Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечерва ќе ја пречекаат Старата нова година, која започнува утре, на празникот Василица, што според граѓанскиот календар се паѓа на 14 јануари.

Старата нова година се одбележува во земјите и заедниците што сè уште го користат Јулијанскиот календар за црковните празници, меѓу кои се и верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Празникот е поврзан со чествувањето на Свети Василиј Велики, еден од најзначајните христијански светители и теолози.

Во народната традиција, Василица се смета за ден на нов почеток, среќа и бериќет. Во многу македонски домови се подготвува свечена трпеза, а посебно место има василичарската погача или пита, во која се става паричка. Според верувањето, оној што ќе ја пронајде паричката ќе има здравје и среќа во текот на целата година.

Празникот е придружен и со низа обичаи и ритуали, кои се разликуваат од регион до регион. Во некои места се организираат маскенбали и василичарски поворки, кои со хумор и сатира ги коментираат општествените појави, додека во други средини доминира семејното и тивко празнување.

Иако не е официјален државен празник, Старата нова година и Василица остануваат длабоко вкоренети во културниот и духовниот идентитет на македонскиот народ, како симбол на традицијата, заедништвото и надежта за подобра година.