Проектот REMEDIC-Прекуграничен центар за регенаративна медицина со матични
клетки го имплементираа Високата медицинска школа при Универзитетот „Св.
Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) и „Аристотелис универзитетот“ одСолун. Од
македонска страна, носител на проектот беше Високата медицинска школа во
Битола.

Прв ваков центар во Македонија

REMEDIC бил замислен како основа за прв центар од ваков вид во Македонија, со
лабораторија за изолирање и истражување на мезенхимални матични клетки од
масно ткиво. Во тогашните објави лабораторијата е претставена како прва во
Македонија за изолирање матични клетки од масно ткиво кај пациенти, како дел од
прекуграничниот центар со лабораторија и во Солун.

Проектот имал поширока цел – развој на регенеративната медицина, клеточните
терапии и научно-истражувачката работа, со потенцијал центарот да биде еден од
ретките со ваква намена во регионот. Проектот бил финансиран преку ИПА
фондовите, во рамките на прекуграничната соработка, со буџет од 485.303 евра.
Траел две години, од 2014 до 2016 година, а според податоците со кои
располагаме, околу 120.000 евра биле наменети за лабораториска и компјутерска
опрема и мебел за македонскиот дел.

Д-р Петар Стефановски, медицински експерт, доктор по онкологија и
радиотерапија, како раководител од македонската страна, бил директно вклучен
во реализацијата на проектот.

„Се работи за креирање на еден центар за регенеративна медицина со матични
клетки.Проектот беше дизајниран на начин да се обезбеди инфраструктура за која
помогна Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола,но посебно проектот
обезбеди средства за потребната апаратура и обезбеди средства да се развијат
протоколи за изолација на матични клетки од масно ткиво кај пациенти.Станува
збор за многу значајна процедура бидејќи со нивна диференцијација и ставање кај
болното ткиво кај тие пациенти со дегенеративни заболувања да се
имплементираат, со цел да се обнови новото ткиво“ истакна Стефановски.

Очекуваме со понатомошниот развој на лабораторијата, со развој на различни
понатамошни истражувачки протоколи во тоа поле, еден ден да бидеме центар
каде ќе можат да бидат изолирани матични клетки од пациентите и да им бидат
имплементирани сè е со цел да им се подобри нивниот квалитет на живот односно
нивното здравје. Матичните клетки се многу значаен сегмент зато што се поврзани
со малигните заболувања и од тука произлегува мојот ангажман како експерт во
оваа област затоа што и самите матични клетки на ракот се многу значајни за
развојот на раккот, а посебно во сегментот на лекување на ова заболување,
информираше д-р Петар Стефановски за време на промоцијата на проектот во
Битола.

Во проектот бил вклучен четиричлен македонски тим, со различни стручни
профили – лаборанти и кадар од областа на биохемиските науки.

Меѓу учесниците бил Владимир Спировски, лаборант во Високата медицинска
школа и учесник во проектот како асистент. Според неговото сведоштво,
четворица учесници со профили како доктор по биохемиски науки и
лаборантибиле обучувани десетина дена во Солун во текот на 2016 година, преку
предавања и лабораториски демонстрации, со цел стекнатото знаење да се
примени во лабораторијата во Битола.

Лабораторијата била изградена и опремена

Македонскиот дел од проектот предвидувал создавање и опремување на
лабораториски простор. Според сведоштвото на Спировски, лабораторијата била
подготвена, опремата била набавена, а бил обезбеден и обучен кадар.
Лабораторијата се наоѓала во простории на УКЛО, а по завршувањето на проектот,
според неговото сведоштво, ја презел Универзитетот.

Официјалниот извештај на REMEDIC потврдува дека завршниот настан за
македонскиот партнер се одржал на 11 и 12 ноември 2016 година во хотел
„Театар“во Битола.

