Сопиште е неговиот дом, местото каде што го поминал своето детство и како што се вели народно „го знае секое камче“ во општината. Граѓаните на Сопиште го препознаваат како човек од доверба, некој што ги штити интересите на граѓаните и секогаш се залага за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, а особено условите во општината. 

Пошироката македонска јавност пак, најдобро го запемти како градоначалник кој на минатитите локални избори во Македонија ја однесе најубедливата победа. Со над 80% од гласовите, жителите на Сопиште му укажаа целосна и недвосмислена доверба на Јане Мицевски. Во историјата се запиша како еден од најомилените политички личности од Македонија, на што неспорно укажуваат изборните резултати од последните локални избори.

Претходно беше и пратеник во Собраните на Република Македонија, а за него велат дека на секоја работа ѝ приоѓа со огромна одговорност. Не го менува карактерот поради функцијата на која се наоѓа, секогаш е приземен, скромен и достапен за сите луѓе.

Во разговор за „Мој збор“, Мицевски ја открива својата човечка, топла и хумана страна. Говори за своето семејство, организацијата во домаќинството, но и за празничниот период кога сите ние имаме зголемена потреба да припаѓаме и да бидеме „стоплени во студените денови“ од семејната љубов и хармонија.

Исто така, важи за политичар кој ги негува традициналните семејни вредности и кој секогаш го истакнува големото значење на семејството во животот на секој поединец. Но овој пат ни ја откри и својата романтична страна, односно како за својата сопруга Емилија знаел дека е вистинската уште на прв поглед.

Дали дома учествувате во подготовка на празничната трпеза?

– Мислам дека тука треба да бидеме на јасно сите, дека нема маж што не учествува во подготовка на трпеза дома, ако се земе предвид дека во нашето семејство има две мали деца.

Често пати знае да се случи таа благородна работа да ја завршат мојата сопруга и мојата мајка, бидејќи практично живееме во иста куќа, но сепак останува и за мене секако некој дел што морам да го завршам.

Колку ви значи поддршката од сопругата и дали во време на празници знаете особено да ја истакнете благодарноста за нејзината поддршка?

– Поддршката од мојата сопруга е многу важен дел и сегмент од моето секојдневно издржување на предизвиците и водење кон успешни проекти, со тоа што морам да потенцирам дека откако ја запознав првиот ден и знаев дека таа е таа вистинската, Емилија ми е најголема поддршка заедно со моите две дечиња.

Морам да бидам нескромен поддршката е обострана, па и ние како секое нормално семејство се бориме со секојдневните предизвици во однос на растење деца, функционирање, обврски, бркање во чекор со времето да не доцниме, но на крајот од денот, цел тој позитивен хаос ја прави хармонијата која ја имаме заради нашата обострана поддршка.

Како родители на мали деца колку ви значи да ја прифатат семејната традиција и да се радуваат на истата?

– Традицијата е наша заедничка одлука во однос на воспитувањето и растењето на нашите деца. Нашите деца зимскиот празничен дел им започнува најпрвин со славите, каде што можат да се дружат со други дечиња, нашата семејна слава Свети Никола, а потоа и новогодишните и Божиќните празници.

Многу ни е важно да растат во духот на традицијата и многу ни значи истото, а секако тука е нивната детска радост на целомесечната атмосфера, каде што често пати е потхранета со пакетчиња и подароци кои ги разменуваат со другите дечиња.

Што би сакал како татко твоите деца да го научат од тебе? Што е според тебе најважната доблест во животот?

– Честа и образот најважно, а веднаш потоа дека напорната работа, вредниот карактер и почитувањето на секоја професија од која не би се срамеле, ќе ги однесе до вистинското место во животот, а тоа е на местото на успехот.

Дали за Божиќ подаруваш подароци на семејството или таа традиција ја практикувате за Нова година?

– Обично додека уште се мали децата Дедо Мраз ги носи вечерта на Новата Година подароците, па кога ќе се разбудиме утрото ги отвараме да видиме што ни донел, но знае да се случи и некој подарок да им задоцни и за Божиќните празници.

Што обично се наоѓа на вашата божиќна трпеза?

– Сѐ она што се наоѓа во секој нормален дом во Македонија. Бадник посна трпеза, Божиќ дозволено е и мевце. Трпезата е нормална и скромна како во секое семејство, така да не поминува без традиционалните македонски јадења.

Како градоначалник кој е постојано на служба на граѓаните и во општината Ве знаат како некој што е постојано тука и градоначалник кој секогаш крева телефон секому, имате ли време барем за Божиќ да одите на гости, да викнете дома гости, време за дружба со драги луѓе?

– Да, не смееме тој период да го промашиме, секако дека тие се деновите што се дружиме со драги луѓе, штета е што се неколку дена бидејќи со пријатни луѓе секогаш треба повеќе време, но секако и преку целата година се практикуваат дружбите.

Се смени ли односот на другите луѓе кон Вас откако станавте градоначалник?

– Не, не се смени односот на другите луѓе кон мене, се смени мојот кон другите луѓе. Ако некогаш порано можев да си дозволам да заборавам некого да не побарам ако ми ѕвонел на телефон, денес го немам тој луксуз и морам да искомуницирам со секого.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов