Изборите завршија, гласачите ги направија своите избори, луѓето во Македонија се важни само додека ја имаат улогата на гласачи, а потоа бргу се заборава дека од гласачите и нешто зависи.
Правдата е задоволена, партиите на државна власт се казнети за своите постапки и дела, за непочитувањето на волјата на граѓаните и наметнување на нивното самоволие во отсуство на демократска и широка јавна расправа пред да се донесат клучни одлуки.
Избравме нови градоначалници, знаејќи дека нема да ни покажат ништо радикално ново и надежно, ќе бидат за нијанса подобри, а можеби и полоши од претходните, тоа никогаш не може да го знаеме, бидејќи политичкиот живот е перманентна сегашност. Политичарот е инструментализиран во актуелноста, за жал тој не постои во неговото минато и во иднината, од таа причина и бргу го забораваме нивното политичко минато и повторно ги избираме за функционери, а немаме доверба ниту во нивото „ќе“. Градоначалниците на овие избори беa изберени врз принципот „помало зло и желба за одговор на граѓаните кон неправдите на кои сведочеле“.
Владеачката партија направи катастрофални потези за овие локални избори што покажа дека живее во заблуда на безрезервна поддршка од граѓаните и ригидна определеност. Ригидната определеност на јавноста во Македонија не е ништо ново, во толку мала земја веројатно има многу повеќе партиски книшки одошто дипломи или индекси, но таа оределеност нагло се менува. СДСМ ги доби претходните парламентарни и локални избори поради тоа што народот беше гневен и имаше потреба да го казни ВМРО-ДПМНЕ за катастрофалното владеење претходните 10 години во кое доминираше самоволието Груевски-Мијалков. Но направи исто толку како своите претходници да ги изгуби овие избори.
Лудост е гласачите строго да се определуваат и со тоа го ограничуваат својот избор и суд, пристрасноста не носи резултати ниту за гласачите, ниту за оние кои ги гласаат. Уште поголема лудост е тоа што политичарите веруваат дека определеноста на гласачите е конечна и неменлива, без да имаат предвид дека ниту едно владеење не е апсолутно зло или апсолутно добро, секојдневно се носат одлуки кои ја избираат тежата кон доброто или кон злото. Но кога во низа се прават лоши политички избори, не може да се очекува награда од гласачите.
Најдобриот можен потег што може да ја спаси партијата од комплетно фијаско беше оставката на Зоран Заев, по тој пример треба да се поведат уште неколку министри кои ја згрозија јавноста со своите постапки. Инаку на СДСМ ќе му се случи целосна игнорација од гласачите, на која беа осудени и ВМРО-ДПМНЕ досега. ВМРО-ДПМНЕ излегоа од сенката благодарение на лошите политики на СДСМ, а не благодарение на своите „добри“ постапки во минатото.
Единствен добар исход за СДСМ на овие избори е внатрепартиската реформација која произлегува од недостатокот на внатрепартиската демократија. Исклучувањето на Максим Димитриевски од трката за грдоначалник во Куманово делегиран од СДСМ покажа дека во СДСМ нема внатрепартиска демократија, но неговата победа како независен кандидат ќе произведе нови промени во партијата и само во партијата. За Куманово ништо нема да се смени, кумановци одбраа свој градоначалник врз база на евиденција во неговиот претходен мандат од кој очигледно беа задоволни. Максим Димитриевски е уште еден пример во кој СДСМ донесе многу лоша одлука, која ги чинеше губење на „бастионот на СДСМ“ во сите изминати години.
За жал трета опција во Македонија е далечна иднина. Во реалноста сме бипартиско општество, а не многупартиски систем. Занемарлива е улогата на помалите партии, освен на „Левица“ која за жал не остана доследна на ветувањата дека нема да коалицира со никој за власт бидејќи претендира самостојно да дојде на власт.
Можеби е време да почнеме да учиме нешто од нашите сограѓани Албанци. На овие избори се покажа дека поранешниот блок ДПА-ДУИ е одамна надминат. Не само што има трета, туку има и четврта опција помеѓу гласачите, што е индикатор за прогрес и политичка зрелост што тие успеаа да ја изградат за кратко време.
На Левица и предвидувам уште едно акме и нагорен развој, но коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ многу ќе ги чини кај идеалистите кои во оваа мала партија видоа нешто „поразлично“ и се понадеваа дека конечно ќе се заврши префрлањето на власта помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
На запад ништо ново, ќе гледаме само нови лица на екраните, но истите улици, истата нечистотија, сиромаштија, воздушно загадување, сообраќаен хаос. Животот продолжува на идентичен начин, без нив или со нив.
Амбициозните и чесните политичари, дури и да ги има не можат да ја сменат реалната состојба бидејќи политиката е корумпирана, корумпирана е администрацијата, корумпирани се гласачите, корумпирани се сите државни институции со партиски вработувања, корумпирано е образованието, корумпиран е бизнис секторот, корумпирана е дури и мислата. Имаме капацитет да ги менуваме политичарите, но нема да можеме да ја смениме реалноста, се додека во Македонија владеат моменталните вредности и моменталната етика на народот.
Предизборната еуфорија ќе помине во оној момент кога ќе излезете на улица и ќе се соочите со старите проблеми, ќе појдете во државна институција и ќе ги чекате вработените 2 часа да завршат со пауза, ќе дишете воздух кој ве гуши, ќе се соочите со неправди кои надлежните институции ќе ги премолчуваат, со партиска полиција, со судство во кое има се освен правда, со празни џебови и драстични поскапувања, со лошо обаразование и уште полоши генерации…
Автор: Магдалена Стојмановиќ