Најдобар пример за договорени и принудени бракови кои се склучуваат поради економски мотиви се оние во општества каде постои јасна социјална слоевитост на општеството, односно има остатоци од сталешкиот и класниот систем.

Во Индија и денеска се диференцираат 4 касти, иако во дел од социолошката литература се среќава споменување и на петта каста. Највисоко на општествената скала се наоѓаат Браманите или свештениците, што покажува дека Индија не е секуларно општество и дека со социјалните односи управуваат религиските институции, а не правниот систем. Браманите се
најмалку на број, но во нивни раце е концентрирана најголема моќ.

По Браманите, во стратификационата скала следуваат Кшатриите. Ова каста е составена од световните владетели и војсководците. Вашиите се трговците и селаните, а најниско на општествената пирамида на моќ се слугите и сиромашните луѓе или шундрите. Во Индија исто така постојат бездомници и екстремно сиромашни луѓе, но поради отсуство на систем за
социјална грижа, овие луѓе целосно се екскомуницирани од заедницата и тие не претставуваат ниту една каста, туку се надвор од кастинскиот систем и се нарекуваат парии.

Индискиот вредносен систем и свештенството поставиле забрана припадник на еден кастински систем да склучува брак или со припадничка на друг кастински систем. Ваквиот
принцип е воведен со цел одржување на стабилноста на кастинскиот систем и спречување на социјалната мобилност. Во суштина, идниското општество е фаталистичко и се верува дека каде ќе се родиш, таму треба да останеш цел живот, бидејќи тоа е судбинска одлука.

Анатема на разводот

Во македонското општество разводот не се разбира само како лична загуба, туку како целосно реструктурирање на социјалните односи и голема промена во опкружувањето и животот на поединците.

Разводот на бракот често резултира со раскинување на релациите со семејството на поранешниот партнер, а понекогаш дури се раскинуваат и контакти со своето семејство.

Брачните другари бракот го сфаќаат како фијаско на целото семејство. Но овие вредносни ориентации кон разводот се директна последица од начинот на кој се разбира бракот во Македонија. Во разбирањето на бракот уште постојат традициски остатоци и изборот на брачниот партнер се дел од одговорност на целото семејство.

Поради ваквото разбирање често кај семејствата на разведените брачни партнери се појаву страв, срам, чувство на стигматизираност и очекување осуда од средината. Раскинувањето на бракот во Македонија се третира како семејна, а не лична загуба.

Сепак постојат многу стереотипи и митови, со кои македонското општество допрва треба да расчисти. Во браковите во кои има деца, особено е важно социјалните релации да се продолжат поради поделба на родителската должност. Многу партнери не се подготвени да продолжат да ја обавуваат родителската должност по распадот на семејството. Разбирањето на бракот во Македонија е тесно испреплетено со разбирањето на семејството и домаќинството.

Тоа разбирање ќе го сретнете дури и во формулација од Уставот при дефинирање на семејството „како нешто што произлегува од бракот“. Но тоа не е точно, семејство може да произлезе и вонбрачна заедница, самохран родител кој одлучил да има дете без партнер, партнери кои делат родителска грижа, но не создаваат исто домаќинство и слични други примери. Бракот и семејството се сосема различни институции, најчесто поврзани, но нужно испреплетени.

Според психолозите, од суштинско значење е стабилна интеграција и социјализација по разводот и одржување на семејните односи, поради психолошка потпора на лицето кое поминува низ разводот.

Разводот може да се сфати како загуба доколку дојде до ненадејно соочување со фактот дека брачната заедница станала нефункционална, што обично се случува по прељуба. Но понекогаш може да донесе и ослободување доколку порано се прифати фактот дека брачната заедница е нефункционална и треба да се стави крај на нејзиното постоење.

Ставањето крај на брачната заедница и ослободување на чувство на задоволство е здрава реакција, бидејќи покажува свест и совест на брачните партнери кон бракот и неприфаќање да се останува во фиктивен брак.