Денеска почна Самит на земји од Западен Балкан чии домаќини беа Бугарија и Македонија, а самитот се одржуваше во Софија.

Самитот следува само неколку дена откако Бугарија ја блокираше Македонија во унапредување на фазите од усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ и добивање на датум за преговори.

Во одредување на Македонија и Бугарија за домаќински земји на Самитот, некои ја согледаа мудроста на ЕУ во зближување на заладените односи помеѓу двете земји и ставање на Бугарија во позиција од каде мора да извлече заклучок дека отстапувањето и балансирањето се клучни за општа благосостојба.

Но, државите од регионот што не случајно ги предводи Бугарија во „Берлинскиот процес“ по долго време се ставени под лидерство на Бугарија. Се чини како Бугарија да го користи членството во ЕУ и внатреправната рамка за да обезбеди уцена на земјите од Западен Балкан, со кои, барем поголем дел е во однос на конфликт или заладени односи.

ЕУ се инструментализира од лицемерната политика на Бугарија која има намера да лекува „стари рани“, а не да го води регионот кон „светла иднина“ каква што приказна ЕУ настојува да ни протурка.

Една држава членка на ЕУ која од почеток покажа дека не ги подржува прогресите на нејзините соседи, односно државите од регионот, туку има намера да ги блокира, не може да се гледа како искрен лидер. Напротив уште повеќе ќе се разгоруваат страстите кај државите што предолго се наоѓаат пред вратите на ЕУ и веќе се изморени од постојаното тапкање по раме со добивање на „позитивни извештаи“ и препораки од ЕК.

До каде ќе се протега лицемерието на ЕУ и дали некој ќе се охрабри да зборува за тиранијата на државите членки кон државите аспирантки во ЕУ користејќи го бизарното право на вето, останува да видиме.

Автор: Магдалена Стојмановиќ