Во време кога малолетничката деликвенција сè почесто се појавува како симптом на подлабоки општествени, семејни и економски проблеми, прашањето за тоа како општеството се однесува кон децата во судир со законот станува клучно.

Дали системот нуди вистинска шанса за промена, или пак воспитно-поправните домови остануваат само привремена станица на патот кон повторно маргинализирање? Одговорите на овие дилеми бараат сериозен, стручен и хуман пристап.

Во ова интервју разговараме со Наташа Ристовска, магистер и раководител на сектор за ресоцијализација, која со долгогодишно искуство од непосредна работа со малолетни штитеници нуди длабински увид во причините што ги носат младите во воспитно-поправните установи, но и во слабостите и потенцијалите на системот. Таа говори за улогата на семејството, значењето на образованието и стручната обука, како и за неопходноста од силна постпенална поддршка без која секоја институционална мерка останува недовршена.

Ристовска отворено укажува дека ресоцијализацијата не е изолиран процес што завршува со напуштањето на установата, туку комплексен пат кој бара синхронизирано дејствување на институциите, семејството и локалната заедница. Преку нејзините одговори, интервјуто отвора важни прашања за рецидивизмот, недостигот од кадар и ресурси, но и за можните решенија што можат да им дадат реална, а не декларативна шанса на овие млади луѓе.

Кои се најчестите причини поради кои младите лица завршуваат во воспитно-поправен дом и што, според вашето искуство,најмногу влијае врз нивното девијатно однесување?

-Основна категорија врз која ја одредуваме малолетничката деликвенција е малолетноста, односно возраста на малолетните лица што ја детерминала како нивната личност така и нивното однесување во правец на прекршување на правните и моралните норми што во крајна линија го одредува и ставот на општеството кон нив.Респектот кон малолетниците се огледа во фактот што тогаш кога се јавуваат како сторители на инкриминирани поведенија, нивниот статус во кривичното право и кривичната постапка, како и третманот во однос на примената и извршувањето на кривичните санкции е посебен.

Често истата се поврзува  воспитната  запуштеност,  што во суштина преставува лишување на младите од воспитно делување и грижа за нив, односно отсуство на свесно планско и целисходно влијание на нивниот развој и формирање.Одредување на старосните граници на полнолетноста треба да го одразува пораното или подоцнежното созревање на младите што живеат во различни социокултурни,економски,едукативни и други услови.

Малолетникот е личност што е во фаза на формирање и созревање. Кривичната постапка кај нас се покренува против оние лица што се сметаат за кривично одговорни, а тоа се лица кои се над 14 години, а оние што се под 14 години не се кривично одговорни. Оние што се на возраст од 14-16 години  се сметаат за деца во судир со законот, како и сите лица над 16 години, додека пак помладо полнолетно лице е лице кое во времето на пресудување за дејство со закон предвидено како кривично дело наполнило 18, а не наполнило 21 година, согласно Законот за правда за деца.

Главните причини поради кои децата завршуваат во Воспитно-поправен дом се општествено-економските услови, како што е сиромаштијата, невработеноста,неможноста да се задоволат основните потреби на граѓаните, потоа семејството, особено нарушени семејни односи, дисфункционални семејства, семејства кај  кои се присатни социопатолошки појави, асоцијално и криминогено однесување  на одредени членови на семејството. Исто така растење во семејство каде родителите покажуваат претерана незаинтересираност, неможноста да им ја задоволат потребата за љубов, внимание и налконетост, при што детето не чувствува потпора и се чувствува напуштено, допринесуваат истото да се чувствува напуштено.Чувството на осаменост може да доведе до целосен или делумен застој на значајни емоции и до неспособност за трајно врзување за друга особа. Ладниот однос кон детето, избегнувањето, отфрлањето или запоставувањето, често води кон малолетничко престапништво.     

Каква улога има семејната средина во процесот на ресоцијализација и колку е важна соработката со родителите или старателите?

