Изложбата на дваесетина платна акрил на платно под наслов „Пејзажи” на Дејан Иванов-Маргуш (роден во Скопје 1979) во Културно-информативниот центар во Скопје, докажува дека овој млад македонски автор е доследен на своите првични наклоности и преокупации, наоѓајќи се себеси во топлите македонски предели. Доследен на своето ликовно-естетско кредо и интима, тој создава дела што пленуваат со присуството на емотивност.

Прикажувајќи апстрактни композиции, Маргуш дава преглед на својот евидентен развој на начин такашто се ослободува од фигуративното и се води кон медитативна понесеност кој резултира во јасен ликовен израз. Љубовта што ја чувствува за јужниот предел, тој интимен порив на родниот крај, се проткајува и дише во посебно топлата колористичка гама.

Силовитиот замав создава немирна, брановдина арабеска за звучен колорит, што не значи дека употребува само топли бои. Напротив, овој уметник користи и постудени тонови низ кои го изразува непосредно квалитетот и концентрацијата на насликаното дело, поточно на занесот и полетот кои ја имплицираат неговата романтично-носталгична интонација и блага сентиментална поетичност.

Сликарскиот опус на Маргуш кој освен што бележи незначителни стилски промени на релација асоцијативно и апстракно без декоративност во колористичката гама, исто така, преку густата фактура која потсетува на испукана земја и избраздени земјени слоеви се наоѓа во сферата на енформелната уметност.

Впрочем, при анализата на еволутивниот процес во креирањето на овие творби тешко е да се разграничат компонентите на рационално обмисленото и спонтаното. Овие имагинарни простори се емотивно обоени, со квалитетот на бојата и техничката обработка не водат во метафизички простори кои се оживеани со суптилни потези, индицирајќи го современиот сензибилитет на авторот.

На прв поглед иако изледа дека е приклонет кон апстрактното изразување, сепак неговата форма потекнува од визуелната стварност, која потоа ја трансформира и ја стилизира во форми напоени со згусната атмосфера. Низ неа, всушност, го изразува својот темперамент и топол дух што му овозможуваат слобода во нијансирањето на своите ликовни замисли.

Дејан Иванов Маргуш во овие пејзажи се издвојува по ликовниот третман на густо нанесени намази со боја, разлевајќи ги во широки потези кои асоцираат на предел, а можеби уште повеќе  се одраз на стабилност и цврста конструкција, како крајната консеквенца на неговите настојувања.

Во секој случај, станува збор за интересна содржина, интересно ликовно интерпретирана поради фактот што натаму овие дела можат да се збогатуваат со нови димензии и аспекти на гледање.

Автор: Марија Стојческа