Припаѓам на генерацијата родена во седумдесеттите. Поточно, во 1976 година. Генерација која растеше во едно време, а живееше во друго. Генерација воспитувана за свет кој исчезна токму кога требаше да влеземе во него.
Нè учеа да бидеме фини, културни и образовани. Да ги почитуваме постарите, да читаме книги, да им помагаме на послабите и да не газиме преку луѓе за лична корист. Нè учеа дека достоинството вреди повеќе од парите, а образованието повеќе од врските. Дека човекот треба да има принципи, идеали и чувство за правда.
Не велам дека сè било идеално. Не било. Но постоеше вредносен систем. Постоеше идеја дека човекот треба да биде подобар од своите нагони, а не нивен роб.
Потоа пораснавме.
И наместо живот, добивме пад на сите вредности.
Добивме распад на државата во која сме родени. Добивме војни во соседството. Добивме транзиција во која многумина преку ноќ останаа без работа, а малкумина преку ноќ станаа богати. Добивме сиромаштија, неизвесност и чувство дека правилата важат само за оние што ги почитуваат.
Добивме светски економски кризи, должнички кризи, политички кризи и години во кои повеќе се зборуваше за преживување отколку за живеење.
А ние, така воспитани, не бевме создадени за таа трка.
Не станавме „брзатори“, луѓе што цел живот трчаат по пари, позиции и статусни симболи.
Не станавме ни „мрчатори“, луѓе што за сè имаат изговор и секогаш чекаат некој друг да ја заврши работата.
А најмалку станавме сончогледи. Не научивме да се вртиме според насоката на ветерот. Да менуваме убедувања според интересот. Да го нарекуваме белото црно ако така е попрофитабилно.
Поради тоа често бевме нарекувани “незгодни”.
Но останувавме исправени.
Се боревме со неправдите. Се расправавме кога можевме да молчиме. Одбивавме компромиси иако ни носеа корист. Плаќавме цена за принципите, а понекогаш и превисока цена.
Џорџ Орвел напишал:
„Во времиња на општа измама, кажувањето на вистината станува револуционерен чин.“
Можеби токму затоа толку често се чувствувавме како туѓинци во сопственото време. Не затоа што бевме подобри од другите, туку затоа што одбивавме да се преправаме дека неправдата е правда, лагата вистина, а интересот морал.
И денес, кога сме во години кога нашите родители веќе имаа некаква сигурност, многумина од нас сè уште се прашуваат:
Кога ќе почне животот?
Не луксузен живот.
Не живот со јахти, милиони и егзотични острови.
Само обичен живот.
Среден живот.
Досаден живот.
Живот во кој човек не размислува секој ден што ќе поскапи утре. Во кој не се буди со чувство дека повторно треба да води некаква битка. Во кој не мора постојано да се докажува, да се брани и да преживува.
Некогаш ми се чини дека нашата генерација цел живот живее во историски настани. Штом ќе заврши една криза, почнува друга. Штом ќе се отвори надеж, доаѓа ново разочарување.
Платон предупредил уште пред повеќе од две илјади години:
„Цената што добрите луѓе ја плаќаат за рамнодушноста кон јавните работи е тоа што на крајот со нив владеат лоши луѓе.“
Можеби токму затоа многумина од нас не можеа да молчат. Не затоа што сакаа политика, туку затоа што не можеа мирно да гледаат како неправдата станува правило.
Но сепак, кога ќе ги погледнам нашите деца, не можам целосно да се предадам на песимизмот.
Затоа што можеби не успеавме да им оставиме богатство.
Можеби не успеавме да им обезбедиме свет без проблеми.
Но им оставивме нешто друго.
Пример дека човек може да остане човек и во лоши времиња.
Дека може да има принципи кога принципите се скапи.
Дека може да биде чесен кога чесноста не е на цена.
Дека може да остане исправен кога сите други се наведнуваат.
Ернест Хемингвеј напишал:
„Човекот може да биде уништен, но не и поразен.“
Во таа една реченица како да е собрана приказната на нашата генерација. Нè удираа кризи, разочарувања, предавства и неправди. Но сè уште стоиме!
Можеби поизморени.
Можеби поразочарани.
Но не и поразени.
И затоа, на крајот, прашањето не е само дали ќе има живот за нас.
Прашањето е дали ќе има живот за нашите деца.
Обичен.
Среден.
Досаден.
Мирен.
Живот во кој нема да мора да бидат херои за да преживеат.
Живот во кој конечно ќе можат едноставно да живеат.
А ако треба една реченица да биде завршна мисла на нашата генерација, тогаш тоа е онаа на Антонио Грамши:
„Песимизам на разумот, оптимизам на волјата.“
Разумот ни кажува дека времињата се тешки.
Но волјата ни забранува да се предадеме.
Затоа што по сите овие децении, сè уште веруваме во нешто што денес изгледа речиси револуционерно:
Во чесноста.
Во достоинството.
Во правдата.
И во надежта дека нашите деца конечно ќе го добијат она што ние толку долго го чекавме, обичен, нормален и достоинствен живот!
Гоце Кузески, професор по физика и колумнист



















