Деветнаесеттиот век во светската уметност претставува прогрес и преод од конзервативниот дух во уметноста кон авангардната уметност која ќе ја обележи историјата на модерната уметност. Меѓутоа, овој век во македонската уметност не отскокнува далеку во таа сфера на модерна уметност, туку се задржува повеќе во стилските белези на класицизмот, реализмот, пленеризмот или појавата на пејзажот како посебен  сликарски жанр.

Се подигнувале цркви и профани градби ( на богати трговци, аги и бегови), а во ликовната уметност породолжила поствизантиската традиција на иконопис, фреско-живопис како нарачка од црквата и младиот граѓански слој и развојот на штафелајното сликарство со профани или нерелигиозни теми. Скромен по своето образование и ликовни можности Димитар Андонов Папрадишки ( роден во село Папрадиште 1859-1954) се стекнал со посебно сликање во техника на маслени бои, а посебна уметничка надареност остварил како вистински зограф.

Голем придонес за внесувањето позитивни новини во црковното сликарство токму во период кога уметноста иницирала знаци на презаситеност од еднолично повторување на сликарски теми, бил неговиот престој во Русија, Софија и Света Гора, каде низ контактите со тамошното сликарство постигнал префинет изглед на лицата на светителите. Всушност, на тој начин го трасирал својот пат да слика убави ликови до степен на идеални остварувања кои му дадоа посебен печат на неговото сликарство.

Сигурен во својот талент и слината самодоверба го доведува во посериозни и сложени сликарски зафати, Папрадишки многу млад добил понуда да го продолжи живописувањето на манастирот Св.Јоаким Осоговски, за која имал помош и од тајфата на зограф Петар Николов.

Строгиот религиозен кодекс тој тука го напуштил и започнал да ги слика светителите со природен изглед на лицата, а фигурите се отсликани во движења што се блиски до природните манифестации со кои се изразуваат некои чувства (Страшен суд Среброљубец, Духовен знак, трети  петти образ, Упсение на Св. Јоаким, Св. Јован Кукузел и сл.).

Понатаму, познато е дека од црковните власти му било доверено сликањето на иконостасот и живописувањето на црквата Св.Димитрија во Скопје кадешто воочлива е способноста на зографот да слика монументални фигури во натприродна големина, со потенцирање на една посебна пластичност при сликањето на лицата и рацете, како и минуциозното сликање на брадата и мустаќите.

Покрај овие големи проекти, во својот плоден творечки потенцијал работел и на живописување, цртање на празнични икони во следните цркви: Св.Никола и Св.Ѓорѓи во село Станишор, Градиште и Кочани, Св.Никола во Опила и Куманово, Св.Јован Претеча во Кратово, Св. Илија во с.Црешово, Св.Петка во Скопје, Св.Јован Претеча во с.Туралево, Св.Антоние во с.Кетеново  и многу други цркви.

Во повеќето од нив евидентно е влијанието од српското и војводинското сликарство во кои светителите ги насликал во стоечки став, а облеките ги декорирал со флорални орнаменти или со релјефно орнаментирани шари. Длабочината на иконата ја збогатувал со низок пејзаж во позадина исполнет со вегетација, вода, ридови, планини или делови од архитектура.

Поголемите влијанија од нашата културна и традиционална уметност Димитар Андонов Папрадишки ја доловува во манир на наивен или примитивен реализам во повеќебројните мотивски разновидности во штафелајното сликарството, како што се: портретите, пејзажите, фолклорните мотиви, историските композиции и религиските теми.

Првично, портретите до Првата светска војна се во манирот на академски реализам, а потоа ги насликал во пожив колорит со импресионистички отсјај. Тие ги поставува круто и шематски, најчесто со воздржаност во изразот,  нагласувајќи ја дистанцираноста од портретираниот лик со редуциран дискретен хроматизам и мирна фактура. Не толку вешт, портретот за него повеќе бил израз на статусен симбол и желба да се сочува сопствениот лик за идните генерации („Портрет на Драгица”, „Моето внуче”, „Портрет на Ѓорѓи Попов”, „Портрет на игумен Езекиљ”, „Портрет на свештеник”, „Автопортрет” и др.).

Папрадишки во иконописот и фреските ги почитувал естетските начела на црковните канони, внесувајќи во нив примеси на свои иновации според одделни западни примери, додека пак во портретите се забележува една концепција произлезена од иконописот, т.е. сликањето на делови на лицето, од носот до брадата е речиси идентичен во сите дела.

Тој го следел својот творечки пат не дозволувајќи да потклекне на современите појави на пленеризмот и експресионизмот во делата на Мартиноски, Личеноски, Вангел Коџоман и други уметници основоположници на македонската модерна. Папрадишки создал дела кои се умерени, јасно конципирани и постојани во изразот, и затоа, тоа се вреднува од историски и сликарски аспект, низ кој го најавил македонското модерно сликарство, како и понатамошната творечка судбина на нашите уметници.

Автор: Марија Стојческа