Долго пред човекот да направи синтетички лепак во фабрика, природните материјали се користеле илјадници години за да се „спојуваат“ работите. Пред сè, разни смоли, кои можат да се најдат во многу растенија.

Истражувачите од Универзитетот Еберхард Карлс во Тибинген и од Универзитетот во Кејп Таун, додека ги анализираа камените алатки за целите на најновата студија, открија сосема нов вид праисториски лепак, за кој се верува дека е еден од најстарите во светот.

За време на истражувањето на неколку палеолитски локалитети во Јужна Африка, откриени се остатоци од лепак, кој е датиран во периодот од пред 100.000 години.

За разлика од смолата, оваа супстанца не беше леплива сама по себе, туку мораше да се претвори во лепак преку сложен процес на дестилација. Археологот и главен автор на студијата, Петрик Шмит, објасни дека овде можеме да видиме како луѓето почнале да менуваат одредени материјали веќе во праисторијата, а тоа, според него, е пресвртница во историјата на нашите предци кога станува збор за инженеринг.

Комплексен процес на дестилација

Остатоци од лепак стари повеќе од 100.000 години се пронајдени на неколку локации во јужна Африка, пред се на камени алатки кои со негова помош биле прицврстени на копја или рачки.

Според студијата, објавена во списанието PNAS, нејзината главна состојка биле листовите на растението Podocarpus latifolius. И изненадувачки факт е дека ова дрво не лачи значителни количини смола или која било друга леплива супстанција. Затоа, главниот фокус на студијата беше прашањето за производство на лепила.

По анализата дошле до заклучок дека луѓето од каменото доба можеле да користат две техники за производство на лепак, но дека за двете се потребни одредени вештини.

Првиот вклучувал палење на листовите и собирање на остатоците рачно, додека вториот процес баралнекаква подземна печка со простор каде што катранот капел неколку часа.

Но, зошто раните луѓе од јужна Африка го претпочитале овој сложен процес наместо лепливиот сок од дрво? Истражувачите тврдат дека главната причина е што дестилираниот лепак бил многу поефикасен и можел да поднесе многу поголеми оптоварувања од растителните. Сепак, главното откритие според нив е дека раните хомо сапиенси биле многу инвентивни дури и пред 100.000 години.