Ристо Лозаноски (1923 роден во Големо Илино, Демирхисарско-1965) со своите богати ликовни тенденции на создаваното дело, спаѓа во редот на оние македонски уметници кои оставаат длабок печат во развојот на македонскиот цртеж, графика и техничко-колористичко знаење. По повод сто години од неговото раѓање, во просторот на Националната Галерија Даут Пашин Амам како една своевидна ретроспектива во тек е изложбата на цртежи, графики и слики на поголем дел од неговото творештво. Основна инспирација и корени наоѓа во вообичаената тематика од секојдневниот живот и пределите на неговиот крај која потсетува на француските сликари од 20-тиот век, но исто така се интересира и за таинственото, за непознатите предели и расположби на човекот. Како учесник во НОБ, Ристо Лозаноски е повеќе наклонет кон експресија, изразувајќи ја трагедијата на човекот во изразот на лицата изведени со фовистичко-кубистички ликовен манир што е впрочем, јасна индикација за расположбата на авторот од тој период.

Во својата ликовна постапка овој уметник знае да се послужи со современи ликовни сфаќања и решенија што му овозможуваат да креира сликарски ракопис со индивидуална одлика и творечки импулс кој е изразито уникатен. Неговиот колорит се карактеризира со свежина, флуидност, интензитет, рустикалност и густо-пастуозно нанесена гама, а потегот со четка е спонтан и нанесен во широки плохи, одавајќи смисла за богато колорирање на целината.

Во сликите на Лозаноски преовладува фигуративното во коешто се јавува тенденција кон разградување и барање на структури во фигуративното. Всушност, се работи за еден темперамент со жив потег во обработката на деталите со експресивно-фовистички ефекти, но и форми кои некаде добиваат геометриски прекршени облици со изразит кубистички третман. Се добива импресија на еклектичност во неговиот сликарски израз, бидејќи освен што неговиот фокус е кон фигурацијата забележителни се одблесоци од неформалната апстракција, асоцијативното сликарство и енформелот или сликарството на материја.

Во графиките видливо е чисто техничко искуство во кое илустративното е усогласено со продлабочен ликовен третман. Тоа што пленува во овие творби е нивниот близок цртачки израз-нерв, со повеќе стилски елементи позајмени од кубизмот со чија помош гради една мозаична целина. Потаму, начинот на кој ги повлекува заоблените чисти линии во изведбата на актовите потсетува на големите современи светски сликари, со чија помош го манифестира својот ракопис како оригинален ликовен израз што не не’ остава рамнодушни при набљудувањето. Успешноста на насликаното дело претставува синоним за сензибилитетот во чинот на создавањето, во занесот, полетот и сентименталноста на избраниот мотив што во делата на Ристо Лозаноски е трансферирана преку богатите колоритни партии, романтично-носталгичната интонација и благата експресивна поетичност што го ублажува немирниот експресивен потег односно линијата.

Асоцијативниот сликарски јазик на Лозаноски се манифестира низ еден метафизички свет на пиктурална медитација, организирана во  неправилно органско изведени површини со постепено барање на боја и тон. Во овие апстрактни творби, кои најчесто се производ на неговата имагинација, Лозаноски успева да постигне хармонија и деликатни созвучја поникнати од интимата. Во овој контекст ке се надоврзам на Мерло Понти кој вели, цитирам:

Видувањето на сликата не е модус на мислење или присуство во себе: тоа е средство кое ми е дадено да бидам отсутен од себе, однатре да присуствувам на разбивањето на битието.

Со еден збор, делото на Ристо Лозаноски може да се објасни како спој на пиктурален и емотивен израз, што може да се определи како симбиоза на два момента: фовистички или експресионистички, но и желба да се разбие конвенционалното, да се истражува во непознатото и кон ирационалното експериментирање на вклопување нереалиситички фрагменти врз неодредени илузорни површини и предмети.

Автор: Марија Стојческа