Во Културно информативниот центар во Скопје е поставена самостојната изложба на фотографии на Катја Штркова – Кочовка. Темата на изложбата е провокативна и актуелна и го носи насловот „Плажарење“. На изложбата може да се видат голем број фотографии, дел прикажуваат поединечни настани и лица од плажа, а дел од нив имаат сукцесивно – моторен карактер и презентираат некоја приказна. Фотографиите се црно-бело и сите се направени за време на престој на плажа. 

Низ својот објектив Штркова – Кочовска ни ја презентира реалноста на еден важен период од животот на секој човек – одморот кој обично се поврзува со плажа, со ослободување на телото, но и на однесување од како што ќе рече и самата „униформи“ и асоцира на отсуство од вообичаени норми при што на сцена стапува човечката природа и побуда за дива слобода.


1. Што е толку визуелно податливо на плажата? Зошто одлучи да направиш фотографии од луѓето, настаните и амбиентот на плажа? Според тебе за што е плажата синоним и на што прво те асоцира?

Штркова – Кочовска: Темата си дојде спонтано, исто како и на претходната изложба. Приметив дека имам некаков тек низ кадрите кои што даваат една целина и така логично ми е да има завршница во некаков облик, во случајов, изложба. Значи не ја бркав темата, туку темата ме бркаше мене. Плажарењето општо претставува одмор, мир, бегство од секојдневието. Сите одиме во природа да се релаксираме и да ги ставиме мислите на пауза. Да се оддалечиш од вревата и хаосот. Едноставна опуштеност. Освен спокојот, ми се допаѓа и ранливоста и природноста на човекот кога е физички соголен. Баш телото во најприродна форма без „шминка” и претопувањето со природните облици.

2. Во описот на најавата за твојата изложба на фотографии „Плажарење“ се наведува дека плажата е некој тип на слобода која му ја даваме на телото во периодот на престој на плажа? Може ли да образложување на оваа теза?

Штркова – Кочовска: Да, му ја даваме т. e. си ја даваме. Му дозволуваш да дише. Не си во секојдневната „униформа”.

3. Каква е според тебе улогата на фотографската уметност? Дали таа денеска служи да ја разубавува реалноста и каква врска има тоа со дигиталните алатки за уредување на фотографијата?

Штркова – Кочовска: Фотографијата според мене никако не служи да разубавува. Зависно од авторот што сака да прикаже, нели. Но во секој случај прикажува различна реалност од онаа што ја знаеме/гледаме.

4. Дали сметаш дека визуелната уметност, вклучително и фотографијата се под голем подем и промена како резултат на т.н. дигитална уметност?

Штркова – Кочовска: Не мислам дека биле некогаш во состојба на мирување, едноставно сега се повидливи поради достапноста на социјалните мрежи и технологијата што ни е во раце секој ден.

5. Што се најчесто објекти на твојата фотографија и што опишуваш и пренесуваш како порака преку твоите фотографии?

Штркова – Кочовска: Пораката е оставена гледачот да си ја оформи сам, бидејќи сепак мислам дека уметноста во било кој облик е ослободена од граници и е предмет на индивидуално толкување.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

 

Можеби ќе ве интересира:

Марина Атанасовиќ: Жените фотографи можат да креираат слики кои ги прикажуваат жените како моќни и повеќеслојни единки, а не само објекти на машки поглед