Една од темите околу која се води честа полемика во јавниот простор е новиот предлог Закон за родова еднаквост. Се поставува прашањето што е маж, што жена и дали едно обично изјаснување за чувство на припадност може да ја смени перцепцијата на општеството кон индивидуа кога се неговите полови/родови карактеристики во прашање. Вистина е дека општеството е немилосрдно во делење на категоризации, класификации, диференцијации, но никогаш не е математички прецизно во одредбите, заедницата е тука да создава митови и тоа е се чини неискоренливата карактеристика на човечката заедница. 

Како што било чудно што жените во одреден период носат панталони, или не им прилегала голотијата па морале да бидат облечени од глава до петици, така денеска не е чудно што кога ќе отворите социјални мрежи особено во летните периоди се прашувате дали воопшто и нешто некогаш облекуваат? Инфлуенсерството и новите трендови ја воспоставуваат женската голотија како норма иако тоа во релативно блиско минато било незамисливо. Денеска мажите посетуваат козметичар, иако во минатото за мажите козметички салон бил непристапна зона како за жените библиотеката.

Во погледот на ригидноста на социјалните нормирања и дозирањето на женскоста и машкоста, во смисла дали си доволно жена и дали си доволно маж отсекогаш имало и ќе има. Многу често може да се сретнете со приговори што не ви прилега како на женско/машко, или едноставно не сте доволно жена или доволно маж. И тоа збунува особено ако се потрудите да најдете дефиниција за тоа што е жена, а што маж.

Во моментот додека го ископав можеби единствениот час време ослободена од обврската да бидам 24/7 мама сервис,  на столчето паѓа една капка млеко. За раѓање и лактација, многу малку е релевантно дали јас се чувствувам како жена и како мене општеството ме перцепира. Со самото тоа прашањето дали сте маж или жена покрај социјалната димензија и израз на сексуалноста има јака биолошка заснованост и таа никако не може да се исклучи. Ако ме прашате дали сум жена, мојот одговор е секогаш потврден, без разлика на тоа што социјалните перцепции за жените отсекогаш ми пречеле. Едноставно ако почнам да се изјаснувам како маж поради тоа што ми пречи општествениот третман на жените, тоа нема да направи апсолутно ништо во поглед на поразување на социјалните перцепции кон жените.

Различен начин на воспитување на децата и фактот што македонското општество се уште многу полесно ги голта шовинистичките коментари за жените и лесно го согорува доброспакуваниот сексизам на мажите преку секојдневни коментари и комплименти, одошто феминизмот покажува дека борбата за женски права не само што не завршила, туку како и воопшто да не почнала. Феминистките се новокомпонираните вештерки кои ги спасил само фактот што инквизицијата веќе не е актуелен начин на справување со побунетите жени.

Но и за феминизмот има услов за стекнување со „членска книшка“. Ако се бориш за правата на жената, тогаш ги унапредуваш правата на жените ама како нефеминист, оти ти се бориш за правата на т.н. биолошка жена, а услов да бидеш феминист барем во констелацијата во Македонија денеска е да се залагаш и за унапредување на правата на ЛГБТ+ заедницата.

Што е жена и кој е тој фамозен закон што ги штити жените и се залага за унапредување на женските права? Дојдов до заклучок дека процесите кои ми се случуваат постпородилно во телото апсолутно не ги интересира дали јас се чувствувам како жена и дали општеството ме гледа како баш жена. Ок да речеме дека на тој начин знам дека сум жена и што тој закон за родова еднаквост како ваква жена, а не некој поинаква и посоодветна жена ми го придонесува како унапредување во општествената положба?

Во периодот кога дознав дека сум бремена останав без работа. Самиот факт што останав без работа само поради тоа што соопштив дека сум бремена, ми ја приреди првата горчина на мајчинството како базичната улога која се врзува исклучиво со жената. Додека ја водев борбата да докажам дека сум дискриминирана како жена, поминувајќи ја цела бременост од вратат до врата и состаноци од министри до носители на јавни функции, институции, адвокати и претставници на НВО, дојдов до ситуација да индиректно ми се упатува пораката „Глеј си детето госпоѓа и не се занимавај со женски права, оти правите жени си гледаат детето, не трошат време да бараат правда“.

Од друга страна, борбата за правда, подведена под борба за „женски права“ оти нели се работи за дискриминација на бремена жена и идна мајка, мора да се категоризира идеолошки соодветно. НВО особено, а потоа и институциите водени од либералната идеологија, прво те „мирисаат“ од врата. Ако им мирисаш на конзервативка и кажеш дека не би баш да се занимаваш со правата на ЛГБТ+ популацијата, но ти е важно да го истуркаш твојот случај до крај, најверојатниот одговор што ќе го добиете е дека сте „идеолошки непогодни“ и дека за вас „нема помош тука“. Едноставно организацијата нема интерес да и помогне на една конзервативка која со својот пример промовира мајчинство, семејни вредности и сл.

Кога сте идеолошки непогодни за НВО во Македонија, но и за граѓанските институции кои концептот на заштита на женски права го разбираат во брачна заедница со унапредување на правата на ЛГБТ+ заедницата, тогаш од шалтер до шалтер, од институција до институција барајќи ја правдата завршувате со единствена опција правдата да ја барате во црквата. Како борец за женски права, како обесправена мајка, како некој што се труди да ги направи поповолни условите на бремените жени, родилките и мајките, завршувате на протест пред Соборен храм, ве опкружуваат куп чудни мажи во облека со невкусна естетика, свештеници во црни мантии и ланци и крстови во златна боја кои смрдат на естаблишмент, убедувајќи ве дека Црквата е соодветната институција која може да ја дистрибуира правдата за вас и вам сличните. Ако сакате и воопшто некаде да се интегрирате со вашето искуство, хабитус, припадност, улоги тогаш во ваквите околности не ви останува ништо друго туку да се обратите до Црквата и да побарате таа да ги застапува вашите женски права во секуларно општество во 21 век. Која иронија!

Во 21 век, институциите во Македонија на обесправените жени, кои се биолошки жени и „не се нешто посебно жени“ оти другата категорија на небиолошки жени е многу позагрозена затоа што е многу и поретка, со своето непостапување и негрижа индиректно им велат „правда ќе си бараш во Црква и пред Господ“. И така додека собираш сили да останеш достоен на борбата за правдата и докажеш дека си дискриминиран и дека системот наоѓа начин да ги остава бремените жени без работа и да не им даде никаква поддршка на мајките со 24/7 работно време и тоа после породување со царски рез, кога ништо не е под контрола со „искусувањето“ на мајчинството по прв пат, кога целото тело ти е нуклеарна бомба од хормони, кога тече млеко на сите страни, а бебето ве чека да го нахраните, општеството ви вели „издржи МАШКИ“! Да тоа е начин на кој мажите издржуваат во општеството полно со жени кои се презафатени со тоа да бидат мајки, родилки, бремени, домаќинки, вработени жени во типично женски професии, а во суштина секогаш наидуваат на коментари и приговори кои им го шират расколот на сомнежот дека сепак не се ДОВОЛНО жени!

Пишува: Магдалена Стојмановиќ Контатинов