-Семејството ја има основната улога во поглед на воспитувањето на младиот човек, почнувајќи од неговото најрано детство. Во него  се стекнуваат првите животни искуства, базичните ставови и вредности, навики кои влијаат врз неговото подоцнежно однесување. Колку младите  се созреани, многу зависи од тоа колку нивните родители се успешни во реализирањето на превземените улоги.Воспитно-запуштените деца и малолетници се разликуваат од своите врсници по следниве особини: асоцијалност, непочитување на авторитети, непослушност, непријателско расположение кон другите, садизам, импулсивност, помалку се кооперативни, немаат чувство на вина, каење и страв, неправилен однос кон имотот, ниско културно-образовно ниво и сл.

Адолесценцијата е развоен период кој е под значајно влијание на родителите, врсниците, но и на општествените случувања. Проблематично однесување се јавува кај оние кои немаат поддршка од страна на значајните за нив лица, оние кои живеат во тешки социјални прилики. Од ова можеме да заклучиме дека е голема важност поддршката која ја имаат децата упатени во воспитно-поправен дом од страна на нивните родители, односно старатели,особено во постпеналниот период кога е неопходно градење на позитивна семејна клима, прифаќање, грижа која се изразува како вербално, така и преку однесувањето и воспоставување на здрав, отворен и директен начин на комуникација.

Сето ова е неопходно, а за  да се обезбеди неоходно е со родителите да се работи на јакнење на нивните родителски капацитети додека детето престојува во воспитна установа од заводски тип, бидејќи една од основните задачи на воспитната мерка е и издвојување од средината која негативно влијаела врз нив и сместување во специјализирана установа во која ќе бидат подложени на одреден воспитен и превоспитен режим. Тоа се неминовно два паралени процеса, кои се зависни еден од друг. Бидејќи успешната ресоцијализација не зависи само од резулатите кои се постигаат во превоспитниот процес во установата, туку од исто толкаво значење е и поддршката која ќе ја добијат во постпеналниот период надвор кога ќе ја напуштат установата.

Од што најмногу зависи дали ресоцијализацијата ќе биде успешна-од личната мотивација на штитеникот, од институционалниот пристап или од поддршката по напуштањето на домот?

-Надоврзувајќи се на одговорот од претходното прашање, да повториме дека успешната ресоцијализација е резулатат од комлементарноста на сите три фактори- личната мотивација на штитеникот, институционалниот пристап и поддршката која ја имаат, односно добиваат по напуштањето на домот од страна на нивните родители, старатели и поширокото семејно опкружување.  Ова е неопходно бидејќи не е доволно да ги затвориш лошите, доколку нема стратегија како да се  реинтегрираат во општеството, што всушност е и мотото на првата поправна институција, основана во Рим 1704 година.

Колку образованието, стручната обука и работните навики придонесуваат за намалување на ризикот од повторно вклучување во криминал по напуштањето на домот?

Во различните облици на третман, образованието и остручувањето на малолетните лица има суштинско значење. По правило тие немаат оформено образование што би одговарало на нивната возраст. Она што малолетникот не успеал да го оствари по редовен пат, сега низ извршувањето на кривичната санкција треба да го надополни. Токму од тие причини се инсистира  за време на извршување на санкцијата, на оформување на одреден степен на образовни квалификации спрема интелектуалните и другите способности на малолетникот. На општото основно образование се надоврзува насоченото образување и остручување за определен вид на занимање и работа, што е основен предуслов за успешно вклучување во животот на слобода и обезбедување на сигурна егзистенција.

Суштинската намена на поправните установи за малолетни престапници е третман кој ќе овозможи децата и младите да бидат сигурни, да се третираат хумано, а грижата за нивната добросостојба и развој се промовираат согласно меѓународните стандарди. Како резултат на таквата практика ќе се овозможи намалување на стапката на рецидивизмот по отпуштањето од установата.

Во функција на остварување на оваа намена, третманот тргнува од потребите на децата, посебно од оние потреби чие задоволување го намалува ризикот од рецидивизам и овозможува успешна рехабилизација: потреби за образование, остручување, личен развој. Задоволувањето на овие потреби преку примена на ефикасни третмански програми, кои ќе се надополнат со соодветни реинтегративни програми по излегувањето од установата се главните цели кои треба да ги остварат поправните институции за малолетници. Својата намена и целите на рехабилитација установите ги остваруваат преку единствен прогресивен систем на превоспитување.

