Никола Иванов-Балтон ( роден 1948 во Штип – починал 2012 во Дојран) во констелацијата на современите ликовни тенденции во Македонија зазема сосема издвоено место карактеризирајќи се со посебен индивидуален приод во ликовните естетски барања.

Таквата констатација се темели благодарение на неговиот четиридецениски творечки животи учеството на повеќебројни самостојни и групни изложби и организирани ликовни колонии во земјава и во странство, но воедно и поради неговото активно членство во Друштвото на ликовни уметници на Македонија. исто така, тој е познат како прв соработник на Петар Мазев при изведбата на големиот мозаик во Спомен костурницата во Велес.

Во ликовниот дискурс своите првични тенденции ги насочува кон сликарството, а подоцна голем бил неговиот интерес кон изработката на мозаици и витражи. Во поголемиот дел од делата изработени во техника масло на платно мошне евидентна е неговата насоченост и фокус кон бојата во нејзиното широко, плошно нанесување и полн интензитет.

Главен инструмент со кој ги изразува своите чувства е слободниот потег на богат колорит кој открива апстрактни и асоцијативни предели со знаковни елементи и лирски белези.

Во процесот на креирање на делото Балтон спонтано ги повлекува линиите и несвесно ги нафрла дамките врз површината на платното, извлекувајќи ги во финално оформување на распрскани елементи.

На тој начин ја открива и дефинира конкретната замисла на делото кое на моменти потсетува на „drip painting” во стилот на светските современи уметници како што е Џексон Полок.

Овој експлозивен ексрпесивен уметнички сензибилитет создава една хармоничност на боите во одредена просторна рамка низ која проникнува пулсирачкта и треперливата природа на авторовиот интуитивен сликарски нерв.

Така на пример, во делата „Ерупција”, „Ерозија”, „Предел” и слично, Балтон на непосреден и лесен начин го доловува она што е карактеристично за неговиот цртачки приказ: бојата, линијата, структурата, формата и фактурата.

Во испреплетувањето на топлите и студените тонови ја иницира сензацијата од која извира звучната естетика слична на онаа на т.н „принципот на внатрешна нужност” од сликарот Василиј Кандински, кој вели:

Светлите и топлите бои, светлоцрвената како оган незадржливо го привкелува човекот и го иритира погледот. Бојата е средство за извршување на директно влијание врз душата.

Никола Иванов – Балтон е уметник кој во колерација со својот талент на интересен начин ги третира ликовно-естетските проблеми кои се провлекуваат речиси низ целиот негов развиток.

Неговото сликарство е вешто синхронизирано единство на спој на лесно и лежерно сознаено искуство кое е паралелно со екстрактните созвучја на сопствениот емоционален, креативен, динамичен и темпераментен склоп.

Имено, во неговите слики е видлива феноменологијата на експресивно нанесување на психичка импровизација во молскавичен процес на гестуалност по површината на платното.

Таквите несвесни, импулсивни и автоматски потези со четката се јасен показ за формирање на уметникови колористички арабески кои се надоврзуваат на поетските и лирските медитативни состојби.

Ако се земе предвид структуралната изведба како почетен образец во стилското толкување на сликата тогаш таа како целина може да се нарече ликовна поема.

Всушност, целокупната естетика на оваа лирска апстракција Балтон перфектно ја стилизира до една воопштеност со милозвучни, суптилни и нежно лирски поетски призвуци.

Сензибилитетот на Балтон во основа претставува израз на експресивна пиктурална медитација организирана во неправилни површини, доведувајќи ја до суптилни акорди на постепено барање на посакуваниот тон и боја.

Во асоцијативниот свет на овој сликар може да се откријат предели и ерозивни наноси кои се производ на имагинацијата и се рефлексија на неговата поетска интима. Таквиот колоритен свет кој на прв поглед изгледа апстрактен ја дооформува претставата за едно визуелно творештво кое е целосно посветено и остава длабок печат во македонската современа уметност и пошироко.

Дел од делата на Балтон се во сопственост на колекцијата уметнички дела на Националната галерија Даут-Пашин Амам во Скопје и се изложени во постојаната поставка на галеријата.

Автор: Марија Стојческа