружението „Радко“ кое пред повеќе години беше забрането, а судот во Стразбур ја поништи одлуката на нашиот Суд дека без основа било забрането тоа име на организацијата.

-Затоа мора да бидеме внимателни тука и во рамки на нашите закони, и во меѓународните правила, но во Владата се отвора дебата во однос на ова прашање. Јас мислам дека навистина треба да се разговара и со граѓаните со бугарско етничко потекло во Република Северна Македонија што е целта на изборот на таквите имиња, бидејќи ќе повторам, тоа е, пред се, на штета на бугарската заедница – подвлече Османи.

Против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, завчера протест одржа политичката партија Левица, а беше поддржан и од ВМРО – ДПМНЕ. Од СВР Охрид соопштија дека на протестот не биле регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир. Полициските службеници евидентирале едно лице кое на јавно место фрлило предмет кон група граѓани, против кое ќе биде поднесена прекршочна пријава по член 5 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.