Пред неколку месеци во медиумите низ регионот одекна вестта за самоубиството на млада јутјуберка од Србија, меѓу публиката позната како „Кика“. 

Според првичните наоди во медиумите можеше да се прочита дека причината за самоубиството е сајбер булинг кој со години наназад младата јутјуберка и гејмерка го трпела на социјалните мрежи.

Иако јавноста беше длабоко потресена од овој настан, не се покрена јавна дебата на тема сајбер булинг, ниту беа преземени конкретни чекори за запирање на сајбер булингот и негово санкционирање.

Секој што ќе излезе во јавност со свој став, тврдење, анализа и сл. се соочува со опасност да биде брутално нападнат, навредуван, да трпи закани по живот, уцени и да биде силувана неговата приватност од различни профили на луѓе, во главно непознати или луѓе кои се претставуваат на социјалните мрежи со лажни идентитети.

Доколку се обидете да пријавите сајбер насилство или сајбер булинг, како што популарно се нарекува, во полиција или пред друг надлежен орган (Обвинителство, Омбудсман) одговорот што ќе го добиете е дека сајбер насилството не може да се казни бидејќи не е конкретно дефинирано во Кривичниот законик и нема конкретни правни механизми за негово препознавање, третман и санкционирање.

Освен отсуството на правните механизми за препознавање и третман на сајбер насилство, во недостаток сме и од институционални и кадровски одговори на овој проблем. Најголем број од луѓето на кои ќе се обратите за помош, социјалните мрежи не ги третираат како реална опасност за вас. Во принцип како што луѓето, времето и местото на сајбер просторот е витруелно, така и навредите, заканите и омаловажувањата немаат реална опасност за вас.

Во принцип тоа е така. Голем број на луѓе кои трпат закани на социјалните мрежи, никогаш не се соочиле со спроведување на заканата. Доколку лицето што на социјални мрежи ви се заканило го сретнете на улица голема е веројатноста дека нема ниту да ви упати заканувачки поглед, а уште помалку да ја повтори вербално заканата или оствари, за остварување шансите се скоро непостоечки.

Мал е бројот на оние кои се подготвени да понесат одговорност за своите коментари на социјалните мрежи.

Сликни го твојот глас – со слика + порака се прикажува како е да се биде новинарка и медиумска работничка во Македонија
Сајбер насилството сепак не е безболно 

И покрај тоа што заканите и увредите остануваат само во витуелен простор и заканувачите не можат физички да ви се доближат, сепак тие оставаат последици и трауми врз вашата личност.

Начинот на кој се справуваме со сајбер насилство е индивидуален. Некои повеќе го разбираат концептот на социјалните мрежи и потребата на луѓето од навреди и омаловажувања, но постојат и луѓе кои потешко се справуваат со критиките на социјалните мрежи доживувајќи ги како лични, а себе си како безвредни.

По некое време личноста се идентификува со коментарите на толпата кои во најголем случај се прототипи за навреди во рамките на субкултурите каде што насилниците припаѓаат. Доколку насилникот припаѓа на субкултура на која наркоманијата не и е непозната појава, тој сите ги навредува со називот „наркоман“, доколку припаѓа на субкултура со девијантно сексуално однесување, за него сите се со сомнителен морал. Во суштина преку коментарите се презентираат механизмите за репресија која се користат во рамките на субкултурата на која сајбер насилникот припаѓа.

Во принцип она што еден коментар на социјалните мрежи може да го нанесе врз психата на човекот, треба да се лекува со месеци на психо-социјалните советувалишта.

Светот станува непријателско место

Дури и да не сте мета на осуда и напад, понекогаш е неподносливо да ги читате коментарите што луѓето ги упатуваат кон поединец.

Во принцип на социјалните мрежи владее психологија на толпа и доколку првите неколку коментари се негативни за некоја појава, таа брзо ќе биде прогласена и од останатите како негативна по дифолт, без многу размислување.

Доколку се обидете да ги прочитате коментарите на социјалните мрежи за овогодишната претставничка на Македонија на Евросонг, веројатноста дека вашиот желудник ќе остане полн е многу мала. Секако ако сте задржале човечност и емпатија кон друго човечко суштество. Доколку сте ја изгубиле тогаш вашето место не е во цивилизација, туку во дивина, а таму е дозволено и дрво и камен по оној што сте го осудиле без да постои граѓански суд или друга форма на утврдување на вина. Иако од денешен аспект дивината е далеку попријатна и побезбедна од цивилизацијата.

Не на социјални мрежи 

Човек може да живее без неговиот приватен простор да е контаминиран со социјалните мрежи. Ќе се обидам да го формулирам тоа во догматски контекст, без тенденција да бидам саркастична „Блажен е тој што живее без присуство на социјалните мрежи во неговиот живот“.

Но социјалните мрежи за жал ја преземаа улогата на медиумите, пред се на медиумите за комуникација. Па така доколку живеете во цивилизација, а сепак без социјалните мрежи, мали се шансите дека ќе бидете упатени во тоа што се случува околу вас. Во најмала рака ќе бидете екскомуницирани.

Иако информациите што се шират на социјалните мрежи се често лажни и непроверени, сепак тие учествуваат во создавање на митот на заедницата кој има интеграциска функција на поединецот во системот. Така што тешко дека може да се остане интегриран, а сепак без социјалните мрежи. Доколку некој може да живее без нив во современ свет, тогаш тој може да живее сосема сам и изолиран без никаков проблем!

Автор: Магдалена Стојмановиќ