Расправии, повишен тон, тешки зборови – ова се манифестации на гнев што работодавачите генерално не ги поднесуваат на работното место. Но, постојат ситуации кога гневот не само што е оправдан, туку и корисен, тврдат научниците од Универзитетот во Ливерпул.

Станува збор за морален гнев, чија основа е карактеристиката дека е поттикнат од желбата да се брани друга личност или општото добро, а не од лична корист. Научниците апелираат до работодавците да дозволат изразување на таквиот гнев, се разбира на прифатлив начин, без навреди.

Затоа што на овој начин се штитат моралните вредности, се поправаат неправдите, се поттикнува еднаквоста и се создава подобро и поквалитетно општество, сметаат експертите.

Од друга страна, кога работодавачот го потиснува ваквото однесување како девијантно, тоа создава услови за неправедна, нездрава и неморална средина. И така, научниците ги повикуваат работодавачите да научат да прават разлика помеѓу моралниот и другите видови гнев.

Инаку, едно претходно истражување покажа дека не е сеедно дали мажите или жените покажуваат лутина на работното место. Значи, припадниците на посилниот пол кои покажуваат лутина на работа имаат силно влијание врз колегите, но жената која го прави тоа се доживува како слаба и премногу емотивна.