Вклучувањето на структуриран индивидуален и групен третман, заснован на психо-социјален пристап, ресторативна правда и развој на вештини, овозможува поуспешна ресоцијализација и адаптација на малолетните сторители и значително го намалува ризикот од повторување на кривични дела. Образованието е една од програмските цели и важна  превоспитна сфера индивидуалната програма на секое дете, односно во процесот на воспитување и превоспитување.

Со поддршка за редовно образование, професионално советување и откривање интереси и преку индивидуални разговори  се работи на постигање на  краткорочни и долгорочни цели. Остручувањето се врши на тој начин што малолетниците, поделени по работни групи, циклично ги посетуваат сите расположиви обуки за занаети што постојат во соодветните институции, во форма на тримесечни или евентуално повеќемесечни курсеви по програми признати од државата.

Курсевите ги држат инструктори како вработен персонал во институциите, но по потреба може да се организираат и дополнителни курсеви со персонал вон институциите преку соработка со институции кои се занимаваат со специфични обуки за разни вештини – невладини организации. Во таа насока треба да се дефинираат нови занимања кои се актуелни и кои овозможуваат реално вработување и самовработување во конкретната средина односно тргнуваат од потребите на детето: автомеханичар, слаткар, бербер, молер, цвеќар, веб дизајнер, графичар, механичар, и тн.

Работното ангажирање мора да биде осмислено така да придонесе кон целите на рехабилитација т.е. да развива вештини и дисциплини потребни во реалниот свет и затоа мора да се дефинираат законски решенија за работен ангажман на млади престапници за да се обезбеди изучување на занаети со кои реално ќе се вклучат во општеството, како со своја идна професија произлезена од нивниот интерес како и соодветно да се регулира плаќањето, така да нема експлоатација ниту да се создаваат субвенции кои би делувале демотивирачки за младите да учествуваат во образовниот процес.Вака осмислен превоспитен третман, односно режим е единствениот начин да се намали рецидивизмот и повратништвото кај малолетните престапници.

Со кои најголеми предизвици се соочувате во процесот на ресоцијализација и дали системот во целина нуди доволна поддршка за овие млади луѓе?

-Процесот на ресоцијализација се соочува со низа предизвици од причина што системот не нуди доволна поддршка  за младите кои престојуваат во воспитни установи. Уште од почетокот на третманот, нагласокот мора да биде врз усвојувањето на образование и вештини за успешно вработување, самовработување и водење бизнис. Цела процедура и легислатива за вработување треба да биде пренесена на малолетникот и попрактично усвоена од него.

Во таа насока, во соработка со Центрите за социјална работа и други надлежни институции мора постојано да ја следи и да  прави анализи на берзата на трудот. Најголем предизвик со кој се соочуваме при реализирањето на превоспитниот процес е недостиг на кадар кој би бил носител на третманските  активности, како воспитувачи, така и инструктори. Стручните лица во установата  реализираат програми  за личен развој кои  одат во насока на стекнување на вештини за подобра комуникација, ненасилно разрешување на конфликти, говорни вештини, совладување на стрес. Во недостаток на ваков кадар се оневозможува нивно реализирање, а со тоа штитениците ќе немаат можност да се стекнат со соодветни знаења и вештини.

Надворешниот третман е вистинскиот постпенален третман, кој го спроведуваат Центрите за социјална работа. Тој ги опфаќа следниве мерки и постапки: давање материјална помош заради обезбедување основна егзистенција во прво време, обезбедување на работа, обезбедување на сместување, средување на односите во семејството, поврзување со позитивно друштво, надзор над користењето на слободното време. Иако според Законот за извршување на санкциите, Центрите за социјални работи можат на лицата кои се отпуштени од установите можат да им пружат различни форми на постпенална помош, Центарот  пружа само еден вид на помош, а тоа е давање на еднократна помош, а причините се во недостаток на средства и материјални можности на Центарот да им  обезбеди на поранешните осудени лица сместување и исхрана, лекување, усогласување на семејните односи, пронаоѓање на вработување, довршување на стручното оспособување, давање на парична помош за покривање на основните трошоци за живот, што е спротивно од членот 207 од Законот за извршување на сакциите.

