Менструалната сиромаштија во Македонија и понатаму останува тивок, но широко распространет проблем што ги отвора прашањата за здравјето, образованието и социјалната стигма околу женското тело.
Најновото истражување на „Новинари за човекови права“, спроведено на 2.700 испитанички, покажува дека голем број жени и девојчиња и понатаму немаат соодветен пристап до менструални производи, а дел од нив поради тоа пропуштаат училиште или работа.
„Подобрувања има, но тие се многу мали“, вели Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“, организација која веќе 15 години ја следи состојбата со менструалната сиромаштија.
Истражувањето покажува дека повеќето жени користат исклучиво влошки, додека алтернативните производи речиси и да не се достапни или познати.
„96,3 проценти од жените користат влошки, а менструалната чашка скоро и воопшто да не се споменува“, вели Доковска.
Но проблемот, според организацијата, не е само во пристапот до производите, туку и во недостатокот на информации и едукација.
Многу девојчиња и понатаму растат во средина каде менструацијата се третира како табу тема, а разговорите за менструално здравје најчесто изостануваат и дома и во училиштата.
„Младите девојчиња се борат со стигматизација и немаат од кого да научат за правилно управување со менструалните производи“, предупредува Доковска.
Дополнителен проблем се и несоодветните санитарни услови, поради кои повеќе од половина од испитаничките изјавиле дека некогаш пропуштиле училиште или работен ден.
Како дел од кампањата за подигнување на свеста, „Новинари за човекови права“ го промовираа пакетот „Мојата прва менструација“, кој содржи основни производи за менструална хигиена и е наменет за девојчиња во училиштата.
Од организацијата сметаат дека менструалното здравје не треба да се третира како приватен или срамен проблем, туку како прашање на јавно здравје, образование и достоинство.


















