Луѓето често забораваат да им изразат благодарност на своите ближни, иако преку одреден тип на пожртвуваност тоа го покажуваат преку делата, но уште почесто забораваат да си кажат „фала“ себе си за сите работи што ги направиле за себе и за другите во текот на денот, а останале со помислата дека сепак можеби тоа што го направиле не е доволно.

Во целата добронамерност која ја покажуваме за другите, во нашиот алтруизам и потребата да им го „олесниме“ животот на луѓето околу нас, нашите напори често ги запоставуваме, им го намалуваме значење, дури и самите своите залагања ги претставуваме како мали и незначајни. На тој начин себе се претставуваме како секојдневни суперхерои за своите ближни, како јаки индивидуи на кои другите може да се потпрат. Но вистинското соочување со последиците од таквиот погрешен пристап и себеприкажување како голем херој за очите и претставата на другите, следува кога вие самите ќе се соочувате со некој проблем и сфаќате дека околу вас нема никој.

Другите се навикнати на вашето херојство и за нив е занемарливо тоа што вие имате лош ден, бидејќи се убедени дека со вашата сила која претходно сте ја осигурале кај нив, ќе ги победите своите проблеми и повторно ќе бидете потпорниот столб на другите. Доколку сакате себе си да се претставите како суперхерои пред другите правите голема грешка, само поради тоа што ако понекогаш имате идеја дека ќе добиете „благодарам“ или вреднување на вашиот труд, тоа нема да се случи. Затоа во животот трудете се тоа „благодарам“ да си го искажете самите за себе и да бидете кормилар на својот живот, а на на туѓите очекувања за вас.

Луѓето кои не се тука за вас кога ви е потребна помош, луѓето кои не изразуваат благодарност за она што го правите за нив и оние кои ве прашуваат „како си“ само да си го задоволат жарот на љубопитството ви прават голема услуга само доколку сте навистина доволно силни да ги научите најважните животни лекции.

  • Кога сте сами со вашите проблеми, стекнувате нови вештини 

Понекогаш животот ни пружа тешки ситуации за да ни го исчисти патот од непотребните луѓе и товарот во животот. Во тешките моменти точно можете да согледате кои луѓе се тука да ви го зголемуваат теретот, а кои се лесни како пердув и ќе направат се да ви ги олеснат страдањата.

Оние првите ве учат на важни работи, а оние вторите го продолжуваат присуството во вашиот живот. Луѓето кои не се тука кога ви е потребна помош, ве учат како да се справите сами со сите проблеми. На нив прво треба да им кажете „фала“ за сите вештини кои ќе ги стекнете учејќи сами како да се справите со проблемите и ситуациите. Кога ќе го достигнете тоа ниво на независност, тогаш тоа „фала“ ќе си кажувате само на себе си.

  • На прашањето „како си“ секогаш се одговара со „добро сум“ 

Поголем број од луѓето не се тука да бидат ваши психотерапевти, ниту нешто важно ќе преземат доколку навистина дознаат дека можеби и не сте добро. Нивното прашање е само одраз на нивната љубопитност, тие само сакаат да се во тек со вашиот живот кој на некој начин ги возбудува или интригира.

На прашање „како си“ секогаш се одговара со „добро сум“, затоа што оние што се тука до вас и што добро ве познаваат, точно ќе знаат како сте без да ги ажурирате податоците за вашата состојба и ќе бидат тука за вас без да ја побарате нивната помош.

  • Нема да добиете благодарам, само ќе се позиционирате безбедно во улогата на пасивна жртва

Многу често сме ја слушнале реченицата „направив многу, а не добив ни едно благодарам за возврат“. Тоа искуство го има секој човек и не е грешката во оној што не ви кажал благодарам, туку во вашето очекување дека тоа благодарам некогаш ќе го добиете.

Луѓето сметаат дека кога доброволно се вклучувате да им помагате во животот, да им го разубавувате и да сте тука за нив тоа го правите на сопствена одговорност. Наместо „благодарам“ ќе добиете „никој не те терал да го правиш тоа“. Најголемата вистина која ќе ја слушнете е дека навистина никој на ништо не ве натерал, сосема доброволно сте прифатиле нечии правила на игра. Но она што мора да го сфатите како вистинска животна поука од таа ситуација е дека ваша добро волја е и кога ќе притиснете на таа кочница.

Наместо да очекувате некому да му текне да почне да го цени вашиот залог откако долго време не го направил тоа, потрудете се да стиснете на кочницата и да воспоставите контрола на воланот на вашиот живот. Нема среќен живот ако немате контрола над вашето време и секојдневие.

  • Немате ништо од тоа што некој ќе ве гледа како силна индивидуа 

Наместо да инспирирате луѓе и да се трудите секогаш да им го кревате моралот, престанете да бидете жртва на убедувањето дека сте незаменливи. Полни се гробиштата со незаменливи персони. Кога нема да бидете во функција на јака индивидуа која е сервис – емоционален, духовен, енергетски, финансиски, материјален, егзистенцијален или како и да е за другите ќе се изненадите колку бргу на ваше место ќе се постави нов носител на функција.

Секој од нас е заменлив, она што не е заменливо е времето кое го поминувате без да бидете свесни за сопственото значење. Наместо да се тркате по туѓите признанија, потрудете се да направите денеска нешто за ваша душа поради што ќе си кажете фала самите на себе си.