Огромен скандал!!! Како можеше?! Како ли да ја казниме? Да воведеме инквизициски методи на казнување на злосторникот? Средновековна вештерка која треба да гори во пламен? Уште креативни предлози ве молам како да се казни девојчено на Евровизија која го фрлила македонското знаме на под?

Од видеото е сосема јасно дека Андреа не беше ни свесна дека го фрла знамето. Беше прашање на секунда кога некој од фотографите и сугерираше да се слика без него и таа не најде подобро решение одошто да го пушти да се лизга по под напуштајќи го просторот кој влегува во кадар. Андреа можеби не се сетила, а можеби и не научила дека пред знаме се стои мирно како во војска и се трепери до смрт од помислата на неговата симболичка големина.

Неа може да и се припише таа грешка на неискуство, на младост, на неснајденост, ама сепак не. Некој си дава за право да суди и одредува казни од ракав за оваа случка под изговор дека се чувствува понижен.

Не сме понижени кога не крадат, не лажат, преговараат за историја, ни менуваат знамиња, па имиња, па Устави, па не казнуваат за името Македонија, па ни одземаат слобода да имаме самоопределување, ама затоа тоа што евровизиската претставничка го пуштила знамето на под е СКАНДАЛОЗНО и сега таа мора да ја плати цената за сите понижувања и омаловажувања на национална основа, бидејќи некој мора да е жртвено јагне на Мојсиевиот жртвеник?!

Не се сеќавам дека МРТ нешто посебно инсистираше на размислување дали да го врати Гарванлиев од Евросонг кога системски правеше провокации со бугарски знамиња, признавање на двојно државјанство, лижење на газови на Бугарите токму во време кога Бугарија стави вето на преговарачката рамка. Зошто има двојни аршини?

Еее тоа за жал млади луѓе како Андреа нема да го знаат. Оти тие политички игри и препукувања на интереси се непознати за млади луѓе кои ентузијастички сакаат да се занимаваат со култура, со уметност, со литература, со наука… Андреа не треба да чека да ја вратат од Евросонг, првата авионска карта и назад. Под вакви уцени и навреди, јас не би одржала настап. Особено зошто е јасно каква инструментализација прави МРТ во овој случај каде што таа е главниот актер.

Вака се бркаат млади луѓе од Македонија. За скоро време нема да остане ништо убаво, различно, свежо и слободно. Па вие останете тука, пејте само химни и мавтајте со македонското знаме како на смотра во војска, пред истото тоа знаме на кое, тие што сте им пулени и полтрони одамна му ја одредија вредноста помала од тоалетна хартија!