Постои еден чуден и тивок парадокс кај современиот човек кој не се гледа на прв поглед, но се чувствува во секоја промашена врска и во секоја празнина што останува по неа, а тоа е дека колку повеќе зборуваме за љубовта толку помалку сме способни да ја препознаеме кога навистина ќе се појави.
Не е дека правите луѓе исчезнале, не е дека светот останал без искреност и длабочина, туку нешто во нас станало неспособно да ја издржи нивната едноставност, нивниот мир и нивната тишина, па наместо да се задржиме покрај нив ние почнуваме да бегаме од она што всушност најмногу ни треба.
Албер Ками еднаш напишал дека човекот е единственото суштество што одбива да биде тоа што е, и токму во таа мисла се крие дел од одговорот, затоа што ние не бегаме од другите луѓе, туку од сопствената вистина која тие луѓе ја разоткриваат во нас.
Правите луѓе не доаѓаат со галама и помпи, тие не носат драматични приказни и не создаваат зависност од емоционални турбуленции, туку доаѓаат со мир кој за немирното срце звучи како здодевност, со стабилност која за навикнатата душа на хаос изгледа како недостаток на страст, и токму затоа тие често остануваат непрепознаени или уште полошо отфрлени.
Од друга страна погрешните луѓе се појавуваат како силни бранови кои ја вознемируваат внатрешноста, носат неизвесност, игра, недостиг и надеж во исто време, и токму таа мешавина на болка и возбуда ние ја именуваме како љубов, иако во суштина тоа е само зависност од адреналин.
Фридрих Ниче пишува дека не ги сакаме луѓето поради она што се, туку поради илузијата што ја создаваме за нив, и можеби токму затоа толку често се врзуваме за оние кои не постојат во реалноста, туку во нашата сопствена потреба да веруваме во нешто што ќе не возбуди.
И тука се раѓа прашањето кое на прв поглед звучи како парадокс, а всушност е огледало на нашата внатрешна состојба, зошто убавината сака да се расипе, иако вистината е дека убавината никогаш сама не се уништува, туку ние сме тие што не знаеме како да ја сочуваме кога ќе се соочиме со неа.
Кога ќе се појави нешто вистински убаво, нешто чисто и недопрено од игри и манипулации, во нас не се раѓа само радост туку и страв, затоа што таквата убавина не бара маски туку искреност, не бара улоги туку присуство, и одеднаш сме ставени пред сопствената неподготвеност да бидеме тоа што навистина сме.
Во тој момент полесно е да се отфрли убавото и да се врати познатото, дури и ако тоа познато носи болка, затоа што болката барем ни е разбирлива, додека вистината бара храброст.
Сигмунд Фројд ќе рече дека луѓето често не ја избираат среќата, туку познатата болка, и токму тука се крие одговорот зошто правите луѓе толку често остануваат сами, а погрешните постојано се повторуваат во нашите животи како лекција што одбиваме да ја научиме.
Ова не е приказна за љубовта како романтична идеја, туку за човекот како суштество кое стои пред избор помеѓу вистината и илузијата, помеѓу мирот кој бара зрелост и хаосот кој не бара ништо освен предавање.
На крајот прашањето не е дали постојат прави луѓе, затоа што тие постојат и секогаш ќе постојат, туку дали сме ние подготвени да останеме покрај нив без да ја расипеме убавината што ја носат со себе. Затоа што , како што ќе рече Достоевски, убавината и само таа може да не спаси и нас и светот!
Автор: Гоце Кузески

*Авторот е професор по физика и колумнист

