Ова ни покажува дека не е доволно само донесување на законски решенија со кои се регулира постпеналниот прифат, а без притоа да не се обезбедат и финансиски средства за имплементирање на истите. Ако според Законот за правда на децата, член 46 Упатување во воспитно-поправен дом се изрекува кон дете спрема кое треба да се применат потрајни и засилени мерки на воспитување и превоспитување и негово целосно одвојување од дотогашната средина, а притоа Центарот е „оневозможен” да работи на подобрување на семејните односи, особено со родителите на малолетните престапници додека тие се сместени во одредени установи, се поставува прашањето како малолетникот откако ќе помине  низ процесот на ресоцијализација, под претпоставка тој да е успешен, повторно ќе се врати во непроменета семејна клима, односно повторно во истото дисфункционално семејство. Одговорот можеби  ќе го најдеме  во високиот степен на рецидивизам, особено кај малолетните престапници.

Како општеството може да помогне во прифаќањето на лицата кои излегуваат од воспитно-поправните установи, со цел да им се даде вистинска шанса?

На малолетниците треба да им се овозможи работа со праведен надоместок по можност во локалната заедница при крајот на мерката и да не биде насочено кон создавање на профит на установата, туку заработувачката да се одвои за да се создаде сума од заштедени средства кои ќе му се предадат на малолетникот по неговото отпуштање од установата.

Потребно е да се регулира со закон, можноста, фирма што ќе вработи отпуштен малолетник од поправна институција за малолетници да има бенефиции (слично како со заштитните работилници заради полесно згрижување на овие лица). Пример: малолетник кој има прогресивен тек на превоспитување и кој посетувал повеќе курсеви за обука по занаети и се стекнал со повеќе дипломи за успешно завршување на занаетите, посебно се истакнал при примена на угостителскиот занает.

Институцијата го предлага да работи во фирма (заштитна работилница) каде може да го работи овој занает, последните три месеци пред отпуштањето. Установата редовно го следи учинокот на малолетникот во фирмата, а заработката му ја става на депозит за да му ја предаде при отпуштањето заедно со писмената карактеристика односно препорака за други работодавачи.

Што би издвоиле како клучна порака до институциите и јавноста кога станува збор за превенција на малолетничкиот криминалитет?

-Неопходно е превземање на мерки со цел подобрување на постпеналната помош. Од сите видови на постпенален третман, давањето помош при вработувањето  сметам дека е најзначаен, имајќи ја во предвит неопходноста, бидејќи младите лица наидуваат на потешкотии при вработувањето. Како е една од мерките која треба да се предложи е и субвенционирано вработување на лицата од оваа категорија на деца кои дошле во судир во законот, односно интервенирање на државата со давање на поволности на фирмите кои ќе вработаат малолетни лица поранешни штитеници на установите во кои се реализираат кривичните санкции за малолетни престапници.

Сметам дека неможноста од целосно имплементирање на предвидените законски решенија во делот на надлежноста на Центрите за социјални работи, особено во делот на  работа  на менување на семејните услови и давање на поддршка на семејството и неговиот член по излегувањето од установите каде се реализирала некоја од изречените санкции, ја доведува во прашање успешноста на реализираната санкција и нејзините ефекти, особено ако не се обезбедат основните потреби за егзистенција. Обезбедувањето на образование и стекнувањето со стручна наобразба во институциите нема да бидат доволни, доколку на секое малолетно лице не му се овозможи и обезбеди работа, но и услови за сместување, како што се станови веднаш после излегувањето на слобода, особено оние кои имаат проблем со прифаќањето од страна на нивните семејства или пак бездомниците.

Во современи услови на живеење, семејството е онеспособено како воспитна институција, па затоа е неопходна поширока општествена интервенција со активно вклучување на сите институции со чија интервенција ќе се влијае врз зајакнувањето на семејството како примарен фактор на социјализација, а се со цел елиминирање на влијанијата кои го прават семејството еден од факторите кој влијае врз манифестирањето на престапничко однесување на малолетните лица.

Тоа е случај со оние семејства кои не остваруваат позитивно воспитување и позитивни навики, туку напротив таквата семејна атмосфера служи единствено како негативен модел на идентификација и имитација. Таквите семејства се поврзани со малолетничкото престапништво и малолетничката деликвенција, пред се затоа што во нив е загрозена социјалната адаптација и социјализација на младите луѓе.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов 

Повеќе на: