Казни, а не апели да ги исплатат парите. Експерти, работници, јавноста – сите бараат Управата за јавни приходи да ги казни фирмите кои зеле државни субвенции, а не им исплатиле плати на вработените.

Директорката на Управата за јавни приходи вчера изјави дека имаат сознанија дека некои работодавачи од повеќе градови во земјава практично ја злоупотребиле мерката која Владата ја носеше за помош на фирмите во криза. Станува збор за работодавачи од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга. Согласно правилата тие добиваа помош за платите за да не ги отпуштаат вработените.

Таа апелираше газдите да ги исплатат платите.

„Сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени, вели Лукаревска.

Ова не е прв случај на злоупотреба на финансиски средства од страна на работодавците. Многу често во Македонија доаѓа до кршење на ЗРО, но бројот на пријавени и судски добиени случаи е релативно мал што ги обесхрабрува работниците да пријавуваат кршење на законот.

Извор: Македонски прес