Се обидувам да сси објаснам нешто амиот на себе. Зошто „славиме“ Нова Година, зошто таа еуфорија, зошто новогодишни резолуции, зошто ветувања (кои многу ретко ги почитуваме)? Зошто цела фама околу само една бројка на календарот, која секоја година ја гледаме и како крај и нов почеток?

ТОКМУ ЗАТОА, затоа што ни треба крај на еден циклус, ни треба почеток на нов циклус, ни треба пресек, ретроспектива на една година и релативно чиста слика за она што не чека во следната (барем во нашата глава и во нашите желби).

Она што секоја година го носи не е ништо ексклузивно „НОВО“ и невидено, туку е само нова можност за да истото се проживее на нов начин. За да се направат нови избори (со малку надаж, подобри избори), да се направат поинакви решенија во дадени ситуации, да се избориме за подобар живот (барем според нашите видувања)…

Годините кои носат загуби се тешки, можеби и најтешки, и кога ќе кажам загуби, не мислам на материјалните загуби, тоа доаѓа и си оди, некогаш она што ќе го изгубиме ќе се надокнади и повеќекратно веќе следната година. Луѓето кои си заминуваат од нашите животи, на патот од каде нема враќање се најголемата загуба која ни се случува, и со тоа ни е потребен цел еден механизам за да се соочиме со тие загуби и да ги „преболиме“ оние кои се непребол.

Животот оди натаму, тоа е факт, оние кои си заминале нема да се вратат, нема веќе да може да прослават со нас уште една нова година, уште некој роденден и именден, понекоја слава. Ние мораме да го прифатиме тоа, и тоа е факт, но болката останува како лузна која и по зараснувањето на раната, факт е не дека боли исто, но останува за цел живот. Лузни се редат како минуваат годините и како што и борите на лицето се одраз на минатото, така и лузните на душата оставаат видлив белег.

Да не биде се така црно и само црно, годините кои носат нов живот се години исполнети со неспоредлива среќа, радост и колку и да е голема грижата дали се ќе биде ОК. Позитивните чувства преовладуваат секогаш, дури и кога работите не течат како што сте се надевале, ништо освен љубов не останува кога ќе помине тешкото.

Покрај тоа што минатото е такво, неминливо, нашите избори секогаш сакаме да ги ревидираме, во контекст на загубите. Највеќе сакаме да го ревидираме она што е единствено вредно во нашиот живот, и нам ни станува јасно, само кога почнува да ни го снемува во изобилие или кога ќе сфатиме дека животот не е бескрајна приказна, туку дека има многу остар пресек. Во тие мигови го правиме токму тоа што не наведува на ревизија на нашите избори, ни се прикрадува еден друг факт кој го занемаруваме и го превидуваме секојдневно, единствена вистинска „валута“ која има реална вредност во нашиот живот е времето…

Времето кое го минуваме со луѓето кои ни значат е најдобрата инвестиција во овој живот, убаво минатото време со нашите најмили е тоа за што секоја нова година барем јас лично жалам за минатата година и си ветувам дека оваа следната ќе поминам повеќе време со луѓето кои ги сакам, а помалку време бркајќи ги оние минливите работи кои и немаат вистинска вредност.

Животот и покрај тоа што е многу комплициран, е во суштина (во онаа гола суштина) многу едноставен, голи доаѓаме на овој свет, така и заминуваме, онаа цртка на надгробниот споменик која ни го означува животот, не е ништо друго туку колку и какво време сме минале со оние кои сме ги сакале, колку сме ги сакале и како сме им покажале. Времето е највредното нешто што некој може да ви го подари, ценете го тој подарок, зошто тоа е навистина бесценето за оној кој го дава.

Животот тече во една насока и животот има почеток и крај, за секој од нас, нашиот избор на кого му го даваме нашето време е единствената наша оставштина која навистина има некаква вредност. Не, за среќа не е потребно да ни е животот перфектен, за среќа е потребно многу малку, да сме опкружени со љубов, да ја примиме, но и многу повеќе да ја дадеме на тие околу нас, зошто љубовта е феномен кој и покрај тоа што знае да не направи „слаби“ и зависни од некого, љубовта не прави и најсилни и нај издржливи. Феномен, во права смисла на зборот.

Слава им на сите кои си отидоа прерано оваа година, со кои се надеваме на средба таму некаде на небото, добре дошле сите кои се родија на овој свет, се надевам ќе го изменаџирате подобро овој свет кој ви го оставаме во ваши раце. Се сака со срцето и од душата, сакајте се безусловно, живејте со полни гради и не се плашете од ништо, животот е дар кој треба да го живееме за да го искористиме, не знаеме кој е нашиот последен ден овде, давајте се целосно на тие што ги љубите, минувајте што повеќе време со најмилите, смејте се, зошто животот е прекраток за да на се гледаме претерано сериозно!

Ве сакам

Автор: Миодраг Константинов

ИЗВОРМој Збор
претходниот член,Плоден и комплексен творечки потенцијал
Следната статијаКраток есеј за човекот

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде