Разговарам со мојот невропсихијатар. Неволно воведена во тема за дискриминација, каде врз база на анамнеза (мои изјави) психијатарот ќе ми даде „стручен наод и мислење“ кое треба да го платам со многу пари. Во суштина, мојот невропсихијатар можам добро да го излажам, а и работите што тој ми ги соопштува ги слушам и кога одам на фризер. Ако само моите изјави се важни, а тој нема вистиномерaч, тогаш констатирам дека таа анамнеза која се смета за доказ со некоја научна валидност, всушност е доволна да се добие невистинит извештај. На мојот невропсихијатар важно му е тој извештај да е употреблив и пред се платен по трошковник. Кога го завршивме разговорот, ми соопшти дека семејното насилство е голем проблем и дека ако имам потреба некогаш да му се обратам.

За среќа не сум жртва на семејно насилство, мојот маж е. Иронично одлучив да го дистанцирам невропсихијатарот. На тоа ми одговори дека мажите се посилни и тие не можат да бидат жртви на насилство, на жените им треба заштита. Разговаравме за дискриминација на работно место, а дојдовме до семејно насилство. Интересна е констелацијата. Ама јас одлучив да се борам со поголеми можности да се остварам и како работничка настана од тоа што нужно моето женско тело и мојот културно – социјален хабитус, нему веројатно му ја имплицира важноста на мојот идентитет врзан со тоа дека сум мајка и сопруга. Сосема ми е јасно дека луѓето од своите дипломи прават убави бизниси при тоа кршејќи било каква етика, бидејќи за да почуствуваш етичка казна мораш да бидеш совесен, ама никако не ми е јасно кои се тие кругови на луѓе кои треба да ги заштитат жените? Ако некој сака да им пружи поголема заштита на жените, вклучувајќи ме еве и мене како жена, сосема е доволно да обезбеди правна регулатива која ќе дефинира еднаков третман на мажите и жените.

Мене не ми треба ниту симпатијата на докторот, ниту сожалувањето на полицискиот службеник ако законот е тој што ме штити еднакво како и сите други. Секој ќе си постапи по сопствената должност, а не убедување и ќе добиеме совршен систем на заштита. Сосема друг проблем е доколку некој сака да ја живее орвелистичката парадигма на тоа дека не се сите еднакви просто затоа што некои се поеднакви од другите. Мојот разговор со психијатарот заврши неславно, за среќа доволно е да му платам пари и да добијам извештај каков што сакам, инаку веројатно ќе ми налепеше куп етикети во извештајот особено затоа што имам проблем да се вглавам во стереотипот на општото размислување и социјалните норми и секако насилството дома да ми биде поважно од насилството на работа или насилството што моето дете би можело потенцијално да го има од своите врсници. Науката на невропсихијатарот е контаминирана од неговата културна припадност и фактот што од некаде е „програмиран“ да размислува дека жената е послабиот пол на кој му треба заштита.

Јас ниту признавам дека сум послаб пол, освен можеби во смисла да не можам да употребам доволно физичка сила и да натепам некој или да поместам тежок предмет, ама животот ми покажал дека и без таа „голема“ физичка сила сосема комотно се живее во заедница каде што жените можат да раѓаат деца, а мажите можат да креваат тешки предмети. Доколку би ги замениле местата, ниту тие, а ниту ние жените, не би можеле да остваруваме функционални семејни врски и да засноваме заедници. Второ, мене заштита од поединци, па и од група воопшто не ми е потребна, ниту мислам дека невропсихијатарот и неговата анамнеза драстично ќе ме заштитат доколку сум жртва на било какво насилство или неправда. Неговата работа е да ги утврдува фактите врз база на научните инструменти, а не да биде куцачка машина за моите изјави.

Нејсе, излагам од невропсихијатар и влегувам кај невролог – педијатар. Закажан преглед за моето дете. Лекарката ме советува никако да не го доближувам детето до електроника и екрани затоа што тоа може да му пречи на неговиот когнитивен развој. Додека го облекувам после прегледот, на холот од амбулантата има огромен екран кој покажува промена на термини за лекарите. Моето дете гледа во тој екран, како и во екранот на мобнилните телефони на луѓе кои седат околку мене. Додека морам да работам на комјутер, потребно е да биде во моја непосредна близина за да внимавам да не падне и дојде до некоја повреда.

Едноставно, јас своето дете не можам да го тргнам од екрани, затоа што тие се насекаде околу мене. Од друга страна моите другарки ми велат дека децата им научиле англиски и германски гледајќи цртани за деца. А денеска дете кое не знае барем уште еден светски јазик покрај мајчиниот пред да тргне во училиште, средната го смета за дете на кое не му е посветена голема родителска грижа и не во категорија деца „генијалци“ (денеска повеќето деца се „малци генијалци“). Од друга страна децата кои растат со електроника можеби имаат поинакви когнитивни капацитети, а не когнитивни пречки. А човекот еволуциски ја менува својата свест под влијание токму на алатките што ги користи. Електрониката и новите електрични уреди се секако дел од сетот на нови алатки кои човекот ги користи.

Да имав дома еден робот кој ќе ми го причуваше детето додека јас работам на комјутер ќе се сметаше ли тоа за недоволно добро опкружување на детето? Прво роботот ќе треба да изгледа како нежна мама, да има температура на тело 37 степени, на детето да му се обраќа со милозвучен глас и секако да има допир како на „мама“. Зошто ако роботот не е женски, лекарите ќе забележат дека на детето му недостига развоен стимул кој се добива исклучиво од мајката, или психолозите ќе забележат дека мајчината фигура е слабо втемелена во односот на детето кон светот. Доволно добра имитација за мама кај робот нема да може да најдеме, но дури и да може, роботот мора да е женски, да има женски глас, одредена топлина и редовен допир и контакт со детето.

На крај ја работам новинарската сторија за семејно насилство и пред мене се појавува збор „фемицид“. Граѓанските здруженија бараат убиството на младата жена да се квалификува како фемицид, затоа што за фемицид се построги казните. Сигурно како и за „андроцид“ си велам. Барам правна терминологија со андроцид и таков збор не постои. Просто правната наука не препознава дека некој може да убива мажи поради тоа што ги мрази. Дури и правната наука ја изгубила својата научна неутралност и станала родова.

Се е во симболот на родовоста. Само не знам во чие име „феминистиките“ се изборите за тоа појдовна основа на секое правно, медицинско, па и научно дејство да биде дека жените се послаб пол на кој му треба заштита? Ако сте се избориле за тавтологија која потврдува вековно погрешно поставени тези дека жените се борат за заштита од другиот „посилен“ пол, тогаш сте им завршиле баш голема работа на „посилниот пол“ и повторно сте им ја дале титулата да бидат моќници од чија волја зависи дали ние ќе сме заштитени или не. Дури и науката не е веќе неутрална, си велам. Можеби науката на денешницата е всушност црквата на средниот век и токму таа најмногу се инструментализира во борбата за моќ и превласт!

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов