Уште еден Осми март пред нас. Традиционални маршеви, букети од рози, внимание на женски теми, по малку сарказам зачинет со горчина и маргинализирање на женските теми, баш затоа што поединци имаат потреба да бараат оправдување зошто е важно да се говори за женските теми. Важно е пред се затоа што, само ако говориме за женските теми, ќе ја постигнеме општата правда и ќе ги уважиме и машките теми, кои оправдан впечаток е дека се во сенка на жените. Мажите ја немаат таа привилегија да имаат еден ден во годината кој ќе биде нивен и ќе се говори и за нивните проблеми и потреби и тоа го наметнаа токму оние лицемерни феминистички коментари дека мажите имаа останати 364 дена во годината кога тие ги диктираат темите и ги поставуваат тезите.

Ако за вековна женска борба успеавме да се избориме само за еден ден и се уште е присутно чувството дека мажите диктираат, а жените спроведуваат или што би кажале Македонците слушаат, тоа и не е баш утешителен податок. Секако да се говори за женските теми воопшто не мора да се биде жена, како што и да се говори за машките теми не мора да се биде маж. Транс идентитетите велат дека хабитусот е тој што го креира идентитетот и така настанува родот. Родот и понатаму се конструира, иако целта на феминистките од минатиот век беше токму тој да се деконструира и да се разбере дека потеклото на родот е во општествениот договор. Бројот на родови идентитети постојано расте и секако поентата не е да се покаже колку е апсурден општествениот договор за изгледот на женскост или машкост, туку има луѓе кои реално ги живеат антиправилата кои ги поставуваат, како што секоја контракултура е сепак нечија култура.

Кога зборуваме за полот работите се прилично едноставни, на тема пол има само две варијации, освен нели ако не направите насилна интервенција да го измените изгледот на половиот орган, без при тоа да имате можност на таа естетика да и додадете и функционалност па да биде цел полов систем. Тоа што некој има полов орган спротивен на своите хромозоми, не значи дека е маж/жена. Човек може да вгради и рогови, ама тоа нема да го направи вол. Да говориме за жената како род не смее да биде поважно од тоа да говориме за мажот како род. Општеството треба да расчисти со измислици и неоправдани флоскули кои се земени како некое општо место и апсолутна вистина. Како на пример таа дека „една е мајка“, како татковци да има неколку. Не е проблемот во тоа некоја жена да не знае кој и ги направил децата, ама за тоа постои тест за утврдување на татковство. Дури и во нашиот Закон за семејство постои дел каде се утврдува начин на потврдување на татковство. Ама колку и да е голема листата на потенцијални татковци, реално и таткото е само еден.

Воопшто не ми е јасно од каде е потребата да се нагласува единственоста, посебноста, преподобноста на мајката како родител, а да се девалоризира улогата на таткото. Ако идејата не е да посочите дека не знаете кој ви ги правел децата, а очигледно е кој ги родил, тогаш имаме проблем со удирање по женскиот морал. Нејсе и тој приговор не е толку важен, колку што е важно дека татковците се исто така родители кои вакви општествени убедувања ги тргаат од децата со погрешни претпоставки дека родителот – примат е мајката. Женскиот репродуктивен систем може да износи бременост, да роди дете, да обезбеди храна преку доење, но тоа се биолошки карактеристики на женското тело и немаат многу врска со мајчинството. Жена која те родила не мора да биде твоја мајка, сурогат мајчинството прво тоа најдобро го покажува, а второ жена која раѓа дете со медицински термин се нарекува родилка, мајка е социјална категорија.

Ако се сеќавате на крајот од романот „Големата вода“ на Живко Чинго во кој стои „не студи и не боли кога се има мајка“. Да мајка е фигура која е присутна во животот на своето дете и му ја пружа потребната поддршка и топлина. Мајка е социјална категорија и се дефинира со општествени правила. Ние не сме исти мајки какви што биле мајки нашите баби. Во суштина мајчинството се менува низ реобмислување и на улогата на жената, преку транзиција на семејните односи до дефинирање на делот за односот на детето со неговата мајка. Таткото е исто така родител кој има важна улога во животите на децата. И доколку на татковците не им се дадат еднакви права во родителството, тешко дека можеме да говориме за унапредување на права на жените.

Затоа што флоскулата „една е мајка“ ја држи жената во блискост со децата и ја определува нејзината позиција повторно во домот. Кога татковците би биле поактивно вклучени во домаќинството и одгледувањето на децата, не само што ќе се овозможи цел диверзитет на околности во кои ќе растат деца кои се поотворени, потолерантни на различности и социјално адаптибилни, туку и на жената ќе и се олеснат куп активности и ќе и се даде време што може да го посвети себе. Или со јазикот на феминистките – време во откривање на својот личен, па и родов идентитет.

Затоа овој Осми март треба да го посветиме на борба за права на татковците, особено оние татковци кои се отуѓени од своите деца по развод на бракот или оние несреќни мажи кои остануваат во нефунксионален брак затоа што се плашат дека ќе изгубат контакт со своите деца. Овој Осми март, џентлментски ќе го посветам на мажите. Затоа што без реобмислување на машкиот идентитет и нивните улоги, не можеме да говориме за еднаквост, можеме да бараме само привилегии за жените. А привилегиите ги чуваат жените во „Стаклено ѕвоно“, што би рекла Силвија Плат. Ако е идејата да живееме во совршени дворци со кренати капии до небо и да бидеме принцези, тогаш мора да признаеме дека не се бориме за слобода и за еднаквост, а без слобода и еднаквост никогаш нема да можеме сами да го креираме сопствениот идентитет и тој како и досега во минатото секогаш ќе биде зависен од потврдата на мажите.

Автор: Магдалена Стојмановиќ