Корупција не е само да потплатиш некого да ти направи услуга, со тоа што ќе си ја сработи својата работа. Иако најчесто така ја замислуваме. Најобемниот вид на корупција во Македонија е токму работењето на работа за која не си способен. И тоа во вредносен контекст се провлекува како идел „Учи да не работиш“ или „Работи што е можно поудобна работа, ама наплати си го своето знаење“, во превод ако „Работата го краси човекот“ е универзална и најцитирана максима, во Македонија таа делумно се релативизира со тоа што „Работата го гнаси човекот“.
Рацете му се валкани, или изгледа неуредно од работа…
Често ми се случува како новинар да барам изјави или да иницирам разговори со луѓе кои се стручни за одредена област или работат во рамки на некоја дејност. Тоа се различни профили на дејности во зависност од темата. Исто така, многу често ми се случува да го слушнам изговорот „Не сум доволно спремен/на“ или ми треба време да се подготвам на одредена тема.
Ако работите некоја работа 5-10 години, да не говориме ако ја работите целиот свој работен век и некој дојде да ве праша нешто за вашата струка и за работата која Вие, а не некој друг ја работи и Вие не сте подготвени да дадете одговор за Вашата работа, тогаш веројатно и никогаш нема да бидете подготвени. Најсовесното нешто што можете да го направите е да си дадете оставки или да престанете да се занимавате со работата која воопшто не ја ниту сакате, ниту ја познавате.
Ова особено важи за луѓе чија работа подразира нужно споделување на информации во кои има јавен интерес, а тоа се скоро сите сфери од пазарното делување, бизнис светот, НВО, особено носителите на јавни функции. Отука и не рабирам како носител на јавна функција во мала земја како Македонија може да е недостапен за новинари и за јавност или да има некој тим од 10 луѓе кои постојано ве препраќаат од еден до друг, бидејќи никој со сигурност не знае што точно е неговата работа, секој работи се, а во суштина не работи ништо.
Мене на пример често ми замеруваат зошто во моите колумни, книги или јавни настапи цитирам автори, пред се филозофи. Тоа се припишува како некој грев, затоа што луѓето не сфаќаат зошто е важно кога ќе кажеш нешто, да споменеш и кој претходно тоа го кажал во историски контекст и во која книга го запишал како референца.
Тоа е многу важно не само поради моето филозофско образование, особено не затоа што „сакам да се правам паметна“, туку затоа што е важно не само да знаеш „како стојат работите“ туку и зошто токму на тој начин стојат работите. За да имаш контекст, зошто лажењето не е добро, значи дека си го читал есејот на Кант за лажењето во кој детално објаснува и втиснува во свеста на читателот зошто „лажењето“ треба да се избегнува, а не само осудува како етички чин.
Да се знае теорија и да се чита, значи дека не мораш сите работи да ги учиш преку искуство, не треба да излажеш за да сфатиш дека лажењето не е добро. Да ги совладаш нештата на теориско ниво и да добиеш задоволителен одговор значи дека никогаш нема да треба да убиеш, за да сфатиш дека убиството не е добро.
Уште поважно е што, искуството многу повеќе од теоријата во етичките дилеми има навлекувачки однос кон злото. Затоа се вели дека оној што убил, ќе убие повторно, оној што украл, ќе украде повторно. Не затоа што, нема морални граници, туку затоа што искуството со злото е навлекувачко до ниво на зависност. Кога говориме за зависности секогаш говориме дека некој е зависен од нешто што е зло, лошо само по себе. Говориме за зависност од алкохол, дрога, коцка, зависност од лажење, маничност, никогаш не говориме за зависност од добри работи, затоа што доброто не создава зависност. Не постои термин кој опиштува некој кој е зависен од правење хуманитарни акции – веќе направил премногу.
На овој свет му недостига секогаш добро, а злото колку и да е статистички мало, секогаш е премногу, токму затоа што е „зло“ или неприродна состојба, Сократ смета дека е искривување поради незнаење. Е токму тоа незнаење го репродуцира злото до граници на не можност да се санираат неговите последици.
Во одредени гранки на медицината и лекарската професија, како и други дејности кои вклучуваат егзактно знаење, последиците од незнаењето се видливи веднаш и се несомнени. Ако хирург не знае да направи операција по сите протоколи – пациентот ќе умре и тука несомнено се гледа злото кое го создава некадарноста. Но незнаењето да се врши својата работа во било која професија создава несомерливи последици, кои од прва не се видливи за здраворазумскиот начин на гледање на стварноста.
На пример, ако сте архитект кој работи во некое архитектонско студио, затоа што татко ви бил угледен архитект кој инсистирал да ја наследите неговата љубов кон таа дејност и „да поминете полесно“ помеѓу еснафот во смисла на прифатеност и добредојденост и некој ве ангажира да уредите простор за домување и вие тоа го направите очајно, ќе нанесете материјални штети. Можеби за некоја година ќе нанесете и штета по здравје и безбедност на жителите на просторот.
Но во позадина се крие уште една многу посуптилно зло кое се нанесува со некадарноста, а тоа е фактот дека вие како таков некадарен архитект му го узурпирате местото на некој архитект кој посветено цел живот се образувал да ја работи таа работа и би ја работел многу подобро од Вас.
За да не ве служи пица во ресторан, како единствен начин да преживее со своето семејство, решава да си замине од државата. Тој човек веќе никогаш нема да биде истиот ентузијаст, да не зборуваме за чувството на носталгија за кое постојат клинички истражувања дека предизвикува депресија и ментални нарушувања. Да не зборуваме за распад на семејството и чувството на недостаток, за отуѓеноста и за пропаѓање не само на еден човечки живот, туку живот на цело семејство, на генерации луѓе, системско уништување на надеж. Тоа е злото со кое масовно се прави компромис во државата не гледајќи дека ја сечеме гранката на која седиме.
И тие што последни ќе го напуштат брод, не е важен редоследот, важно е дека бродот тоне и шансите некој да се спаси не се зависни од тоа кој ќе остане на највисоката точка од бродот што тоне. Затоа ако не ја сакате работата што ја работите и тоа е причината зошто не ја познавате, бидете доблесни и престанете да се бавите со тоа. Сепак здравата совест и мирниот сон се многу поважни од платата што ја земате секој месец.
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов


















