Уште од мали не учат дека доколку некој ни се обрати е непристојно да не му одговориме. Дури ни всадуваат навики дека е одлика на висока култура доколку први побрзаме да кажеме „Добар ден“ на секој познат и непознат што ќе го сретнеме иако во најмала рака кон конкретниот човек сме индиферентни и не ни е гајле дали тој ќе не перципира како пристојни или некултурни.
Но, овој воспитен модел е сосема погрешен и ги принудува индивидуите да се потчинуваат на социјално пожелно однесување и да бидат површни или лицемерни во градење на меѓучовечките односи.
Доколку сте заинтересирани да градите генуини односи со луѓето, а не само површни, важно е да им дадете до знаење на што се со вас. Дали ви се пријатни и ги посакувате во своја близина, дали се чувствувате удобно да ги поздравите и да се насмеете, или воопшто не ги вреднувате и не сакате да им упатите ниту поглед.
Во меѓучовечките односи важно е да запомните неколку работи:
- Немате обврска да разговарате со некој или да ја продолжувате комуникацијата доколку не се чувствувате удобно
Доколку во еден момент се почувстувате дека некој ви навлегува во личниот простор повеќе одошто му е дозволено или ви покажува непочит, свртете ја главата на другата страна и прекинете ја комуникацијата.
Немате обврска никому да му држите лекција за Бонтон и манири на однесување. Не трошете го времето на такви луѓе и само свртете се и заминете.
Така ќе си го зачувате и достоинството и нервите и времето. А тоа е сепак поважно одошто да им удоволувате постојано на другите.
- Имате право да го изберете своето опкружување
Дури и во ситуации за кои ви се чини дека е невозможно да ги избегнете луѓето кои ве иритираат, тоа е само заблуда во која некој ве убедил да поверувате.
На пример ако се работи за колега од работа, комуникацијата може да ја сведете на нужна, односно деловна. Никаде во вашите работни обврски не стои дека треба да пиете кафе со колегите на пауза или да им давате реферати за тоа што правите со својот живот.
Ако се работи за член од семејството, исто така, комуникацијата може да се сведе на нужна. Постојат многу различни форми на семејни односи. Од оние кои секој ден си прераскажуваат дури и што јаделе на пауза за ручек, до оние кои не сметаат дека односите со семејството треба да се толку интимни и блиски.
Градете го односот со другите како што мислите дека е најдобро, при што важно е да се чувствувате удобно во тоа што го правите.
- Не се повлекувајте пред толпата
Сепак тоа што не ви годи опкружувањето не значи дека треба да се повлечете, напротив останете таму каде што сте и изберете со кој ви е пријатно да комуницирате.
Држете се до микро односите кои ви носат среќа, немате обврска да бидете со сите „прекрасни“, „слатки“ и „насмеани“ и да трчате од еден до друг да им ги испочитувате испадите на љубопитност, или социјални потреби.
Едноставно исчистете се од паразити и одете таму каде што можете да разговарате на рамноправно ниво.
Автор: Магдалена Стојмановиќ
Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија