Народен правобранител испрати барање до ресорното министерство за објаснување на платформите, техничките можности и наставните цели во реализирање на настава за деца со пречки во развој.

Во продолжение писмото на ОМБУДСМАН во кое се образложува содржината на барањето испратено до МОН:

„Со цел согледување на соостојбите со одржување на онлај наставата за учениците со попреченост Народниот правобранител согласно надлежностите писмено се обрати до посебните основни и средни училишта во Република Северна Македонија, односно до државните училишта во кои учат ученици со попреченост, со Барање да достават објаснување, информации и докази за тоа кога започнале со реализација на онлајн наставата и кои едукативни платформи, односно кои начини и облици на електронска комуникација ги употребувале за контакт со учениците/родителите/старателите. Во однос на техничките аспекти за реализација на онлајн наставата побара известување дали наставничкиот кадар располага со ресурси и информатички познавања за спроведување на истата, дали и колку ученици поради објективни причини не можеле да следат онлајн настава и што било преземено во случаи кога учениците немале технички можности и интернет да следат онлајн настава.


Од добиените податоци изготвен е и доставен до ресорното министерство Посебен извештај за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава за учениците со попреченост во кои освен заклучните согледувања дадени се и препораки со цел подобрување на состојбите со одржувањето на наставата за овие деца.
Анализата на одговорите дадени од училиштата генерално го дава заклучокот дека овој тип на настава е несоодветен за учениците со попреченост и дека ништо не може да ја замени директната лице-в-лице работа со овие ученици. Наведеното, поради нивните карактеристики, можности и способности за учење, но и поради фактот што голем број од овие ученици ги немаат потребните ресурси вклучително и поддршка за следење настава од дома.


Според народниот правобранител ресорното Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието при планирање на учењето на далечина, кое ги вклучува и посебните основни и средни училишта, задолжително треба да ги земат предвид и овие училишта, како и потребите на нивните ученици, при што треба да се осигура достапност на содржините, методите и технологијата. Само тогаш може да се почитуваат принципите на недискриминација и универзалност.“

Министерство за образование и наука пред неколку дена ја предаде Информацијата со план за реализирање на наставата во време на епидемија за основните и средните училишта во која не е детално предвидено како ќе се реализира наставата кај децата со пречки во развој.

По тој повод стигнаа низа критики и прашања од граѓаните кои Народниот правобранител ги застапил со ова писмо.

Извор: Официјална фејсбук страница на ОМБУДСМАН