На него присуствувале претставници на УКЛО и Аристотелскиот универзитет во
Солун. Меѓу македонските претставници биле д-р Петар Стефановски, Елизабета
Бахтовска, Анета Колонџовска-Корлевска, Морена Пандовска и Гордана
Ристевска-Димитровска, додека од грчката страна биле присутни д-р Арис Критис,
Теофанис Вавилис, Елени Ангелиду, Смарагда Арванитиду и Марија Хнараки. На
настанот биле поканети и новинари од повеќе медиуми.
Средбата била ко-претседавана од д-р Стефановски и д-р Критис. Биле
презентирани резултатите од проектот, неговото значење и потенцијалот на
создадените капацитети. Одржани биле презентации на повеќе теми, а била разгледувана и можноста за понатамошна прекугранична научно-истражувачка
соработка.

На 12 ноември 2016 година, учесниците ја посетиле лабораторијата во Битола,
каде што грчкиот тим спровел практична обука на македонскиот REMEDIC тим.
Во лабораторијата биле демонстрирани техники за изолација и култивирање на
матични клетки, а опремата била тестирана и евалуирана. Биле разгледувани и
експериментални протоколи, како и набавката на биолошки материјали и
разликите во законската регулатива меѓу двете земји.

За време на настанот д-р Петар Стефановски истакна дека центарот треба да
почне да функционира според протоколите кои ги налага една ваква лабораторија,
но и дека зависи од тоа колку финансиски средства ќе успеат да обезбедат во
иднина, а идејата е да се потрудат да добијат нови научни проекти за да се
имплементираат во иднина.

Проектниот извештај е особено важен затоа што покажува дека во ноември 2016
година лабораторијата физички постоела, била опремена и била користена за
практична обука и тестирање на опремата. Според предвидениот проект, покрај
компјутерска техника, и мебел, требало да се набават микроскопи, како и
специјални замрзнувачи за складирање на матичните клетки кои мора да се
одржуваат на температура од минус 360 степени целзиусови.

Според сведоштвото на Владимир Спирковски, по завршувањето на проектот,
практичната работа не продолжила во планираниот обем, а обучениот тим не бил
понатаму ангажиран во работата на лабораторијата. Прокетот од Високата
медицинска школа го превзел универзитетот кој ги обезбедил просториите за
лабораторијата.

Во досегашното истражување има ограничени јавно достапни информации од
УКЛО и Ректоратот за понатамошниот тек на проектот, состојбата со
лабораторијата и користењето на опремата по завршувањето. Од ректоратот не
добивме никаков одговор на нашите прашања што се случува со лабораторијата
на проектот REMEDIC, а мора да потенцираме дека во изминатиот период се
сменија три ректорски управи што ја усложнува целата ситуација во однос на
одговорноста за нефункционирањето на центарот.

Европски проект со изграден капацитет

REMEDIC зад себе оставил лабораторија, опрема, обучен кадар и воспоставено
партнерство со Аристотелскиот универзитет во Солун.

Според сведоштвото на директниот учесник Владимир Спировски, планираното
продолжување на научно-истражувачката работа по завршувањето на проектот не
се реализирало и затоа не бил информиран никој од проектните учесници.

Така, проектот што требало да постави основа за прв центар од ваков вид во
Македонија,кој требало да биде иновативен за лечење на голем број на
заболувања, остана со создаден лабораториски капацитет, но не профункционира
како што беше првично предвидено.

Дали во рамки на проектот била предвидена одржливост?

Проект реализиран со европски средства е малку веројатно да бил без предвидени
средства за понатамошна работа. Дали било предвидено во иднина финансирањето на овај центар целосно да биде под капата на Универзитетот во Битола, вклучително и вработување на персонал кој би работел во лабораторијата
како најголем трошок за негово функционирање.

Владимир Спировски во контекст на тоа нè информираше дека требало да се
обезбедат реагенси и некои останати материјали кои не се голем финансиски
товар за институција како универзитет. Особено имајќи предвид што тоа ќе
овозможи да поседува современа установа од чие делување полза би имале
стотици пациенти,и тоа пред сè од малигните заболувања од целиот регион, чие
лекување значително ќе се олесни а со тоа би се намалиле и трошоците на
лекување.

Во каква состојба е моментално опремата неуспеавме да дознаеме, стоејќи пред
заклучената врата на објектот, кој стои затворен со години.

Се надеваме дека покрај останатите институции и Министерството за здравство
ќе се вклучи во рестартирањето на оваа институција, како проект од национален
интерес за целата држава.

Александар Мишевски

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement)