Архимедовата точка на која по секој земјотрес и урнатини, од темел се издигнува нов цивилизациски поредок, суверено чувајќи го споменот на своето време.

Да се чекори низ скопските улици е како да се патува низ историјата со временска машина. Да се пие кафе на Старата скопска чаршија е исто како да се откриваат темелите на историското народно битие. Да се поминува преку Камениот мост е како да се спојува видливото време кое го живееме и невидливото време кое е трансцендирано во светот на идеите преку душите на покојниците. Да го мирисате тешкиот, застарен воздух околу Кале е како да ја чувствувате маката на сите војници од апокалипсата на едно време.

За Скопје се вели дека од секоја страна има барем по еден археолошки локалитет. Пајонски Скупи, римско – Јустинијана Прима, омиленото место на Октавијан Август, град кој го инспирира раскошното патеписно перо на Евлија Челеби и просторот каде се поставени темелите на Душановиот законик.

Ниту еден земјотрес, војна или чума не го згаснале поривот на скопјани да градат. Тие го создале Калето, налик на Вавилонската кула која и денеска суптилно ги допира небеските хоризонти, горд и високо исправен сведок кој ги врзува сите генерации од негово создавање до денес. Старата скопска чаршија патеписците ги асоцирала на цариградската, а денеска таа е споменик на мултикултурализмот и интеркултурализмот. Чаршијата освен што ја отвора перспективата кон минатото преку столбовите на Камениот мост, таа го овозможува и погледот кон иднината, онаква каква што сакаме да биде – полна со меѓуетничка солидарност, мултикултура базирана на почит и помош.

Колку и води да протечат преку Вардар, тој повторно ќе биде Аксиос (Άξιος), нешто вредно. Колку и хераклитовското panta rei да ги потврдува промените преку водите на Вардар, Вардар верно и доследно тече низ своето корито над кое скопјани ги премостуваат и спојуваат минатото и сегашноста. Врвот на Водно сведочи за една творечка ерупција, во кое дамнешно време, се раѓала митолошката Геа, а денеска кога ќе го допрете врвот на Водно со своите стапала, имате чувство дека сте поблиску до ѕвездите.

Скопје е старо колку споменот на нашите баби за земјотресот од 63. Скопје е старо колку часовникот на Градскиот музеј кој засекогаш престанал да го одбројува времето. Скопје е старо колку аквадуктот во Визбегово, колку Адам од Говрлево, колку Мустафа-Пашината џамија. Старо е колку и колибите на Пајонците, колку и коњаницата на Јустинијан I, колку и крштевањето на потомците на Лидија во реката Вардар, колку и турските анови и амами низ Скопје, колку и круната на Цар Душан, колку и очите на Вера Јоциќ опишани во стиховите на Ацо Шопов.

Едноставно Скопје е зачнато од секој заб на историското време. Апсолутниот дух на времето ги роди скопските шмизли, светските културни фестивали, новите плоштади и споменици, ги роди и улиците на кои илјадници чекори дневно одекнуваат во вечноста, најубавите скопски меани во кои навечер се слуша звукот на стаоградската музика и се пие тиквешка амброзија. Скопје го згуснува течението на времето!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

* Текстот е награден во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ за 2022 година од страна на Дирекција за заштита на култура и уметност при град Скопје. Жири комисија во состав: м-р Елизабета Кузмановска – новинар, член м-р Филип Белчев – Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- претседател м-р Марија Антовска – Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- член