Не знам што има срамно или страшно во тоа да се старее и да се биде во поодмината животна возраст.
Честопати слушам приказни кои само површно личат на беневолентна и добронамерна изјава: „Светот на младите им останува“ или „Јас сум стар/а да се прикажувам, им оставам простор на младите“.

Делумно ги разбирам луѓето кои се фрустрирани од своите години, од своите брчки и проширени пори на лицето, од нивната зголемена телесна тежина, и животни линии кои се познаваат во секој поглед. Ова општество е сурово, не тера да бидеме натпреварувачки настроени, да бидеме млади, убави, успешни, здрави, полетни, енергични, па затоа стареењето се прифаќа со доза на фрустрација, личен неуспех и чувство на непожелност.

Болеста исто така се чува во тајност поради страв од отфрлање, никој не зборува за своите несреќи, сите се фалат со своите победи, иако секој од нас барем 10 пати бил поразен и пред да ја направи најситната животна победа и да ја оствари својата цел.

Старите членови во општеството се многу важна карика, нивното животно искуство, мудрост и знаење треба да се прнесува најмногу и најмногу да е застапено во јавниот живот.
Старите Грци сметале дека староста е зрелост да се достигне животната мудрост и само мудрецот е способен за подучување на другите.

Староста не значи крај, староста значи нов почеток, кој некој после нас треба да го изгради, а тоа се новите генерации.
Во суштина доминантиот вредносен систем, ги прави постарите луѓе себични. Под паролата дека „Младите се можат“ и „Тие треба да се покажат“, тие одбиваат да им го пренесат сопственото знаење и искуство на младите, а сигурно сте забележале и дека повозрасните колеги на работа даваат јасен отпор кога е пренесување на знаење во прашање.

Едноставно не се подготвени да придонесат кон успехот на иднината, бидејќи сметаат дека нивниот успех или можноста за успехот е заробена во минатото, во нивната младост. А тоа е себична перспектива.

Искрено многу подегутантно ми изгледаат стари луѓе кои се трудат да изгледаат млади и од петни жили се трудат да го одржат својот младешки изглед, одошто стари луѓе кои достоинствено ја носат својата старост и дозволуваат годините природно да им се познаваат.

Во суштина стареењето е многу убав процес, староста покажува дека човекот минал низ многу порази, несреќи, борби и премрежја и сепак останал на нозе, достоинствено да го одживее својот живот. Тоа е најголемиот животен успех, а длабоката старост е убава. Јас му ја посакувам секому!

Автор: Магдалена Стојмановиќ