Почитта е елементарна вредност во успешните меѓучовечки односи и интеракции. Доколку нема почит, еден однос и интеракција може да прераснат во конфликт, избегнување или целосно раскинување на контактите и односите. Почит најмногу се покажува преку ситните гестови кон другите. Од обично поздравување на улица, до крупни чекори за заштита на туѓата благосостојба, интегритет и углед. 

Но почит не се покажува само преку преземена акција кон другиот, во многу случаи токму отсуство на реакција значи покажување на непочит кон другиот. На пример ако некој зборува за вас погрдни работи и шири гласини пред личност која ве почитува, доколку таа остане имуна и не преземе никаква акција да го заштити вашиот углед во ваше отсуство, тоа значи дека таа воопшто не ве почитува и не сте и значајни.

Втора ситуација во која отсуство на реакција значи директно искажување непочит е доколку експлицитно кажете дека нешто не сакате другиот да го прави во заедничкиот однос и комуникација со вас, а тој упорно продолжува да ги игнорира вашите барања. На пример доколку од некого побарате да не носи личности во ваша близина бидејќи ви создаваат чувство на непријатност, а секогаш кога ќе седнете заедно во ресторан покрај личноста која сте ја повикале ги гледате заедно со неа и оние луѓе кои не сте ги повикале и за кои сте дале до знаење дека не ви се пријатни, тогаш личноста на која и придавате внимание е сосема погрешна личност која само го троши вашето драгоцено време.

Игнорирањето на вашето барање и непостапувањето по него е директен показател за непочит. Секако не сте вие тие што секогаш треба да имате некои барања и да очекувате другите да ви ги исполнуваат. Но доколку другата личност покажала согласност со вашето барање во моментот кога е изречено и не покажала никакво негодување, отпор или не нагласила дека вашето барање е премногу, тогаш непочитувањето на барањето може да го третирате како манипулација и предавство.

Важно е да запомниме дека другите луѓе понекогаш прават и несвесни и добронамерни грешки, затоа не е неопходно веднаш да реагираме на искажана непочит. Доволно е неколку пати да укажете што навистина ви смета и да дадете разумен период во кој другиот ќе покаже дали ве почитува и сфаќа сериозно. Ако и после неколку укажувања и долг временски период, грешките се повторуваат, тогаш не станува збор за грешки, туку за стабилно воспоставен систем на односи и комуникација.

Во тој случај не се надевајте на промена и продгответе се да го свртите новиот лист и да дадете шанса на други луѓе. Не е гаранција дека ако повеќето ве изненадиле негативно, дека секоја следна личност нема да ве изненади позитивно!